Од животот на еден воен репортер
24 јули 2011
Миша Глени е сигурен: „Долго време размислував дали ми е позната ситуација во која независен новинар, кој не работи по налог на владата, предизвикал конфликт или дури и повредил човекови права. На ум не ми паѓа ниту еден единствен пример. Значи мојот кус одговор гласи: ’Не’“ вели британскиот новинар и автор. Тој информираше за Би-Би-Си во 1990-тите години за војните на подрачјето на поранешна Југославија. Може да биде категоризиран во графата „истражувачки новинар“. Во текот на својата кариера Миша Глени пишуваше за односите меѓу криминалот, политиката и национализмот во Југоисточна Европа. Едно од неговите најпознати дела е „МекМафија: Неограничениот свет на организираниот криминал“.
Предвидување
„Еден новинар пред да отпатува треба што е можно повеќе да дознае за регионот, треба опширно да истражува за тоа какви се локалните состојби, локалната култура и политика“, му советува Миша Глени на секој новинар кој се движи во кризен регион. Од искуство научил дека новинарот секогаш мора да мисли на можните последици и мора да се праша: „Дали она што ние новинарите го известуваме за луѓето, може да ги загрози на некој начин?“ Само добро подготвен новинар може да известува непречено и истовремено да го заштити својот извор на информации. Само така може да се испочитуваат човековите права.
Временско растојание
Времето може да биде пречка за еден истражувачки новинар. „Имаше многу гангстерство во и околу Белград, Загреб, Сараево или Скопје. Може да се известува за убиството на некој од гангстерите, но во тој миг не се истражува предлабоко околу извршителот на убиството“, раскажува Миша Глени. На сето тоа треба да му се остави време. Дури потоа може да се разбере што се случило некогаш. Дури тогаш луѓето можат да бидат сигурни и да раскажуваат слободно за своите доживувања. Миша Глени смета дека истражувачкиот новинар не мора да известува за она што се случува денес, туку за она што се случило во непосредното минато. На тој начин доаѓа и до своите заклучоци околу балканските војни од 1990-тите. Во неговата книга „МекМафија“, што излезе од печат околу една деценија по крајот на војната, тој тврди дека војните не биле етнички мотивирани, како што се тврди често, туку повеќе верува дека алчноста за пари и власт на мала, но моќна група, е причината за распадот на Југославија.
Изумирање на загрозен жанр?
Живееме во генерација Фејсбук, Твитер и блогови. Ова е генерација што живее брзо и може речиси да се смета дека е ова генерација во која веста од утре може да се чита веќе денес, додека се појадува. Секој може да објавува информации во интернет-мрежата. Зошто тогаш да се испраќаат новинари во кризни региони кои ќе истражуваат? „На интернет има многу глупости“, вели Глени, без притоа да го намалува значењето на блогерите и Фејсбук-револуционерите во арапските земји. „Кога Би-Би-Си, Њујорк Тајмс или Дојче Веле известуваат за нешто, може да се биде сигурен дека информациите се стручно проверени. Тоа ја прави приказната веродостојна. Кај блогерите во тоа не може да се биде сигурен“, нагласува Глени. Професијата истражувачки новинар, значи, и во време на социјални медиуми, не е надмината.
Автор: Рајна Бројер / Огњен Цвијановиќ / Елизабета Милишевска Фиданоска
Редактор: