Одлука во Словенија во вториот круг
23 октомври 2017![Symbolbild EU & Slowenien](https://static.dw.com/image/41051624_800.webp)
Сите прогнози велеа дека претседателот Борут Пахор ќе биде победник уште во првиот круг на вчера одржаните претседателски избори. Но, тоа не се случи. 53-годишниот Пахор мора да оди во втор круг, каде противкандидат му е градоначалникот на Камник, поранешен комичар и актер, Марјан Шарец.
Според Централната изборна комисија, Пахор вчера освоил околу 47% од гласовите, додека на контото на 39-годишниот Шарец, кој не припаѓа на ниту една партија, отишле 25% гласови.
„Скромен аплауз од два-тројца и едно тивко браво“, извести словенечката телевизија за расположението во изборниот штаб на Пахор, каде се очекуваше јасна победа уште во првиот круг. Шарец, пак, ги славеше изборните резултати. „Овој резултат е создаден од ништо“, изјави тој. Успех е самиот влез во вториот круг, оцени Шарец, кој тврди дека се кандидирал за да го разбие две и пол деценискиот политички спектар во земјата.
Одзивот на претседателскитеизбори беше нешто над 40%, односно најнизок од прогласувањето на независност на Словенија во 1991 година. Во Словенија претседателот има главно репрезентативна улога. Пахор на оваа функција е од 2012 година. Тој доби имиџ на „Инстаграм-претседател“. На оваа мрежа го следат повеќе од 40.000 луѓе.