1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Октоберфест сѐ е како и досега - речиси

Сабине Добел (дпа) / ЕМФ16 септември 2016

Одбројувањето е при крај. Минхен е подготвен за Октоберфест. Пиво, блех музика, ролеркостер - сѐ како и секогаш. Но, овојпат со зајакнати безбедносни мерки.

Фотографија: picture alliance/dpa/S. Hoppe

Огромни шатори, Панорамско тркало, ролеркостер со Олимпија-лупинг и над сето тоа сонце и сино небо без облаци. Непосредно пред отворањето Октоберфест се презентира како од сликовница. Жителите на Минхен, за да се загреат пред фестивалот, со денови шетаат во традиционални носии - дирндл и кожени панталони. Од утре (17.09.2016) тие ќе се веселат и прославуваат заедно со Австралијци и Италијанци, Руси и Кинези.

Сѐ е како и секоја година - речиси. Градоначалникот на Минхен Дитер Рајтер утре на најголемиот народен панаѓур на светот ќе го отчепи првото буре со пиво со традиционалниот извик „Оцапфт ис! За мирен фестивал“. Годинава тоа ќе има посебен одек. Затоа што годинава доминантна тема се безбедноста и стравот од тероризам. Градот, по нападот што се случи летово и нападите во Париз, Брисел, Ница, Ансбах и Вирцбург, го заостри безбедносниот концепт. „Направивме сѐ што е неопходно и соодветно“, изјави шефот на силите за обезбедување на фестивалот, Јозеф Шмит. Меѓутоа, „карактерот на најголемиот и најубав народен панаѓур не се менува“.

Првпат во 200-годишната историја на фестивалот на пивото, ќе биде заграден целиот простор. Редарите треба да се погрижат во случај на опасност оградата да се отвори за 50 секунди. На влезовите ќе има построги контроли отколку досега. Големи чанти и ранци се забранети. Градот ангажираше 450 редари, односно двојно повеќе од лани. Полицијата ќе испрати сто службеници.

Политичарите, кабаретистите и другите познати личности упатија повик до граѓаните да не се воздржуваат од посета на панаѓурот. Нивниот единствен став е дека така би им се одело на рака на терористите и криминалците. Портпаролот на гостилничарите, Тони Ројдерер, вели дека е ова панаѓур како и сите други досега. Сторнирањето на резервациите не е поголемо од вообичаено. „За ручек се сторнирани резервации за три маси, но затоа за вечерта се добиени 150 барања за резервации.“

Волфганг Рознер подготвува печени бадеми, макадамија ореви со кари, индиски ореви со лук и околу сто други варијации со ореви, лешници и бадеми. Тој на Октоберфест е веќе 33 години, четврта генерација. „Ако се плашев, немаше да дојдам“, вели Рознер околу безбедноста. Гостилничарите, организаторите и редарите сакаат „нивниот“ фестивал да го почнат радосно и необременети со грижи. Портпаролот Ројдерер како да зборува од душата на сите нив: „Нема да дозволиме шака лудаци да ни ја земат животната радост.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми