1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Односите меѓу Србија и Хрватска одат кон бездна

29 август 2011

Размената на остри зборови и обвинувањата меѓу српските и хрватските политичари сведочи за влошувањето на политичките односи меѓу двете земји. Што е поводот за новата затегнатост во односите меѓу Белград и Загреб?

Фотографија: DW

Во Белград тоа влошување се гледа како дел од внатрешно политичката борба во двете земји. Некои сметаат и дека се работи за обид на Хрватска да ја искористи моменталната слабост на Србија на меѓународната сцена.

Српско - хрватските односи одат кон бездна и тоа најмалку од три причини, истакнува за Дојче веле Никола Јовановиќ, уредник на периодничното издание „Предизвици во европските интеграции“. Првата причина е што актуелната хрватска премиерка, Јадранка Косор се обидува да придобие што е можно повеќе гласови од десницата, па дури и од екстремната десница, оценува Јовановиќ. Таа поради тоа го радикализира својот дискурс.

Ја признавме независноста на Косово и ако имаме економски интерес, дополнително ќе ја зајакнеме соработката, рече викендов хрватската премиерка, Јадранка КосорФотографија: DW

Другата причина, според зборовите на Јовановиќ, се однесува на проблемот со Косово, бидејќи Хрватска се обидува да го искористи сегашниот вакуум не само преку некоја политичка иницијатива, туку и со своите стоки за Косово, што на некој начин е и злоупотреба на целата ситуација.

Српско – хрватските односи: топло – ладно

Системот на топло – ладно не е ништо невообичаено за односите на земјите од регионот, смета копретседателот на „Игманската иницијатива за Србија“, Александар Попов. Србија е во посебно чувствителен период, поради подготовката на мислењето за кандитатурата за ЕУ, па од таму изјавите на премиерката Косор во Приштина ги изиритираа српските власти, оценува Попов. Важен момент е и близината на изборите, вели Попов.

„А, ние сега имаме подготовки за изборите и во Хрватска, до крајот на годината, и во Србија, на почетокот од следната година. Така што, надворешнополитичките односи всушност често се злоупотребуваат за внатрешнополитички цели. Веројатно затоа тој тренд уште некое време ќе продолжи, додека не завршат изборите во Хрватска, но исто така и носителите на власт во Србија мораат да водат сметка за тоа како нивното гласачко тело ќе се определува според некои ставови, што тие ги изразуваат“, заклучува Александар Попов.

Србија добива напади од соседите додека ја чека препораката за кандидатскиот статус за членство во ЕУФотографија: picture-alliance/ dpa

Ќе биде подобро на долг рок?

Земјите од регионот, без оглед на влезот на Хрватска во ЕУ, делат слична судбина, смета Јовановиќ. Тоа значи дека сето она што моментално се случува не би требало трајно да влијае на односите во регионот, вели Јовановиќ.

„Така што, сметам дека на долг рок земјите од регионот се упатени кон соработка, а не кон конфликти. Се надевам дека српско – хрватските односи, можеби како клучни во регионот, покрај српско – албанските, на среден, а посебно на долг рок ќе почнат да се движат нагоре и ќе има пораст“, оценува Никола Јовановиќ.

Зголемен степен на нервоза

Во Србија секако дека постои зголемен степен на нервоза по посетата на Ангела Меркел и неизвесност околу понатамошните европски интеграции, оценува Александар Попов и додава:

Експертите во Белград сметаат дека односите на долг рок ќе бидат добри, а дека размената на напади има внатрешнополитичка целФотографија: RIA Novosti

„Но, воедно мислам дека соседите мораат да водат сметка за чувствителноста на Србија за можноста од губење на дел од својата територија. Така што, може да се очекува малку поголемо внимание во некои изјави, дали при посетата на Косово, или во некои други прилики. Секако, изјавите на премиерката Косор, кога во Книн ги поздрави Готовина и Маркач како херои, а не како воени злосторници, наиде на оправдани критики во Белград. Впрочем, затоа ние во „Игманската иницијатива“ ги предупредуваме политичарите во регионот да се тргнат од тешката реторика, бидејќи таа никогаш не донела нешто добро“.

Соседите на Србија сега имаат две опции, вели Никола Јовановиќ: или да ја злоупотребат ранливоста на Белград, и можеби да го натераат да возврати со некоја реторика која во Србија повторно би се претставила како некој проблем во регионот; а втората опција е да покажат поголема чувствителност за Косово и европските интеграции и таа ситуација да не ја влошуваат дополнително. Би било добро повеќето земји, поради долгорочни односи, сепак да го заземат овој втор став, смета Јовановиќ.

Автор: Ивица Петровиќ/ Александар Методијев

Редактор: Трајче Тосев

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми