Од крштевки на свадби, се шират кластерите на коронавирусот
БГ
11 јуни 2020
Скопје останува главно жариште на коронавирусот во Северна Македонија по регистрираните нови 131 случај. Состојбата во Штип и Тетово се смирува, но останува проблемот со групните собири низ земјата.
Реклама
Јунскиот тренд на троцифрен раст на бројот на заразени од коронавирусот продолжи и денеска со нови 175 случаи. Причините за ширењето на заразата остануваат непроменети: непочитување на мерките.
Од крштевка во Охрид со 200 гости и свадба во Скопје со 100 сватови досега се регистрирани 22 позитивни на вирусот, а стотина луѓе се испратени во изолација. Дополнителен проблем е што присутните на прославата одбивале да соработуваат со епидемиолозите и инспекторите.
„И покрај забраната, луѓето прават масовни собири. Нешто што апсолутно нема логика. И го осудувам, го осудуваат сите здравствени работници“, вели министерот за здравство Венко Филипче.
Скопје и натаму го држи приматот со 131 случај и, според Филипче, останува единствено жариште на Ковид-19 во земјата.
На територијата на целата држава има и нови кластери, но во рамки на главниот град вирусот се шири низ истите кластери преку кои започна вториот бран, и сега е стигнат до трето и четврто колено на контакти.
Како изгледа карантинска свадба
01:04
„Сега постепено, согласно спласнувањето во Штип и постепено во тетовско, сконцентрирани сме на сузбивање на преносот на заразата тука во Скопје. Препораките на Kомисијата остануваат исти и бараме апсолутно да се почитуваат од сите граѓани, заради тоа што пред нас e уште долга битка со вирусот“, изјави Филипче на денешната прес-конференција.
Освен почитување на мерките, Филипче предупредува и од зачестените случаи на давање неточни податоци поради кои се повеќе здравствени работници одат во изолација.
Коронавирус: Кога маката ќе те направи инвентивен
И во иднина ќе треба да живееме со пандемијата на коронавирус. Но, добро е што во меѓувреме има толку многу идеи кои ни го олеснуваат секојдневието со вирусот - иако на некои треба допрва да се навикнуваме.
Фотографија: JF Group GmbH
Добар апетит на вечера во стакленик
Конечно може да се отиде некаде на вечера: рестораните се повторно отворени по повеќе недели пауза. Во Културниот центар Медиаматик во Амстердам гостите можат да јадат во мали „оранжерии“, стаклени куќички, добро заштитени од ветар, временски прилики и коронавирусот кој евентуално може да им го пренесат други посетители. Концептот има добар прием, до крајот на јуни се резервирани сите маси.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/P. Dejong
Во ресторан со стаклена преграда на масите
Во многу ресторани пак на масите се поставува стаклена преграда, како оваа во „Гага кафе“ во Милано. Гостите при јадењето се заштитени од останатите со вграден плексиглас и од поторот меѓу масите, заради намалување на опасноста од инфекција. Заштитна маска сепак е обврска, барем додека не се јаде.
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Furlan
Фризерски салони со заштита
Посебни правила во време на пандемијата на коронавирус важат и во фризерските салони. Заштитни маски за уста за фризерите и муштериите, и овде мијалниците се одделени со стаклена преграда. Нема веќе кафе додека се чека во салонот, долго задржување е табу. На муштериите ионака им е важно само повторно да имаат добра фризура.
Фотографија: Imago Images/J. Tack
Судбоносното „да“ пред гостите во автомобили
Кој вели дека свадбите во време на корона мора да бидат без гости? Во едно автокино во Диселдорф младенците склопија брак додека гостите ја следеа церемонијата ѕиркајќи преку шофершајбните од нивните автомобили. На крајот на венчавката следеше бучно свирење со автомобилските сирени. Ова беше прва германска свадба во автокино.
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Strauch
„Црни острови“ во канцеларијата
Вака би можело да изгледа бирото на иднината: црни обележани простори на подот покажуваат колку можете да им се приближите на колегите, без да го прекршите правилото за дистанца од два метри. Преградите од плексиглас зад мониторите даваат дополнителна заштита. Но, за оваа визија на „футуристичката канцеларија“ од една филијала во Амстердам е потребно пред сё едно - многу простор.
Фотографија: Reuters/Cushman/Wakefield
Ред при чекањето
Не само во затворен простор, туку луѓето и надвор во идните месеци мора да држат меѓусебно растојание. На станица на метрото во францускиот град Ница стапалките во кругови покажуваат каде смеат да стојат патниците кои чекаат. Слични примери има низ цел свет. Но, и на ваков начин не може да се спречи турканица при влегувањето.
Фотографија: Reuters/E. Gaillard
Едносмерно движење
И во трговските улици во Данска луѓето треба да се движат по определени правила. Исто како и во автомобилскиот сообраќај, во Аалбог важи и за пешаците - секогаш движи се на десната страна. Целта е така да се избегнат премногу блиски средби. Дали тоа навистина функционира, барем на прв поглед, според оваа фотографија, е сомнително.
Фотографија: Reuters/H. Bagger
Живот во шише
Во густо населениот Хонгконг, некои луѓе со пресечено пластично шише не само што се погрижуваат за држење физичка дистанца, туку обезбедуваат и целосна заштита на лицето од евентуални капки кои содржат вирус. Мора да се признае, не изгледа баш удобно, но барем е евтин пронајдок.
Фотографија: AFP/A. Wallace
Направа за отворање врата
Држење физичко растојание е едно, избегнување инфекција преку површини е друго. Многу луѓе при влегувањето во лекарски ординации или јавни тоалети затоа ја отвораат вратата со лакт, но постои и нешто подобро. Овој „отворач на врати“ го решава проблемот, барем така тврди производителот.