1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Одлучувачки денови за Луганск и Северодоњецк

Палина Милинг (АРД)
27 мај 2022

Украинскиот претседател Зеленски ја обвини Русија за водење на „очигледна политика на геноцид“ во источна Украина. Борбите во Донбас се интензивни.

Ukraine Brücke nach Severodonetsk
Мост кој ги поврзува Северодоњецк и Лисичанск Фотографија: Aris Messinis/AFP/Getty Images

Патот кој води кон Северодоњецк, град во кој сега се водат веројатно најтешките борби во Донбас, во меѓувреме се вика „пат на животот“. Тесната сообраќајна артерија - по една лента во секој правец - во моментов е најважната поврзница. Но, и таа е загрозена.

Единствената улица која води надвор од градот

Видео кое е објавено од украински меидуми, како што се тврди, ја покажува состојбата во тој дел од земјата. На видеото се гледа дека афалтот е делумно покриен со шут. Лево и десно има облаци од чад. Очигледно, борбите се блиску.

„Патот не е окупиран, но е гаѓан од непријателот. Армијата, зависно од ситуацијата, не пропушта цивили“, објаснува воениот раководител на регионалната управа на Северодоњецк, Роман Власенко во изјава за украинската телевизија. „Сѐ уште имаме можност преку овој пат да ги одведеме на безбедно луѓето и во Северодоњецк да донесеме хуманитарна помош и вода. Сѐ уште функционира и воената логистика.“

Северодоњецк е стратешки важен

Контактите со Северодоњецк се ретки, само малкумина можат воопшто да ја опишат ситуацијата во градот. Пред избувнувањето на војната, во Северодоњецк живееја околу 100.000 луѓе. Според проценките, околу десет проценти од нив сѐ уште се таму - под катастрофални услови: без гас, без струја, без вода. „Може да се каже дека таму е пекол. Веќе нема општинско снабдување“, потврдува Власенко. „Ако воопшто успеат, спасувачите ќе поделат вода на населението.“

Луѓето практично живеат во бункерите или во подрумите на високите згради: „Некако готват во соседството, надвор или само накратко излегуваат во своите кујни. И во такви моменти можат да станат жртви на нападите“.

Северодоњецк е стратешки важенФотографија: Aris Messinis/AFP/Getty Images

Градот се состои практично од згради. Ретко која останала неоштетена. Сликите покажуваат од бомби уништени фасади, изгорени станови и урнатини во дворовите. Северодоњецк, град кој се простира околу голема фабрика за ѓубрива, во 2014 година доби на значење. Кога регионалниот главен град Луганск падна во рацете на сепаратистите, администрацијата привремено се пресели таму. Сепак, не е јасно колку долго украинските вооружени сили ќе го држат Северодоњецк. Руските трупи го држат градот во клешти, тој е опколен од три правци. Информациите од военото поле не можат независно да се проверат.

Повлекување за да се добие во време?

Вклештување му се заканува и на остатокот од регионот на Луганск кој сѐ уште е контролиран од Украина. Според украински извори, 95 отсто од таа територија сега е под руска контрола. Руските трупи би можеле да се обидат да ги опколат украинските единици во регионот на Луганск.

- повеќеДонбас: „Човек не знае кој од каде пука“

Воените аналитичари шпекулираат дека Украинците би можеле да се повлечат за да ги спасат војниците и да причекаат залихи со оружје од Запад за евентуална контраофанзива во втората половина на летото. Дотогаш се очекуваат уште жестоки борби.

- повеќе: Зошто Донбас е толку важен за Русија?

Според прогнозите на украинската војска, руските напади во областа Луганск би можеле да го достигнат својот врв во следните неколку дена. Воениот началник на регионот, Серхиј Хајдај, зборуваше буквално за одлучувачки денови.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми