1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Одлучно против корупција во здравство

Бен Најт/ К.К.16 август 2015

Германската влада предложи закон со кој би се ставил крај на корупцијата на релација лекари - фармацевтски компании. Со предлогот не се премногу задоволни ниту лекарите, ниту експертите.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Корумпирани лекари, фармацевти, физиотерапевти и медицински сестри можат да се соочат со затворска казна, дури и до пет години, доколку се докаже дека примиле мито. Така предвидува новиот закон, кој го предложи германската влада. Во средата (29.07.2015) владата на канцеларката Ангела Меркел потпиша антикорупциски план, кој го презентираше министерот за правда, Хајко Маас.

„Корупцијата во здравството ја поткопува довербата на пациентите во исправноста на одлуките на здравствените работници“, смета Маас. „Корупцијата ја ограничува конкуренцијата и медицинските услуги ги прави поскапи.“

Некои ќе речат дека со новиот закон се доцни, бидејќи доаѓа како одговор на пресудата на Сојузниот суд на Германија, во случај кој ја згрози јавноста. Највисокиот германски суд ја отфрли пресудата со која е осуден претставник на една фармацевстка компанија, кој на лекарите им пишувал чекови од 18.000 евра. Тие чекови биле дел од планот на компанијата, како „награда“ за лекарите кои препишуваат одредени лекови. Според пресудата на Сојузниот суд, тоа не можело да се оцени како корупција. Новиот закон е осмислен, така што со него ќе се зајакне контролата на соработката меѓу лекари и фармацевстки компании.

Моќта на пенкалото

„Лекарите издаваат рецепти за лекови во вредност од 100 милијарди евра годишно“, вели Волфганг Водарг, шеф на работна група за борба против корупција во здравство во „Транспаренси Интернешнал Германија“, во која и самиот е лекар. „Значи, тие имаат моќ со своето пенкало да одлучат каде ќе отидат јавните средства од данок и здравствено осигурување. Ако на нив влијаат оние кои ги сакаат тие средства и ако тие лекари се корумпирани, настанува голема штета, не само финансиска. тука и за пациентите, на кои често им припишуваат лекови, кои воопшто и не им се потребни.“

Министерот за правда Хајко МаасФотографија: picture-alliance/dpa/Gambarini

Од таа причина, Водарг го поздравува новиот закон. „Самиот факт дека корупцијата во здравството е прекршок, е исклучително многу важен. Изгледа дека владата конечно го сфати тоа сериозно“, вели тој.

Но, дали новиот закон не е ништо повеќе од обична, млака реакција на пресудата на Сојузниот суд? Роланд Штал, портпарол на Сојузната лекарска комора (КБВ), е скептичен во врска со тоа. „Не сум сигурен дали навистина ни’ беше потребен ваков закон. Но, сега е тука и ние го поздравуваме. Корупцијата е споредно прашање. Не велам дека не е важна, но не е дека го преплави здравството“, смета Штал.

Тој тврди дека довербата меѓу пациентите и лекарите во Германија се’ уште е многу цврста и дека секој лекар би бил луд за да ја загрози. Уве Брох, раководител на правниот оддел на германскиот Сојузот на истражувачките фармацевтски компании, има слично мислење. Сојузот има правило до кое сите компании-членки мора строго да се придржуваат. „Јасно е дека довербата на пациентите во лекарските одлуки е најважна. На членовите на нашиот Сојуз им е јасно дека независноста на лекарите мора да се сочува. Кон тоа тие се придржуваат со години, врз основа на сопствени прописи“, вели Брох.

Пациентите имаат голема доверба во лекаритеФотографија: DW-TV

Слабости

Кога нацрт-законот претходно беше предложен оваа година, Водарг и „Транспаренси Интернешнал“ писмено предложија листа на амандмани со цел да го зајакнат предложениот закон. Ниту еден не беше прифатен.

„Посебно ми е жал што со законот корупцијата не е карактеризирана како кривично дело, кое, во тој случај, ќе биде предмет на јавни тужби. Тоа значи дека обвинителите ќе можат да отворат случај само ако правно признаена организација поднесе тужба. Тоа, секако, не е добро, бидејќи ваков тип корупција е прашање од јавно значење. Рацете на обвинителите би требало да бидат одврзани за покренување истрага според своето дискреционо право“, смета Водарг.

Штал не се согласува целосно со таа теза. „Со сета почит, ова е нешто што го отсликува нашиот правен систем - фактот дека обвинителите се активираат само кога имаат конкретен сомнеж. Не сум правник, но сепак сметам дека не би било добро ниту ако јавните обвинители го работат само она што го сакаат“, вели тој.

Брох нагласува колку е важна соработката меѓу лекарите и фармацевстките компании. „Без таа соработка нема да има напредок во медицината. Се разбира дека се појавуваат тензии во таа соработка, но независноста на лекарите, во секој случај, мора да се сочува“, тврди Брох.

Никој не знае точно колку пари преку корупција потрошиле германските здравствени работници, иако се шпекулира дека станува збор за неколку милијарди евра. Новиот закон, направен за да ја спречи таквата појава, најверојатно ќе стапи на сила дури следната година.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми