Од птичји грип заразени и мачки, леопард и тигар - нема индиции дека мачките можат да го пренесат врз луѓе
20 февруари 2004Реклама
Дали птичјиот грип е пренослив и врз други животински видови, освен живината? Прашањето, според денешните агенциски информации, добива потврден одговор: откако порано не се потврдија првичните сомневања дека свињи биле заразени од вирусот на таа смртоносна болест, научниците овој пат утврдија дека во Тајланд домашни мачки биле заразени и умреле од птичји грип. Станува збор за најмалку два случаја. Згора на тоа, како што соопшти денеска ветеринар од универзитетот во Бангкок, иста судбина доживеале и по еден леопард и тигар. И тие, као и мачките, се заразиле преку исхрана со сурово пилешко месо. Се испитува и случајот со 196 говеда починати во почетокот на месецов во еден планински регион. Засега нема индиции дека вирусот е пренослив од мачките врз луѓе. Во Тајланд од птичји грип досега починаа 7, а во Азија севкупно 22 лица. Стапката на смртност кај заболените луѓе изнесува меѓу 70 и 80 проценти. Птичји грип кај кокошки повторно се појави во Канада, но според соопштението на властите, не е во прашање за луѓето смртоносниот тип на вирус. Во секој случај, во наредниве денови ќе бидат уништени сите 16 илјади кокошки и друга живина на фармата. Министерството за здравство соопшти дека е непознато потеклото на сега појавениот вирус во Канада. Светската здравствена организација повторно предупреди дека претстои долгогодишна битка против птичјиот грип. И покрај интензивните напори, досега во ниедна од погодените земји во регионот на Азија не е остварена целосна контрола врз болеста. Организацијата побара и натаму "висок степен на будност" во однос на вирусното заболување и искажа загриженост дека во Индонезија можеби не биле откриени такви инфекции кај луѓето, па некои појави на птичји грип биле погрешно интерпретиран како воспаление на дробовите.
Реклама