1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ОЕЦД во борба против легалните даночни „трикови“

Андреас Бекер / Елизабета М. Фиданоска17 септември 2014

Како да се спречи мултинационалните концерни да плаќаат малку или дури и воопшто да не плаќаат данок со помош на „трикови“? Непосредно пред средбата на Г20 во Австралија, ОЕЦД претстави нови препораки и мерки.

Фотографија: Fotolia/46700946

Плановите што ОЕЦД ги претстави во Париз се дел од поголем Акционен план за борба против „шуплосувањето на даночната база и преместувањето на капиталот“. ОЕЦД доби задача од Групата 20 да развие Акционен план. Организацијата во текот на изминатата година идентификуваше 15 клучни проблеми за кои до 2015 година има намера да предложи решенија.

ОЕЦД веќе 50 години се занимава со прашањето како може да се избегне двојното оданочување на фирмите. Двојното оданочување важи за опасност за трговијата и порастот. Но двојното оданочување веќе не е проблем. Мултинационалните концерни ја користат својата интернационална структура, разликите во националните закони и многуте даночки дупки за да платат што е можно помалку данок. Од опасноста од двојно оданочување во праксата се создаде двојно неоданочување.

Сега претставените препораки на ОЕЦД се „основа за меѓународен одговор на даночното оптимирање на мултинационалните претпријатија“, вели генералниот секретар на ОЕЦД, Анхел Гуриа. Нивното „агресивно даночно планирање“ е сериозен ризик за приходите од даноците, сувереноста и фер даночните системи шриум светот.

„Да се стави крај на двојното неоданочување“

„Ќе му ставиме крај на двојното неоданочување“, вели Паскал Сан-Аманс, надлежен за даночни прашања во ОЕЦД. Целта е да се „променат правилата на игра“ и да се обезбеди фимрите да плаќаат соодветен данок онаму каде што го водат својот бизнис.

Легалното избегнување на плаќањето данок од страна на големите концерни за многумина министри за финансии е особено иритирачки, со оглед на тоа што состојбата со буџетите од почетокот на финансиската криза е напрегната. Освен тоа, тоа ги става малите фирми во подредена положба, констатира ОЕЦД, со оглед на тоа што тие ниту можат да си дозволат скапи даночни стручњаци ниту имаат свои претставиштва ширум светот за да можат да ги користат даночните дупки.

ОЕЦД: Големите американски концерни со трикови и „криење“ капитал во земјите кои важат како даночни раеви „заштедиле“ околу 2000 милијарди долари кои инаку би морале да ги платат за данок во САДФотографија: Fotolia/Trueffelpix

Затоа пак, легалното преместување на капиталот на големите онлајн фирми, како Амазон и Гугл, но и на американскиот синџир Старбакс и голем број други фирми им дава можност за плаќаат данок на својата добивка во земји каде оданочувањето е ниско. На пример, европската централа на Амазон се наоѓа во Луксембург. Според агенцијата Ројтерс, концернот таму во 2011 година пријавил обрт од 9,1 милијарди евра, но добивка за оданочување од само 29 милиони евра.

ОЕЦД вели дека големите американски концерни со вакви трикови и „криење“ капитал во земјите кои важат како даночни раеви „заштедиле“ околу 2000 милијарди долари кои инаку би морале да ги платат за данок во САД.

Што да се направи?

ОЕЦД предлага низа мерки за да се спречат даночните трикови. Треба да има единствени правила за т.н. хибридни финансиски инструменти. Досега, имено, фирмите ќерки во некои земји можеа да добијат даночни олеснувања за парите кои мораа да ги плаќаат на централата, додека тие износи во земјата каде што се наоѓа концернот мајка беа категоризирани како дивиденда ослободена од данок.

Концерните веќе нема да може ниту да се „прикажуваат сиромашни“ со тоа што концернот мајка и концерните ќерки си определуваат своеволно суми за интерни услуги. На пример, британскиот концерн Водафон има мала фирма ќерка во Луксембург која набавува материјал за концернот. Агенцијата Ројтерс пишува дека вработените (само 200) минатата година имаат остварено добивка од повеќе од 400 милиони евра, што оваа фирма ќерка, која е една од најмалите, ја прави еден од најпрофитабилните делови на Водафон. Поради едно правило на исклучоци во даночниот закон на Луксембург, профитот не е оданочен.

За една година ОЕЦД има намера да го претстави и вториот дел од својот Акционен план, во кој треба да има натамошни препоракиФотографија: Jean AyissiI/AFP/Getty Images

ОЕЦД, освен тоа, предвидува и воведување минимални стандарди за да се спречи злоупотреба на договорот за двојно оданочување. Исто така, мултинационалните концерни во иднина ќе мораат да им пријават на даночните власти колку данок во која земја плаќаат. ОЕЦД предлага и „значителната дигитална присутност“ во една земја да биде причина за даночна обврска на претпријатието. Онлајн понудувачите како Епл со неговиот Ајтјун-шоп, производителот на софтвер Адоуб и платформата за тргување Ибеј би можеле на тој начин да бидат принудени на оданочување на приходите онаму каде што ги создаваат.

Од страна на ОЕЦД предложените мерки ќе бидат разгледувани во текот на викендот (20/21.09) на средбата на Г20 во Австралија. Меѓутоа, пред тие мерки да се преточат во меѓународен договор или закони, ќе помине уште време. За една година ОЕЦД има намера да го претстави и вториот дел од својот Акционен план, во кој треба да има натамошни препораки. Дури тогаш ќе може да се донесе одлука за целиот пакет мерки.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми