1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од фудбалер - професионален пожарникар

Клаудија Ласчак / З. Јордановски24 јуни 2016

Професионален фудбалер е работа од соништата, но веќе околу 30-тата година најчесто доаѓа крајот. За многумина неочекувано, оти не мислеле на време за својата иднина, што е голема грешка.

Фотографија: DW/C.Laszczak

Кристијан Миколајчак (на насловната фотографија лево) долго време не сакал да размислува за тоа. Но, на 31-годишна возраст веќе ниеден клуб не му понудил договор. Не му било лесно да оди во агенцијата за вработување, но морал. Дотогаш постојано работите во животот му оделе напред. Со воодушевување играл фудбал уште како мал, негов најголем сон бил да стане професионален фудбалер. И, почнал да му се остварува: во Шалке го оценијлекако надежен талент, во 2001. година станал со тој тим вицешампион на Германија. Потоа настапувал за Хановер, па во редица екипи од втората лига. Тој тогаш уште не размислувал за годините по фудбалот: „Беше извонредно да седиш кај Руди Асауер (поранешен менаџер на Шалке) и да склучиш професионален договор, тогаш не мислев на други работи“. Но, колку подолго трае кариерата на некој играч, толку е поважно тој да размислува пошироко. Времето минува побргу отколку што се мисли. А ни оддалеку не стануваат сите фудбалери милионери – напротив. Само околу 10 проценти од нив на крајот на кариерата имаат доволно заработено за да можат да одат во пензија. За сите други тоа значи дека ќе мораат и понатаму да работат и тоа во некоја друга професија.

Фудбал и пожарникарство – тука има многу паралели

Кристијан Миколајчак прво немал поим што би можел да работи. Некој пријател му ја дал идејата за пожарникар. Но, поранешниот фудбалер знаел само дека треба да е секогаш врвно подготвен и да функционира во одреден момент. Тој ја сакал напнатоста и адреналинскиот „кик” пред некој важен натпревар – сега тоа го доживува како пожарникар. Само што сега не станува збор да се постигнуваат голови, туку да спасуваат животи. Тоа е вистински предизвик, со кој не може секој да излезе на крај. Некогашниот фудбалски професионалец се наметна, иако имаше повеќе од 500 кандидати. Зад него сега останаа повеќе од 4 години обука – прво за медицинска спасувачка служба, а потоа за пожарникар. „Убедливо најтешко беше учењето, уште еднаш да тргнеш од почеток“, вели Миколајчак. Сега има 35 години и токму го доби посакуваното вработување во противпожарната служба во Оберхаузен. Од фудбалот нему уште нешто му е познато: тимскиот дух е нужен и кај акциите на пожарникарите. „Кога влегуваме заедно, мораме да водиме сметка и заедно сите да излеземе. Кај фудбалот се губи натпревар или ќе се одигра погрешно додавање, а овде се во опасност човечки животи“, вели тој.

Карстен Рамело поради повреда на коленото се откажа од фудбалот во 2008. годинаФотографија: DW/C.Laszczak

Кога да е доаѓа крајот...

... и за истакнатите фудбалери во Бундеслигата. Како Карстен Рамело, на пример, кој како играч постигна речиси се`: со години беше успешен фудбалер на Бајер Леверкузен, а во 2002. со германската репрезентација стана вицешампион на Европа. Една повреда на коленото го принуди да се откаже од фудбалот во 2008. година. „Мора да станеш свесен дека е ограничено времето за фудбалот. Јас долго се држев на високо ниво и, искрено речено, бев и среќен што сето тоа заврши. Последната годинаипол се мачев со повреда, навивачите и тренерот тоа не го знаеја“, раскажува Рамело. И нему му било тешко дека веќе не бил во средиштето на вниманието. На многумина поранешни играчи им недостасувало потчукнувањето од навивачите по рамо или тоа што веќе никој не им бара автограм. Карстен Рамело прво сакал да биде полицаец, но потоа ѝ дал предност на фудбалската кариера. Така останал без никакво професионано образование – како и околу 70 прценти од сите фудбалери. Негова среќа е што успеал финансиски добро да се обезбеди. Откако ѝ стави крај на кариерата, тој се приклучи како партнер во една фирма за продажба на билети. Младите играчи ги советува „да не прифаќaат се` здраво за готово, да се подраспрашаат подобро, да погледаат малку лево и десно. И кога ќе дојде моментот повторно да мораш да се погрижиш да најдеш работа, полесно е да ги засукаш ракавите“. Како фудбалер се научил и на дисциплина: „Мораш да му се посветиш на она што го правиш, тогаш можеш да бидеш успешен”.

Многу фудбалери кога-тогаш мора да го заменат зелениот терен со друго работно местоФотографија: DW/C.Laszczak

Двајца фудбалери станаа млади претприемачи

Тим Јерат и Михаел Лејан уште сега не ставаат се` исклучиво на успеси на фудбалскиот терен. Иако обајцата штотуку потпишаа нов двегодишен договор со фудбалскиот клуб Викторија од Келн, тие паралелно вонредно студираат и економија. Секојдневните тренинзи и натпреварите за време на викендот не оставаат време за редовни студии. А токму во тoа е проблемот: Многумина фудбалери едноставно не успеваат да завршат некаква професионална обука или студии. За да ги мотивираат играчите, тие двајца во иднина имаат намера да посредуваат германски фудбалери да добијат спортски стипендии во САД. Со тоа сакаат да побудат мотиви кај играчите за навремено да си бараат алтернативи. „Ако имаш алтернатива, од тоа ќе профитира и кариерата. Тоа ти дава извесна опуштеност, што е предност на теренот, за и таму да бидеш поуспешен“, уверен е Тим Јерат.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми