1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Околностите на посетата на Ердоган на Сараево - „сомнителни“

Самир Хусеиновиќ
21 мај 2018

Собирот во сараевска „Зетра“, на кој настапи турскиот претседател Ердоган, ја подели јавноста, но и Бошњаците во Босна и Херцеговина.

Besuch türkischer Präsident Tayyip Erdogan in Bosnien und Herzegowina
Фотографија: picture-alliance/AP hoto/A. Emric

Наспроти големото медиумско внимание, посетата на турскиот претседател Реџеп таип Ердоган на Сараево и неговиот, како што го оценија аналитичарите, предизборен собир, не предизвикаа поголеми реакции меѓу граѓаните во Босна и Херцеговина (БиХ). Во сенка на предизборните популистички изјави од „Зетра“ и критиките на сметка на западноевропските држави дека, за разлика од БиХ, „паднале на демократскиот испит“, останаа Ердогановите пораки од Претседателството на БиХ дека Турција го поддржува европскиот пат на БиХ и интеграцијата на земјата во НАТО. Исто така, малку внимание се посвети на фактот дека Турција и БиХ договориле „ширење на соработката во областа на сообраќајот и инфраструктурата“, за дополнително да се даде поддршка на изградбата на автопат Сараево-Белград.

Аналитичарите сметаат дека доаѓањето на претседателот на една влијателна земја, која како членка на Советот за спроведување на мирот пружа поддршка на мировниот процес во постдејтонска БиХ, не би требало да има негативен контекст. Ниту пораките кои ги изрече Ердоган на прес-конференцијата по средбата со претседавачот на претседателството на БиХ, Бакир Изетбеговиќ, не се спорни во политичка смисла, тврди новинарот на босанското радио Амир Сужањ. Меѓутоа, тој смета дека околностите на посетата на Ердоган на Сараево се „спорни од повеќе агли“.

Сараевчани со поделено мислење за настапот на Ердоган

01:13

This browser does not support the video element.

Дилеми за природата на посетата на Ердоган

„Првата спорна работа е онаа на домашно ниво. Фактот што за таква важна посета два члена на Претседателството на БиХ 'дознале од медиумите' отвора дилема за вистинската природа на Ердогановото доаѓање и е во расчекор со праксата и вообичаените дипломатски норми. Покрај тоа, доаѓањето на турскиот претседател е најавено како службена посета дури во последната фаза на медиумската расправа за големиот турски собир во Сараево и тоа откако се отворени прашањата - на чиј повик турските граѓани од европските земји прават предизборен митинг во главниот град на БиХ и на чија иницијатива Ердоган доаѓа на таков собир. Државничките посети по правило не се следени од такви дилеми“, вели Сужањ за ДВ.

Од манифестацијата во Сараево се обидуваат да соберат политички поени и Ердоган и Изетбеговиќ. Ердоган, вели Сужањ, сака да се претстави како државник и лидер со силно влијание во регионот и како важен политички фактор во глобални рамки, додека за Изетбеговиќ посетата на Ердоган е значајна во време кога неговата СДА (Партија за демократска акција) се обидува да ги ублажи последиците од внатрепартиските судири. „Тој со средбата со турскиот претседател пред домашната јавност се обидува да го нагласи своето државничко влијание и да покаже дека има поддршка од Ердоган, а посетата на турскиот претседател на Сараево и во самата СДА ќе биде претставена како израз на поддршката на кандидатурата на сопругата нa Бакир, Себија Изетбеговиќ, за член на Претседателството на БиХ“, вели Амир Сужањ.

Од собирот во Сараево сакаат да профитираат и Ердоган и ИзетбеговиќФотографија: Getty Images/AFP/O. Bunic

Поданичко умилкување на Турција?

Ердогановиот предизборен собир во Сараево не ја подели само јавноста во БиХ, туку и бошњачкиот национален корпус. „Во медиумите и на социјалните мрежи, а посебно во академските и политичките кругови, се зборуваше дека ова е само последна фаза во долгогодишната пракса на Изетбеговиќ на поданичко умилкување на Турција и нејзиниот претседател. Тој политички однос во очите на светот, а и добар дел од нејзината сопствена јавност, ја става Босна и Херцеговина во позиција на турска политичка лепенка, некаков вид турска провинција, граничен вилает во визијата на Ердогановото регионално дејствување“, оценува Сужањ.

Повеќе: Контроверзно предизборно шоу на Ердоган во Босна

Соговорникот на ДВ вели дека Изетбеговиќ почесто го посетувал Истанбул отколку Брисел и другите европски метрополи и дека со своето политичко дејствување довел до своевидна (само)изолација на бошњачките политички кругови. Тој предупредува дека овој настан отвора можност и за државници од други земји да „роварат“ по БиХ правејќи политички собири и митинзи. „И, на крајот, сараевскиот собир на 'турските демократи' е политички и дипломатски незграпна порака на Изетбеговиќ до ЕУ во време кога СДА, барем декларативно, настојува да се покаже како клучен мотор на европскиот пат на БиХ“, вели Амир Сужањ.

Фотографија: Reuters/D. Ruvic

На социјалните мрежи - султан

Во некои анализи на посетата на Ердоган на БиХ и неговиот предизборен собир во сараевската олимписка сала „Зетра“ изнесени се и построги оценки. Професорот на универзитетот во Мостар, Миле Ласиќ, за порталот „Кликс.ба“ коментираше делови од обраќањето на Ердоган и на Изетбеговиќ до учесниците на собирот во „Зетра“. Ласиќ, зборувајќи за штетните последици од мешањето на религијата и политиката, меѓу останатото вели дека „кој има такви пријатели, не му се потребни непријатели“.

За посетата на турскиот престедател се расправаше и на социјалните мрежи, каде Ердоган често е нарекуван „султан“. Сараевскиот актер Нермин Тулиќ на својот Фејсбук-профил се навраќа на зборовите на Хусеин-капетан Градашчевиќ, т.н. Змеј од Босна, војсководец кој се побунил против некогашното Османлиско царство, залагајќи се за автономија на Босна: „Од бога се плашам малку, од султанот воопшто, а од везирот колку од доријата свој.“

ПовеќеКонвој од Македонија на митингот на Ердоган во Сараево

Аналитичарите исто така истакнуваат дека посетата на Ердоган на Сараево е своевидна порака и до европските стратези дека, во недостиг на конзистентно и реално европско делување, други глобални политички фактори, во прв ред Турција и Русија, многу бргу ќе почнат да ги остваруваат своите интереси во самиот европски двор.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми