1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од пубертет во џихад

С. Пабст/И. Стојкова3 октомври 2014

Во редовите на „Исламската држава“ се борат 24 малолетници од Германија, тврдат безбедносните служби. Најмладите меѓу нив, наводно имаат само 13 години. Експертот за ислам - Јохен Милер го објаснува феноменот

Фотографија: Reuters

ДВ: Колкава е опасноста од овие трауматизирани групи?

Јохен Милер: Тешко е да се процени. Секако дека постои потенцијална опасност, која не смее да се потцени. Се претпоставува дека припадниците на оваа организација, во Сирија и Ирак добиваат воена обука, а потоа можеби се враќаат во Германија со цел да изведат терористички напад. Затоа, безбедносните институции мора да се активираат. Освен безбедносниот ризик, јас овие момчиња не ги гледам како опасни и вооружени терористи, туку повеќе како млади луѓе во неволја. Сметам дека тие се всушност дезориентирани момчиња, кои ја изгубиле насоката во животот. Многумина од нив ќе се вратат исфрустирани и со скршени илузии. Нивните проблеми и по враќањето оттаму ќе продолжат да постојат. Мора да се разгледаат мотивите кои ги натерале да заминат во Сирија и Ирак и начинот на кој ќе можат одново да се интегрираат во германското општество.

ДВ: Пропагандните снимки на „Исламската држава“ се ужасно вознемирувачки. Зошто се тие толку приемчиви кај младите?

Јохен Милер: Мотивите се различни. Кај лицата кои се толку многу радикализирани, што се подготвени на насилство, многу често се забележани лоши семејни односи. Често пати им недостасува фигурата на татко. Покрај тоа, имаат и проблеми во општеството и училиштето, немаат работа или никој не ги цени. Тие се бараат себеси во општеството. Зборувам за генерацијата „11 септември“. Тоа се млади кои пораснале овде во Германија, во време во кое исламот многу пати беше ставан под знак прашалник. Мораа да се изборат со тоа, а по терористичките напади во 2001, и со се поизразеното поврзување со насилството и тероризмот. Како млади луѓе со странски корени, тие го бараат својот идентитет. Но многу од борците се и конвертирани исламисти.

ДВ: Каде ги наоѓаат тие одговори?

Јохен Милер: Семејството, разните религиозни заедници или џамии. Често пати завршуваат на Интернет, таму ја продолжуваат потрагата и наоѓаат одговор во пораките на салафистите. Нивните одговори се кратки и јасни. Општеството мора да формира рамка во која тие млади луѓе ќе можат нормално да ја прифатат својата религија- на пример во училиштата. Исламот е дел од Германија и таа младина, без разлика дали е религиозна или не, јасно е дека припаѓа во таа група.

ДВ: Службата за заштита на Уставот веќе неколку години наназад ја набљудува салафистичката сцена во Германија. Тие варираат од сосема ненасилни до такви кои имаат терористички обележја – дали се салафистите поврзани со џихадистите во Ирак и Сирија?

Јохен Милер: Во моментов, кога зборуваме за радикализација, сѐ уште мислиме на тие 6.000 салафисти, кои се екстремисти. Јас би рекол дека повеќето од салафистите се идеолошки ориентирани и претставуваат закана за демократијата. Но од нив, само неколку стотини се истовремено и подготвени на насилство. Тука државата мора да интервенира – во училиштата, во насочувањето на младите, во политичкото образование – мора да им укажат на овие опасности и да им го задржат вниманието на нив.

Јохен МилерФотографија: DW/U. Hummel

ДВ: Најмладиот џихадист, наводно, има само 13 години. Колку брзо се радикализираат?

Јохен Милер: Тоа е застрашувачки. Јас тоа го споредувам со младите кои пукаат во училиштата, кои сакаат да се ослободат од фрустрацијата и агресијата која ја чувале во себе. Но, тоа се поединечни случаи. Во училиштата морав да работам со 13-годишни момчиња кои беа на чекор до радикализирање и кои ми признаа дека штеделе од нивниот џепарлак за да отидат во џихад. Радикализацијата се одвива на различен начин. Кај некои трае многу долго. Некој им се обратил на нив и ги вовел во друштво кое ги радикализира. Таму заземаат се поекстремни ставови. Порано или подоцна се јавува и желбата нешто да се направи и на дело, а не само да се зборува. Кај малиот број на млади кои се радикализираат за брзо време, забележуваме дека и религиозното убедување не игра голема улога. Во прашање се повеќе семејни, социјални и поединечни приказни. Тие им даваат поттик, а религијата е тука само изговор да се нападне во име на нешто.

ДВ: Набљудувањето на Твитер, Фејсбук и другите социјални мрежи пред неколку месеци предизвика бурни реакции кај јавноста, но токму на социјалните мрежи се одвива радикализацијата. Дали набљудувањето може да помогне во спречувањето на младите да тргнат по тој пат?

Јохен Милер: До младите може да се допре единствено ако постојат луѓе во окпкружувањето кои имаат разбирање за промените низ кои минуваат тие момчиња. Мораме да бидеме свесни за таквиот тек на работите и мораме да стапиме во контакт со нив на лице место и сосема индивидуално и да видиме кој може им помогне, дали сестрата или фудбалскиот тренер или некое друго лице.

Јохен Милер академски го изучува исламот. Како новинар доста време помина во земјите на Блискиот Исток. Тој е еден од основачите на здружението Ufuq.de – кое се занимава со културата на младите, медиумите и политичкото образование на младите германски имигранти, а посебно со културата на младите муслимани и нивното едуцирање.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми