1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од „бомба“ 32 „запукаа“ и калашњикови на наводна паравојска

Катерина Блажевска15 мај 2015

Си имаме работа со непресметливи луѓе во безбедносните служби и во власта, кои се сериозна закана и за професионалците во полицијата и за безбедноста на граѓаните, обвини Заев при презентацијата на нови аудио-снимки

Фотографија: picture-alliance/dpa/N: Batev

„Добро слушнавте. Ова не е на Дивиот запад, ова е во Република Македонија. Човекот кој зборува не е каубој од филмовите, тоа е братучедот на Никола Груевски, 9 години директор на УБК. Калашниковите и истрелите се и од оружје на државните безбедносни сили на Македонија, злоупотребени во рацете на паравоените структури што вежбаат, се обучуваат и ’хараат’ низ земјата под команда на Сашо Мијалков за целите на Никола Груевски“, рече Заев по презентацијата на првата аудио-снимка од 32-та „бомба“.

Во наводниот телефонски разговор на тогашниот директор на УБК Сашо Мијалков со непознат соговорник, во задината се слуша музика, додека се‘ е проследено со истрели од огнено оружје. „Ќе ви стане јасно колку навистина е сериозна ситуацијата во Македонија, дека си имаме работа со непресметливи луѓе во безбедносните служби и во власта на Груевски и дека тие се сериозна закана и за професионалците во полицијата и за безбедноста на граѓаните. Имало многу 'урковци' во полицијата “, потенцираше лидерот на СДСМ.

Во продолжение тој презентираше снимки кои сведочат за насилното однесување на вработени во МВР, а главна грижа на Јанкулоска е како да го скрие скандалот. Еден од нив, наводно поради тоа што му навредиле блиска личност, во клуб претепал 20 припадници на едницата „волци“. Друг снабдувал училишта и градинки со нафта, а при испорака на еден тон барал да му потпишат дека испорчал три тона. Трет од нив под прекарот „Утка“ вперувал пиштол во луѓе во Струга, па Јанкулоска наводно ми се жали на Мијалков дека од ОБСЕ реагираат по пријавите за тие случаи.

Обвинувања на сметка на Груевски и МијалковФотографија: DW/P. Stojanov

Беше презентиран и наводен разговор, во кој Груевски му предлага на Јанакиески да се изгради барокна зграда на аголот спроти хотелот „Бристол“: „Сакам да го разубавам просторот. Провери чии гласачи се (во соседството-н.з.). Ако се комуњари, да тераме“.

СДСМ презентираше и разговори во кои шефот на кабинетот на Груевски, Мартин Протоѓер, наводно „сака да го убие Латас (Дараган Павловиќ- н.з)“, бидејќи работел за српски служби, а има желба и новинарот Зоран Божиновски, кога ќе биде уапсен (за случајот „Шпион“ н.з.) да биде „ставен во ќелија со Циганче со хомосексуални склоности“.

Во другите разговори меѓу владини функционери има наводни изјави за недоверба во соживотот, при што Јанкулоска изјавува „Шиптариштава многу ме нервираат“, а со Мијалков наводно го споделува незадоволство што нема национален консензус „еднаш засекогаш да се расчисти со нив“.

На крајот, одговарајќи на новинарски прашања, Заев ги повика граѓаните од сите етнички заедници на голем и мирен натпартиски граѓански процес, за кој најави дека ќе почне во недела, но нема да заврши, туку ќе продолжи. Во контекст на контра-митингот од власта, најави дека ќе бидат преземени сите мерки за да се спречат можни провокации и инциденти. „Ако власта е неодговорна, ние сме одговорни и ќе направиме сè да не се случи инцидент или конфронтација. Имаме начин да спречиме да се случат инциденти. Ќе сториме се‘ да не дозволиме какви било конфронтации“, порача лидерот на СДСМ.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми