1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од интерес за ЕУ е да го одржи ветувањето за Западен Балкан

4 април 2006

Европратеникот Дорис Пак во разговор за Дојче Веле: Ако немаме стабилност во тие европски земји, ќе ја немаме ни кај нас

Дорис Пак
Дорис ПакФотографија: dpa

Со оглед на забелешките за актуелната состојба во подготовките на Бугарија и Романија за членство во Унијата, ако сепак двете земји бидат примени во најавениот термин – 1-ви јануари 2007-ма година, тоа тогаш би можело да биде политичко решение, а не затоа што се исполнети сите услови. Пратеничката во Европскиот парламент Дорис Пак за Дојче Веле на оваа тема рече:

„Комисијата на Унијата ќе мора да донесе решение, а јас, како што ја знам, мислам дека со грч во стомакот ќе направи еден плус за обете земји, зашто знае и дека веројатно во Советот на Унијата ќе нема мнозинство за одложувањена приемот. Зошто тогаш и самата би се искажала поинаку? За жал, тоа е така. Од тоа би требало да се извлече поука дека никогаш не треба да се наведува датум за пристап. На секоја земја би требало да и’ се каже – кога ќе си подготвена, тогаш ќе бидеш примена. Во политиката секогаш има толку недоречености. Има влади кои нешто работат и влади кои ништо не работат. И, на крајот имаме ситуација како сега, дека би било подобро да се одложи приемот, а сепак нема да биде постапено така. Тоа горко ќе ни се одрази кај избирачите“.

Расположението во Европа околу натамошното проширување на Унијата многу се промени, скепсата побргу би се рекло расте, отколку да се надминува. Ќе го одржи ли ЕУ ветувањето дадено на самитот во Солун за перспектива за членство и за земјите од таканаречениот Западен Балкан?

„Од интерес за нас самите е да го одржиме тоа ветување. Ако немаме стабилност во тие европски земји, ќе ја немаме ни кај нас. Тоа болно го почувствувавме во 90-тите години. Ова значи дека ни е потребно да имаме стабилна ситуација во Србија и Црна Гора, во Македонија, во Босна и Херцеговина и во Албанија. Тоа е црна дупка внатре во ЕУ, опкружена од Грција, Италија, од земји кои се членки на Унијата. Мислам дека е од наш сопствен интерес и мораме да се придржуваме кон тоа ветување, оти инаку во тој регион ќе нема вистински траен мир и трајна стабилност. И, ние бесконечно се ангажираме на лице-место, насекаде сме присутни во тие земји, и она што го правиме таму мора конечно и да биде крунисано со успех“ – изјави за Дојче Веле Дорис Пак.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми