Од меѓународниот град на правдата- за правда во Македонија
БГ1 мај 2016
Македонските иселеници во Холандија велигденските и првомајските празници ги минаа на протест. Во саботата во Хаг македонските граѓани повторно побараа праведна и слободна Македонија.
Реклама
Поддршка за Специјалното јавно обвинителство и за барањата на илјадниците граѓаните кои протестираат во Македонија, во саботата дојде од Хаг, Холандија.
Oд меѓународниот град на мирот и правдата- Хаг, македонските граѓани порачаа дека се загрижени за демократијата, слободата и владеењето на правото во Македонија.
„Огорчени од самоволието на режимот, но и охрабрени од масовната мобилизација на илјадниците граѓани кои ја започнаа Шарената револуција се собравме да изразиме целосна поддршка на отпорот и на сите барања на граѓанското движење #Протестирам и на Шарената револуција.“
Во писмото кое беше доставено во македонската амбасада во Холандија се наведуваат повеќе барања:
Итно повлекување на одлуката за аболиција на сите оние против кои се води истрага и против кои е покренато обвинение од страна на Специјалното јавно обвинителство.
Итна и неотповиклива оставка од претседателот Ѓорге Иванов од функцијата.
Произнесување на Уставниот суд за уставноста на СЈО.
Формирање на специјално одделение на Кривичниот суд кое ќе биде надлежно за случаите под јурисдикција на СЈО.
Итно повлекување на одлуката за одржување на парламентарни избори на 5 јуни.
Задолжнително вклучување и присуство на независни претставници на граѓанското општество во процесот на решавање на кризата.
Формирање на преодна влада која докрај ќе ги имплементира итните реформски приоритети од извештајот на Прибе.
Во Македонија деновиве немаше протести поради велигденските и првомајските празници. „Духот“ на Шарената револуција сепак се пренесуваше низ социјалните мрежи преку велигденските јајца.
Како #Протестирам прерасна во #ШаренаРеволуција
Протестот кој започна по убиството на Мартин Нешковски на изборната ноќ во 2011 година, и подоцна прерасна во движење под името #Протестирам, деновиве еволуираше во ткн. Шарена Револуција во Македонија.
Фотографија: BIRN/Prizma
„Стоп за полициската бруталност“
На 10 јуни 2011 години стотици млади луѓе излегоа на улиците на Скопје да протестираат против полициската бруталност, откако по неколкудневен молк од полицијата, беше откриена вистинската позадина за убиството на 22-годишниот Мартин Нешковски.
Фотографија: AP
Студентски протести
Во ноември 2014 година започнаа големите студентски протести испровоцирани од воведувањето екстерно тестирање од страна на Министерството за образование.
Фотографија: AFP/Getty Images/R. Atanasovski
#ПоздравПленумци
Во февруари 2015 година студентите започнаа со ткн. окупација на факултетите. Незадоволството, покрај на улиците, засилено се изразуваше и во зградите на УКИМ во Скопје и други градови.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Нов замав во 2015
Протестите се вратија на улиците на Скопје со уште поголем интензитет во мај 2015 година, откако опозицијата објави дел од прислушуваните разговори во кои можеше да се слушне како владини функционери го прикриваат убиството на Нешковски.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Жестоки судири со полицијата
Граѓанските протести доведоа и до жестоки судири со полицијата. Повеќе полицајци беа повредени, а десетици демонстранти беа приведени од полицијата. Отпорот го загуби интензитетот по крвавата пресметка со терористичката група во Куманово на 9 и 10 мај во која животите ги загубија 8 припадници на МВР.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Опозициски протест
На 17 мај 2015 година опозицијата предводена од СДСМ организираше голем протест пред платото на Владата во Скопје. Протестот беше поддржан и од повеќе студентски и граѓански организации кои дотогаш демонстрираа по разни поводи, како и од неколку албански партии.
Фотографија: Reuters/M. Djurica
Контра-протести
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ во неколку наврати возврати на опозициските и граѓанските протести со контра-протести. Најмасовниот се одржа во Скопје на 18 мај 2015 година.
Фотографија: picture-alliance/epa/G. Licovski
Против Уставниот суд
Одлуката на Уставниот суд да укине законска одредба и да му го врати правото на претседателот на државата да помилува, го најави новиот бран протести кој трае до денес. На 16 март 2016 повеќе илјади граѓани протестираа во близина на зградата на Судот, откако полицијата им го блокираше пристапот. Контра-демонстранти организирани од партијата ГРОМ ја „чуваа“ зградата.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Револт против Иванов
По одлуката на Уставниот суд, Иванов набрзо го искористи вратеното право на помилување. На 12 април тој им даде „милост“ на 56 политичари и нивни соработници кои беа опфатени со истрагите на Специјалното јавно обвинителство. Својот револт граѓаните го искажаа врз неговата Народна канцеларија во Скопје.
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski
Порта Македонија во нови бои
Фасадата на Триумфалната капија или Порта Македонија во Скопје за првпат беше обоена на 15 април. Во знак на револт поради блoкадата на движењето, демонстрантите почнаа да фрлаат боја врз фасадата.
Фотографија: picture alliance/abaca/AA
Подготовка на „материјалот“
Балоните со боја се веќе широко распространети меѓу демонстрантите. Упатствата за нивна изработка и користење можат да се најдат и на интернет, исто како и стилизираните маички и сувенири поврзани со Шарената Револуција, поддршката за СЈО или пораките на обвинителките.
Фотографија: DW/E. Milosevska
Шарената револуција
Од 15 април, најпрво срамежливо, но веќе почна да се говори за почетокот на Шарената револуција. На нашата интернет страница ова име за првпат си го најде местото во наслов од текст објавена на 19 април. Во меѓувреме боењето или шарањето на „барокните“ владини и државни објекти во Скопје стана омилена пракса на демонстрантите.