Од бегалец до претприемач
21 февруари 2016Дали по бранот бегалци следува бран на основање фирми? Различни студии даваат повод за надеж. На пример, Global Entrepreneurship Monitor (ГЕМ) направи споредба на активностите околу основање фирми во околу 60 земји. „Многу стабилен резултат, кој важи не само за Германија, туку за мнозинството земји, е дека луѓето кои се доселуваат во една земја прикажуваат повисока стапка на основање фирми отколку луѓето кои подолго време веќе живеат во земјата или се во нејзе родени“, вели во разговор за ДВ Ралф Штернберг, економски географ на Универзитетот Хановер и раководител на ГЕМ.
И мониторот за основање фирми на државната банка КфБ покажува: доселениците во Германија почесто се осмелуваат на чекор во самостојност, а освен тоа и вработуваат повеќе луѓе отколку основачите на фирми родени во Германија. Речиси секој петти основач на фирма во Германија има странски корени или странско државјанство.
Бегалци исто што и мигранти?
Колку и да е привлечно да се викне „ура“ поради изгледите наскоро многу од сегашните бегалци да основаат фирма, мора да се постави прашањето дали ваквите студии за мигранти воопшто може да важат и за бегалците кои неодамна дојдоа во Германија. Штернберг предупредува дека мора да се биде внимателен. „Мора точно да се види кои фактори влијаат врз веројатноста за основање фирма.“ Така, релевантно е какво образование стекнале бегалците, или дали веќе лично или нивните родители имаат основано фирма, или пак дали зборуваат германски. Многу од бегалците немаат доволно познавања на јазикот, барем на почетокот. „Затоа, податоците за мигрантите само делумно се преносливи на бегалците како еден дел од групата мигранти.“
Групата мигранти во Германија се состои од луѓе од многу различни земји на потекло, напоменува социологот Рене Лајхт од Универзитетот Манхајм. Мигранти се и луѓето од САД, скандинавските земји, Велика Британија или Франција. „Една петтина од сите Британци кои работат во Германија се самостојни претприемачи. Кај Американците ситуацијата е слична“, вели Лајхт. Вкупно, околу една четвртина од сите самостојни мигранти доаѓаат од западните индустриски држави и, се разбира, имаат поинаква позадина од бегалците од Сирија, Ирак или Авганистан.
Дури и кога би можело студиите за мигрантите да се префрлат на бегалците, тие покажуваат дека „мигрантите со поголема веројатност основаат фирма, но и со поголема веројатност пропаѓаат“, оценува Лајхт.
Нема сеопфатни информации за бегалците
Проценките се отежнати и поради тоа што за околу милион бегалци, колку што во 2015-та дојдоа во Германија, досега нема веродостојни информации за образованието и професијата. Сиријците, кои сочинуваат голем дел од бегалците, се во основа подобро образовани отколку бегалците од другите нации, вели социологот Јахт, но „не знаеме дали подобро образованите ја напуштаат таа земја или оние кои имаат уште помалку шанси“.
Во Институтит за истражување на пазарот на труд и професии (ИАБ) се верува дека поради бегалците ќе се зголеми бројот на новооснвовани фирми. „Претпоставувам дека најмалку 10 проценти од работоспособните бегалци, а можеби и 15 проценти, ќе станат самостојни претприемачи“, вели Херберт Брикер, раководител на одделот за меѓународна споредба и европска интеграција во ИАБ. Веднаш потоа ја релативизира својата изјава: овие бројки почиваат врз информациите кои се поседуваат од останатите мигранти и бегалци кои во минатото доаѓале во Германија. Сериозни проценки, според Брикер, не може да направи никој.
Сепак, тој наведува бројки: „Зборуваме за 1,1 милион бегалци кои дојдоа минатата година, од кои во земјата сѐ уште се 800.000. Ако сѐ оди добро, на возраст за работа годинава би биле околу 400.000 бегалци, чие барање за азил би било признато.“ Може да се смета дека годинава можеби вкупно на располагање за работа би стоеле 150.000 лица - како вработени или самостојни претприемачи. „Значи, зборуваме за многу, многу мал број“, заклучува Брикер.
А, што се однесува до недоволното познавање на јазикот, тој е оптимист и оценува дека не мора веднаш перфектно да се зборува германски, за да се основа фирма. „Тука, по правило се функционира во рамки на личните мрежи. Има, на пример, заедници на Сиријци или Ирачани и луѓето си помагаат меѓусебно и заеднички ги совладуваат пречките.“
Ќе биде потребно време
Експертите се во едно согласни: интеграцијата на пазарот на работа нема да оди брзо. И во брзо време нема да има илјадници основани фирми од страна на бегалци. „Мислам дека ќе поминат повеќе години пред да се почувствуваат значителни бројки“, вели Петер Шнепер, заменик раководител на Индустриската и трговска комора Гелзенкирхен. Но, кај бегалците има потенцијал за основање фирми. Во актуелната дискусија меѓутоа важни се други теми, како интеграција низ образование, професионална ориентација и пред сѐ - интеграција во општеството.