1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Од МВР тврделе дека го имаат Мијалков „на око“

22 февруари 2021

Првите индиции дека можеби се подготвува бегство на обвинетиот Сашо Мијалков, МВР ги споделила со обвинителството во саботата во 23:00 часот.

Nord-Mazedonien Justiz l Wahlmanipulation
Фотографија: Petr Stojanovski

Во врска со издржувањето на мерката куќен притвор на обвинетиот Сашо Мијалков, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска ја информира јавноста дека во моментот на завршување на главната расправа за предметот Таргет-Тврдина, обвинителите кои постапувале во предметот немале никакви индиции дека обвинетиот подготвува бегство. Но и покрај тоа, по завршување на главната расправа, со цел да се преземат превентивни мерки, го известиле МВР дека главната расправа е завршена.

Првиот аларм

„Првите индиции дека можеби се подготвува бегство на обвинетиот Сашо Мијалков, Министерството за внатрешни работи ги сподели со обвинителството на 20.02.2021 година (сабота) во 23:00 часот“, соопшти Обвинителството денеска.

Фотографија: Petr Stojanovski

„Во неделата утрото по направените неопходни проверки, изготвен е предлог за определување на притвор. Во 12:00 часот со цел да обезбеди услови за прием на предлогот за притвор, обвинителството го извести Основниот кривичен суд – Скопје за изготвениот предлог, како и Министерството за внатрешни работи. По исполнување на административните процедури, предметните обвинители во 14:30 часот се упатиле во Основниот кривичен суд – Скопје, каде во 15:00 часот Предлогот за определување на притвор е примен од судот и со Решение на обвинетиот Сашо Мијалков му е определeна мерка куќен притвор и 24 часовен видео и аудио надзор. Решението од страна на обвинителството е примено во 18:45 часот. Во меѓувреме, до приемот на решението, јавните обвинители се известувани од надлежни лица во Министeрството за внатрешни работи дека имаат визуелен контакт со обвинетиот Мијалков и дека тој не е избеган. Околу 21:20 часот обвинителството е известено дека има проблем со врачување на решението за притвор, по што во 21:47 е потврдено дека обвинетиот Мијалков не е пронајден", се објаснува хронологијата во соопштението на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Повеќе:

-Заев тврди дека нема политички договор со Мијалков

-Мијалков - од „стоп листа“ на бегалска листа?

-Случај „Таргет-Тврдина“: „Директорот“ Мијалков слушал разговори од канцеларија

Според Обвинителството, имајќи го предвид фактот дека во моментот на изготвување на предлогот за определување на мерка притвор, како и во моментот на нејзиното поднесување до судот, обвинетиот Мијалков не бил во бегство, обвинителството смета дека постојат основи на сомнение за сторено кривично дело Помагање на сторител по извршено кривично дело од член 365 од Кривичниот законик заради што ќе ги преземе сите неопходни мерки за расчистување на ваквите сомненија.

Премиерот ќе бара одговорност

Премиерот Зоран Заев најави дека ќе бара одговорност од сите институции кои затаиле во работата, откако вчера без резултати заврши потрагата на полицијата по Сашо Мијалков, поранешен директор на УБК и првообвинет во случајот „Таргет-Тврдина“.

„Барам веднаш да постапат институциите, да го пронајдат Мијалков и да ја спроведат судската пресуда. Убеден сум дека тоа може да се спроведе. Очекувам детални информации од надлежните институции под извршната власт, а тоа е МВР, како и очекувам комплетно детали со истрага за самиот случај од судот, од ЈО и од МВР. Целосно нашиот народ очекува расветлување на ваквиот случај и секако понесување одговорност доколку не се спроведе судското решение“, нагласи премиерот Заев.

Недостапноста на Мијалков беше утврдена откако судот издаде решение тој да биде во куќен притвор до изрекување на пресудата за случајот „Таргет-Тврдина", закажано за 26-ти февруари.

Полицијата вчера го барала на неколку адреси во Скопје - неговата куќа на Водно, во стан во населбата Капиштец и во хотелот „Мериот“. Последен пат Мијалков бил виден вчера напладне во кафулето „Дистрикт“, покрај истиот хотел, по што му се губи трагата.

Мијалков не може да замине надвор од земјата ниту на легален начин, ниту на легален премин. Пасошот му е одземен, поради што тој повеќе години се наоѓа на таканрачената „стоп листа“ на сите гранични премини и преку нив не може да ја напушти државата.

Основен суд Скопје 1 денеска издаде наредба за распишување на национална потерница поради постоење на основано сомневање дека Мијалков сторил кривично дело “Злоупотреба на службената положба и овластување“ од чл. 353 , кривично дело “Злосторничко здружување “ од член 394 и кривично дело “Примање награда за противзаконито влијание“ по член 359 од КЗ. 

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми