1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Остра порака од амбасадорите во Скопје

Катерина Блажевска27 октомври 2015

Амбасадорите на водечките западни земји денеска од Скопје испратија заедничка порака до власта и опозицијата во Македонија. Аналитичарите во неа гледаат последна опомена.

Фотографија: Katerina Blazevska

Во заедничка изјава во името на САД, Германија, Италија, Велика Британија, Франција и ЕУ, амбасадорите денеска соопштија дека од ВМРО-ДПМНЕ бараат да не ги одложуваат неопходните реформи за излез од кризата, бидејќи како што рече амбасадорот на Велика Британија, Чарлс Гарет сите влади имаат особена одговорност при политичка криза. Тој побара од СДСМ да си испочитуваат својата улога за конструктивни преговори и да не се објавуваат понатаму т.н. политички бомби.
„Во петокот доцна вечерта се сретнавме со премиерот Никола Груевски и го изразивме нашето разочарување од неисполнување на крајниот рок, 20 октомври за избор на министри. Ги повикуваме ВМРО-ДПМНЕ да ја покажат потребната посветеност за спроведување на договорот на конструктивен и итен начин и со добра волја. Веруваме дека за спроведување на Пржино договор е најдобар пат за излез од оваа политичка криза. Го повикавме премиерот Груевски да го овласти неговиот тим да го финализира договорот за нерешените прашања во Договорот и да ги спроведе неопходните реформи за да се овозможат еднакви услови за избори и нивно и домашно и меѓународно признавање како веродостојни, како и отчетност за можни злоупотреби. Очекуваме на специјалниот обвинител, именуван едногласно во парламентот, да му се овозможат потребните ресурси за извршување на важната работа“, соопштија амбасадорите.
Во понатамошната изјава тие нагласија: „Ги повикавме СДСМ, од своја страна, да продолжат да ги исполнуваат своите обврски кои произлегуваат од политичкиот договор, вклучувајќи го и ветувањето да не објавуваат прислушуван материјал“.
Амбасадорите потенцираа дека Договорот за Пржино ги повикува страните да го ставаат интересот на земјата во прв план и да ја потврдат својата посветеност на процесот на евроатлантските интеграции и на демократските принципи.

„Неуспехот да се стори тоа ќе има влијание на оценката од страна на Европската комисија“, соопштија амбасдорите во заедничката изјава и нe одговараа на новинарски прашања.

Јасни пораки

„Ова досега е најмалку дипломатска изјава на амбасадорската петорка која има сериозни и јасни пораки“, вели уредничката на БИРН, Тамара Чаусидис.

„Едната е дека препораката и извештајот за напредокот на Македонија во европските интеграции директно зависи од исполнувањето на обврските од Пржино и конкретно: тимот на Јанева и смена на министерите, но и пораката дека тоа е предуслов за одржување фер, легитимни и меѓународно признати избори. Адресите на пораката исто така се прилично јасни: тоа е првенствено премиерот од кого дипломатите нескриено побараа да му даде ингеренции на својот преговарачки тим, а тука е и пораката до СДСМ да не кокетира со најава за „бомбите“. Оваа изјава ја доживувам како последно предупредување пред и официјалното прогласување на преговорите за мртви“, вели Чаусидис.

Политикологот Горан Јовановски во обраќањето на амбасадорите чита последно предупредување, со цел земјата да се врати во институционален колосек.

„Ова е добронамерно и јасно предочување на состојбите и последиците. На потег се домашните лидери, кои треба со најголема одговорност да го прифатат ова обраќање“, вели Јовановски.

Деновиве, под тежок превез на тајноста се водат последните разговори меѓу европскиот олеснувач Питер Ванхауте и претставници на партиската „четворка“, со цел да се решат двете клучни прашања: изборот на преостанатите јавни обвинители во специјалното обвинителство, како и именувањето на министри и заменици-министри во Владата.

Партиите молчат и не соопштуваат дали има напредок во разговорите, но, неофицијално се дознава дека билатералните средби траеле во текот на целата измината ноќ. Напорите на меѓународните гаранти се максимално насочени Договорот да успее, за Македонија да ја задржи европската перспектива. Според дипломатски извори, освен вербални, засега нема конкретни докази дека сите домашни учесници во преговорите се фокусирани кон таа цел.

Ако Договорот пропадне, ДУИ ќе го преиспита своето учество во Владата, најави вчера во тв-интервју шефот на изборниот штаб на оваа партија и министер за економија, Беким Незири.

Денеска беше објавена и одлуката на Апелацискиот суд, кој се прогласи за ненадлежен за решавање за тоа дали „бомбите“ може да се користат како докази. Согласно со тоа, Второстепениот суд жалбите на ОЈО ги врати на понатамошна надлежност на Основниот суд Скопје 1 – Скопје.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми