1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од каде доаѓаат новогодишните елки?

Шора Азарнух/ Дијана Ристова23 декември 2014

Во овие празнични денови, во малку германски дневни соби нема да има украсено елка. Но, од каде доаѓаат и каде растеле тие стебла? За тоа, едвај некој да си ја мачи главата.

Фотографија: Fotolia/Claudia Paulussen

На листата на популарност на најомилени елки во Германија, едно стебло е на уверливо прво место: кавкаска елка (Abies nordmanniana), позната и како нордманска елка. Девет од десет елки ќе бидат од тој вид, бидејќи купувачите ги познаваат нејзините предности: таа едвај ги „губи“ своите иглички, а и не „боцка“ бидејќи иглите се релативно еластични. Нејзин недостаток е можеби, тоа што не мириса на типичен мирис на бор, но, со оглед на тоа дека релативно долго може да преживее сечена, практичните причини далеку го надминуваат тој недостаток.

Но, ако се прашуваат граѓаните кои купуваат елки, дали знаат од каде доаѓа тоа дрвце, малку од нив имаат приближна претстава. Додуша, овдешните елки најчесто се садат, се одгледуваат и берат во Германија, но, семето за нив обично доаѓа од далеку, од Грузија.

Освен кавкаските елки, во германските дневни соби може да се затекне и по некоја смрека, уште поретко „вистински“ бор, иако тие стебла се „домашни“ во германските шуми. Додуша и тоа е само до некаде точно: смреката навистина ја има во дивината, но, тоа стебло не потекнува одовде. Тие се всушност увезени во Германија од истокот на Прусија, ни објаснува Симон Кеелан од Ботаничката градина на универзитетот во Бон.

Тој и неговиот универзитет веќе традиционално спроведуваат божиќна аукција на елки и четинари, кои навистина и растат во дивината, во паркот на природата во Афел. Имено, во мешовитите шуми, четинарите „имаат подобри карти“, брзо растат, а на тлото околу нив веќе не може да расте ама баш ништо. Затоа шумарите ги оставаат листопадните, а ги сечат четинарските стебла, кои потоа доаѓаат на аукција во Бон. Дел е исто така, вештачки засаден на подрачјата кои сакаат да се вратат на природата, но, кај садењето тешко е да се каже дали израстокот ќе биде „прифатен“. Затоа и се садат многу густо и затоа тие мора да бидат проретчени. Придонесот од оваа аукција е потоа и донација за паркот на природата.

Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Jaspersen

Шуми кои не се тоа

Всушност, се до осумдесеттите години на минатиот век, поголем дел од елките навистина доаѓаа „од шумите“, како нуспроизвод на шумарската индустрија. Но, во последно време тоа се измени од корен: денес практично сите елки доаѓаат од посебни расадници. Тие се садат и одгледуваат само за да се исечат и дојдат некому во дневната соба, непосредно пред Божиќ.

А тоа е пракса околу која се’ уште се кршат копјата. Бидејќи, со оглед на големата побарувачка, така се засадуваат и големи подрачја, некои и претходно биле шуми, но, некои не. Сепак, во многу германски покраини и таквите расадници се водат како „шума“, што потоа и на земјоделците им носи придобивки и даночни олеснувања - макар што и во расадниците на големо се користат вештачки ѓубрива и пестициди.

Уште поголем е апсурдот што така настануваат „шумите“ на сред полиња со компири, пченка или репка. А дури и кога расадниците се во исечена шума, тогаш најчесто тие се опкружени со жица: „Кога така ќе се ограничи некое подрачје во шума, тогаш тоа не е достапно ниту за диви животни. По мое мислење, тоа веќе не е шума“, смета Кеелан. Згора на се‘, овде се наметнува и прашањето: „Дали е навистина потребно на плодно поле да се засадуваат садници со елки, кога тоа всушност, може да послужи за производство на храна за луѓето или животните?“, се прашува директорот на бонската ботаничка градина.

Опасна професија

Но, кога станува збор за омилената кавкаска елка, побарувачката за тие стебла е всушност голема: годишно се продаваат околу 45 милиони стебла, што значи дека секој втор жител во Германија еднаш годишно купува елка. Од другастрана, станарите во Грузија кои, собираат семиња од елка, немаат баш никаква причина и тие да уживаат во празничното славење. Бидејќи, за да го соберат семето тие секоја есен мораат да се искачат на стеблата, кои знаат да бидат високи и по шеесет метри, обично без јаже и без никакви заштитни мерки. Паѓањата не се ретки, а секоја година има и мртви. А заработката е бедна: во Грузија просечниот приход е околу 2.200 евра годишно, но, тие заработуваат многу помалку од просекот.

Данската претприемачка која се занимава со трговија на елки, Мариане Болс, одлучила барем да се обиде да промени нешто овде. На Запад и онака се шират производи кои, од странство пристигнуваат според начелото „fair trade“, чесна трговија, каде се настојува да се избегнат посредниците и на одгледувачите да им се плати колку-толку чесна цена за нивниот труд.

Фотографија: Fair Trees Fund/Michael Heck

Може и „чесно“ дрвце

Од 2007. така се продаваат и елките според начелото „fair trade“. За поединечните купувачи, тоа не е голема разлика: трговците на стебла треба да платат една налепница со која тоа дрвце се прогласува за „чесна“ трговија, само едно евро и 25 центи, а од тоа, 67,5 центи одат во посебен фонд. Од него потоа се плаќаат социјални проекти во земјата од која потекнуваат, од опрема за качување по стеблата, па до плаќање осигурување во случај на несреќа на оние кои собираат семиња и шишарки. Сето тоа „со мал износ кој речиси секој од нас може да си го дозволи, но, многу значи за жителите на тие подрачја“, објаснува Мариане Болс.

Сепак, само мал дел од елките во оваа земја се купени на „чесен“ начин: од преку 40 милиони, минатата година се продадени само 80 илјади такви елки. Но, се‘ повеќе граѓани ја знаат и поддржуваат таа иницијатива, така што госпоѓа Болс се надева дека таквите елки еден ден ќе се појават и во трговските центри за градежни материјали и на други места, каде масовно се продаваат божиќни украси. Така и ние нашите божиќни празници навистина можеме да ги поминеме со мирна совест.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми