1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Одговори на Вашите прашања за коронавирусот

БГ/ ДВ
22 март 2020

Иако е жешка тема со месеци, сепак Ковид-19 и натаму отвора многу прашања и дилеми. Научниците се обидуваат да одговорат на нив што е можно побрзо, а ние за Вас ги сублимираме. Еве што утврдија досега

Coronavirus SARS-CoV-2 im Elektronenmikroskop
Фотографија: picture-alliance/AP/NIAID-RML

Дел од прашањата кои ги одговараме во овој текст ни беа испратени преку Фејсбук и Твитер. Исто така направивме преглед и на прашањата кои најчесто се поставуваат на Гугл кога луѓето бараат одговори за коронавирусот.

Од каде се појави Ковид-19?

Општо прифатено е мислењето дека потекнува од лилјаци. Но оваа, како и други теории за тоа дали минал преку други животни пред да ги зарази луѓето, се уште не се потврдени. Она што е сигурно е дека САРС-КоВ-2 е зоонотска болест, односно вирусот се пренесува од животни врз луѓе. Притоа, додека е во животното, вирусот минува низ серија генетски мутации кои му овозможуваат да инфицира и да се мултиплицира во човечкиот организам.
На почетокот на февруари, магазинот Природа (Nature) објави студија која покажува дека новиот коронавирус е 96% идентичен како и целиот геном на коронавирусот кај лилјаците. Спротивно на она што се тврди во многубројни теории на заговор, истражувачите отфрлаат дека вирусот е вештачки лабораториски производ. Постојат силни докази дека Ковид-19 за првпат се префрлил од животно на човек во кинескиот град Вухан.

Колку долго вирусот преживува во воздух или на предмети?

Коронавирусите предизвикуваат респираторни болести. Вирусот најчесто се пренесува преку капки кои се исфрлаат во воздух преку кашлање или кивање. Според германскиот Сојузен институт за проценка на ризик, првичните лабораториски тестови покажуваат дека новиот коронавирус останува инфективен „по тешка контаминација“ до три часа во воздухот, до четири часа на бакарна површина, до 24 часа на картон и до два или три дена на нерѓосувачки челик и пластика.
Добрата вест е дека на вирусот му е потребен домаќин за да преживее. Без жив домаќин, вирусот умира бидејќи не може да се репродуцира. Оттука, иако може да преживее на некои површини со часови или денови, со текот на времето станува помалку инфективен затоа што без можноста за размножување се самоуништува. Притоа, студиите досега го анализираа вирусот во идеални лабораториски услови, и не се земаат предвид надворешните фактори, како на пример, промени на температура и сончева светлина- тоа би можело дополнително да влијае врз стабилноста на вирусот.

Како најдобро да се заштитам?

За мерките за заштита поподробно информирајте се во овие наши текстови и инфографици. 

- Како да се заштитите себеси и другите од коронавирус

- Брзото тестирање е најдобра заштита

Тука би додале дека вашата заштита значи заштита и за другите. Од германскиот Роберт Кох институт велат дека превентивните мерки мора да се почитуваат без исклучок. Во спротивно, само во Германија може да се очекуваат 10 милиони заболени од коронавирус за два до три месеци.

Зошто се уште нема вакцина?

Вообичаено, потребни се години за да се развие ефективна и безбедна вакцина. Според германското Здружение на истражувачки фармацевтски компании, во моментов паралелно се одвиваат најмалку 47 проекти за развој на вакцина за коронавирусот. Меѓу лидерите во секторот е германската компанија КјурВак (CureVac). 

- Вакцина против коронавирусот наредната пролет 

Иако научниците работат под висок притисок во потрага по вакцина, нема да биде можно таа да се појави на пазарот во текот на годинава. За клиничките студии, кои се суштински за одобрување, е потребно време.
Паралелно со развојот на вакцина, некои истражувачи работат на развој на „пасивна имунизација“ со антитела од крвен серум. Тие доаѓаат од луѓе кои ја прележале инфекцијата со вирусот и оттаму имаат антитела во нивната крв со која може да се лекува вирусот.
Тоа се нарекува пасивна имунизација, затоа што телото на примателот не ги продуцира активно антителата, туку антителата кои ги „позајмува“ ќе му овозможат поддршка во битката со инфекцијата, но само за кус временски период. Само традиционална вакцина ќе овозможи долгорочна заштита од коронавирусот.

Дали користењето на ибупрофенот од страна на инфицирани лица е опасно?

Детален одговор на ова прашање дадовме деновиве во текстот подолу кој ги зема предвид ставовите на Светската здравствена организација, како и на виролозите. 

- Конфузија околу лековите, што да се користи? 

Можат ли домашните животни да се заразат со коронавирус?

Да. Токму затоа Швајцарското биро за безбедност на храна и ветерина препорачува сопствениците на домашни миленичиња кои се во карантин да избегнуваат контакт со своите животни. Но, колку што е познато досега, кучињата и мачките не покажуваат никакви симптоми на инфекцијата- не им се влошува здравствената состојба. Поради тоа, уште е потешко да се процени ризикот. Според германски научници, инфицирано животно теоретски може да го шири вирусот понатаму преку воздухот кој го дише и преку својот измет. Конечно, Ковид-19 потекнува токму од животни.

Бремена сум. Дали коронавирусот е опасен за мене и моето дете?

Врз основа на она што го знаат научниците досега, децата не се во високо ризична група за коронавирусот. Тоа значи дека заразените деца вообичаено имаат лесни симптоми на болеста. Постојат индивидуални случаи на новороденчиња со Ковид-19. Но засега е нејасно дали трансмисијата се случила за време на бременоста, за време на породувањето или по раѓањето.
Според СЗО и германскиот Центар за здравствено образование, бремените жени не се во повишен ризик од болеста. Сепак, мајките кои очекуваат треба да бидат особено внимателни- поради тоа што се уште нема конечни заклучоци за ова прашање, и овој одговор не треба да го сметаат за гаранција.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми