1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе се отвараат пет ковид-амбуланти во Скопје

ДТЗ
21 јули 2022

Состојбата во моментот е стабилна. Има широка трансмисија на вирусот, но тој засега не предизвикува посериозни здравствени проблеми, вели портпаролот на Комисијата за заштита од заразни болести, Злате Мехмедовиќ.

Nordmazedonien | Coronavirus | Impfkampagne in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Од наредната недела ќе започнат со работа пет ковид-амбуланти во Скопје. Се прават напори да се обезбедат кадар и опрема и за останатите градови, со што ќе се зајакне примарната здравствена заштита и ќе се овозможи побрзо и поедноставно тестирање на заболените. 

Ковид амбулантите ќе бидат сместени во поликлиниките Идадија, Ѓорче Петров, Јане Сандански, Ченто и Чаир. Тие ќе работат од 7.30 до 19.30 часот секој ден, и во нив ќе дежураат матичните лекари, по принцип на ротација. Тестирањето на граѓаните коишто имаат симптоми на ковид ќе се врши со брзи антигенски тестови. 

Состојбата е стабилна 

Според Мехмедовиќ, состојбата е стабилна и нема потреба од воведување заштитни мерки.  „Епидемиолошката состојба согласно сите параметри коишто ги имаме, а тоа се бројот на хоспитализирани, бројот на слободни болнички кревети и бројот на починати се уште не става во зелената зона. Согласно ова, нема да има превентивни мерки коишто ги препорачува Комисијата“, изјави Мехмедовиќ, по состанокот на Комисијата за заразни болести.

Според него, има висока трансмисија на вирусот, но тој не предизвикува често сериозни симптоми и заразните не завршуваат во болница. „Во случај да има зголемување на бројот на посериозни случаи, системот е подготвен“, вели Мехмедовиќ.  

Зголемен број случаи

Последниве денови се забележува зголемен број на случаи на Ковид-19 во Северна Македонија. Министерството за здравство денеска информираше за четворица починати и 788 нови случаи на Ковид-19 во последното деноноќие.  Веќе неколку дена по ред, бројот на новозаразени се ближи до 800 дневно со стапка на заразени од речиси 50 проценти од тестираните. Во вчерашниот здравствен билтен не беа регистрирани починати лица, но во вторникот меѓу починатите имаше и 23-годишен пациент од Свети Николе.

Надлежните укажуваат дека остануваат да важат мерките за задолжително носење заштитна маска во јавниот превоз, здравствените установи, аптеките и установите за згрижување на возрасни лица и лица со попреченост. Граѓаните треба да внимаваат на сопственото здравје, да избегнуваат посети во затворени и непроветрени простории, освен кога тоа е неодложно. Во такви случаи се препорачува носење заштитна маска и одржување дистанца. Министерството за здравство минатата недела препорача носење маски во затворени простории при подолг престој и редовно проветрување. 
 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми