1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од Авганистан преку Ваксинце до Германија

Штефан Ожват (Дојчландрадио)/сн9 април 2016

Преку селата во северна Македонија минува старата криумчарска рута преку која илегално се преминува во Србија.За време на санкциите против СР Југославија тука одеа нафта и цигари,а сега луѓе од Авганистан, Мароко, Алжир.

Фотографија: DW/N. Rujevic

Детски гласови од училишното игралиште допираат се’ до каменоломот кај селото Ваксинце во близина на македонско-српската граница. Каменоломот ја засилува акустиката. Тука 45 мигранти чекаат да се стемни. „Тогаш одиме за Србија“, вели Хуснаин од Кабул. Неговата група во близина на границата стигнала пред пет дена и тоа, како што вели, со воз од Грција. Хуснаин едвам зборува англиски, но повеќе пати повторува нешто што на прво слушање звучи неверојатно: во товарен воз, вели, ги сместиле Грци и тоа за „бакшиш“ од 100 евра по лице. Им рекле дека возот оди директно до Србија, но тоа било лага. Тоа што српската граница е официјално затворена, на овој човек и неговите сопатници им е сеедно. „Одиме понатаму“, вели Авганистанецот. Сака во Германија.

Тука има луѓе од авганистанскиот Хиндукуш, Шри Ланка, Ирак, еден Алжирец кој тврди дека 3 години живеел во Офенбург на југоистокот на Германија, неколку Мароканци. Речиси сите се млади мажи, има само неколку жени кои тргнале на ваков неизвесен и илегален пат. „Јас сум од Мароко, се викам Мухамед“, вели еден 26-годишник и покажува фотографија од своето семејство. Вели неговиот татко е полицаец во Мароко, а оти мајка му и постариот брат живеат во Шпанија. Таму сака да оди и Мухамед- преку цела Европа.

Познати патеки

Во селото Ваксинце живеат околу 1.000 луѓе, исклучиво Албанци, исто како и во соседно Лојане кое е на самата граница. Во центарот на Ваксинце има неколку чајџилници пред кои не се случува многу. Половина село работи во странство, а другата половина се снаоѓа како знае и умее. Еден човек зборува дека некои селани криумчарат луѓе преку границата за да заработат нешто. „Барем 20 беа уапсени бидејќи така ја користеа несреќата на мигрантите. Но тука инаку нема работа, затоа го правеа тоа.“

Друг селанец псуе огорчено и за се’ ја обвинува македонската држава. „Тука апсат, им прават на луѓето проблеми. Но државата треба да стори нешто. Да спречи мигрантите воопшто да дојдат дотука. Но државата и ги носи тука, не јас.“ Други селани разработуваат тези: се прашуваат како е можно таксисти од Гевгелија да возат илегални мигранти 200 километри до границата со Србија, а притоа никој да не ги запре. Како и да е, патот покрај напуштениот каменолом води преку полиња, а пластичните шишиња и празните кутии цигари купени во Грција сведочат дека тука во последно време поминале многу луѓе. Да можат да зборуваат, овие две патеки би имале што да кажат. Кога СР Југославија беше под санкции, тука Албанците превезуваа нафта, бензин и цигари во албанското село Миратовац во Србија. Дотаму има само два километри. Зад ридот, и таму сте.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми