Океаните преполни со смет
5 јуни 2014Мачната неизвесност околу тоа што се случи со авионот на Малезија ерлајнс продолжува, а сѐ што досега беше пронајдено во водите на Индискиот океан во текот на пограгата беше едноставно смет: пластичен отпад, рибарска опрема и други предмети.
Стручњаците не се изненадени од тоа. Океаните едноставно се задушени во смет. Отпад може да се пронајде дури и во најоддалечените региони, далеку од брегот. Голем дел од тој смет е пластика: четкички за заби, пластични кеси и канистри. „Годишно се произведува околу 280 милиони тони пластика“, вели за ДВ, Тило Мак, морски биолог во германскиот „Гринпис“. „Според проценките, 20 проценти од неа завршува во морињата“. Но отпадот кој плива на површината е само видливиот дел од проблемите, бидејќи сметот се собира и под морската површина и тоа во неверојатно големи количества. „Тоа е огромен проблем. Поаѓаме од тоа дека само на дното на Северното море се наоѓа можеби 300 илјади тони пластичен отпад“, вели Мак.
Пацификот - најголема депонија
Како и водата, и најголемиот дел од сметот е во постојано движење, брановите и струите го носат од еден крај на светот на друг. Постојат огромни отпадни купови, а во северниот Пацифик дури и нешто што се нарекува „Голем пацифички слој на ѓубре“. Тој килим од смет е голем колку цела средна Европа. Но самото име збунува, вели Венди Вотсон-Рајт, директорка во Меѓународната океанографска комисија (ИОК), организација која е дел од Унеско и која се занимава и со истражување на светските мориња. „Кога ќе се каже 'голем слој на смет' може да се помисли на површина од смет која е поврзана, како некој вид пловечки остров, кој би можел да се забележи преку сателит“. Но, тоа е грешка, бидејќи во суштина се работи за малечки, пловечки честитки отпад. За жал тоа го отежнува и чистењето. „Веројатно би било полесно да се исчисти една видлива отпадна површина, наместо оваа каша од пластични делови“, вели Вотсон-Рајт.
Натамошен проблем е што пластиката не се распаѓа, односно тоа се случува многу бавно, понекогаш и по неколку векови. Тоа понекогаш има и смртоносни ефекти, особено за животинскиот свет. Животните понекогаш мислат дека отпадот е храна и на тој начин се трујат или задушуваат. „Желките јадат големи количества медузи, а пластичните кеси кои пловат неверојатно личат на медузи. Кога ќе ги голтнат, кесите го блокираат влезот во желудникот, а животните умираат во големи маки“, вели Тило Мак.
Делови од сметот кои беа пронајдени во морето во рамките на потрагата по малезискиот авион беа поголеми и од 20 метри. Тој смет, на членовите на семејствата на исчезнатите им будеше надеж, а на светот за момент многу сликовито му ги прикажа вистинските размери на загадувањето на морето. Венди Востон-Рајт се надева дека тие слики ќе останат во колективното сеќавање на луѓето, и дека тие, можеби нешто и ќе променат.