1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како германскиот цар ја финансираше руската револуција

Фолкер Вагенер
7 ноември 2017

Руската Октомвриска револуција важи за победа на работниците и земјоделците над царското владеење. Она што малкумина го знаат: вмешан бил и германскиот цар. Тој финансиски им помагал на болшевиците.

Wilhelm II, Hindenburg und Ludendorf
Фотографија: picture alliance / Everett Collection

Цирих, 9 април 1917 година. На железничката станица 32 руски емигранти се подготвени за поаѓање. Тие не се единствените кои се дојдени: „Предавници, стока, свињи“, им дофрлаат многумина. Но, присутни се и нивни поддржувачи кои ја пеат Интернационалата. За момент и шините се блокирани, но возот некако успева да ја напушти станицата.

Се работи за германски вонреден воз кој на располагање го стави царот Вилхелм Втори за да ја разгори револуцијата во Русија. Бидејќи, во еден од вагоните седи Владимир Илич Улјанов, викан Ленин. Со помош на Германија, тој го напушти својот азил во Швајцарија за една недела подоцна да стигне до целта: Петроград, денешен Санкт Петербург. Во Русија тукушто заврши Февруарската револуција, која го симна од престолот царот Николај Втори, на власт е провизорна влада, а големата револуција уште не е ни на повидок.

Пруски бајонети и руски пролетери

Враќањето на познатите емигранти до татковината, во Берлин се следи со големо внимание. „Враќањето на Ленин во Русија успеа. Тој го прави токму тоа што сакавме“, пишува во допис раководството на германската армија до Министерството за надворешни работи. Делува како политички парадокс. Вилхелм Втори се поврзал со комунистот Ленин. Целта на германскиот цар: дефинитивно слабеење на Царството со кое т. н. средишни сили - Германија и Австроунгарија - се во војна од 1914 година.

Израил Лазаревич Хелфанд алијас „Александер Парвус“. Фотографија: gemeinfrei

Калкулацијата на Берлин е јасна: Ленин и неговите болшевици треба да ја дестабилизираат Русија и со тоа - среде Првата светска војна - да овозможат олеснување на Источниот фронт. Планот успеа. Германското царство се служи со старото правило на дипломатијата: непријателот на мојот непријател е мој пријател.
Таквите идеи и концепти не се нови. Тие потекнуваат од човекот со комунистичко име „Александер Парвус“. Израил Лазаревич Хелфанд. Богатиот Руски Евреин го користел своето влијание на тој начин што уште во 1914 година во Константинопол му предложил на германскиот амбасадор сојуз меѓу „пруските бајонети и руските пролетерски тупаници“. Интересите на Германија и на руските револуционери се идентични, говорел Парвус. По почетната скепса, закажан е состанок во Берлин.

Капиталист и салонски болшевик

Хелфанд живеел на висока нога и бил опкружен со жени. За првпат престојувал во Германија во 1891 година. Пишувал за левичарски весници под разни псевдоними и се состанувал со водечките комунисти на своето време: Роза Луксембург, Карл Кауцки, Ленин и Лев Троцки. Но, сите биле сомничави кон него затоа што неговиот стил на живот бил сѐ само не социјалистички. По крвавата недела на 22 јануари 1905 година, кога царот издал наредба да се пука врз демонстрантите во Петербург и кога се убиени повеќе од 2.000 луѓе, Хелфанд и Троцки се меѓу првите руски емигранти кои се враќаат во татковината. Но, полицијата веднаш ги апси.

Хелфанд е затворен во Сибир, но успева да побегне и оттаму во Константинопол да изгради бизнис империја и да стане богат човек. Меѓу другото, поседувал и повеќе банки. Поради тоа старите комунистички пријатели му го свртеле грбот. Троцки дури напишал и „Некролог за живиот пријател“. Но, по избнувнувањето на војната во 1914, Парвус добил можност да го оствари своето влијание. По неговата посета на германскиот амбасадор во Османлиското царство, веќе во февруари 1915 бил примен во Министерството за надворешни работи во Берлин.

Нападот врз зимската палата во Санкт Петербург на 7 ноември 1917 годинаФотографија: picture-alliance/akg

Руската револуција на 23 страници

Рускиот комунист и успешен бизнисмен во Министерството презентирал сценарио на револуцијата. Тоа бил план на настани кои неколку месеци подоцна навистина така се случиле. На 23 страници текст, Хелфанд детално опишал како може да успее превратот поддржан од странство. Еден месец подоцна, царската благајна издвоила два милиона марки за поддршка на револуционерната пропаганда во Русија. Хелфанд не ги одвојувал своите бизнис интереси од политичките цели. Тој е класичен воен профитер, а тргувал со сѐ: оружје, метали, коњак, кавијар, текстил... До истокот не можело да се стигне преку воениот фронт, па неговите помагачи ја шверцувале стоката преку едно шведско село на финската граница, која тогаш била руско кнежевство. Граничарите биле подмитени и знаеле за тоа.

Реченицата „Пренесувам поздрави од Олга“, служела како лозинка за помош преку која руските револуционери преку границата добивале, не само пропагандни материјали, туку и оружје и динамит. Со помош на „германските подароци“ се палат руски пристаништа и се потопуваат бродови во Архангелск. Акциите на Парвус ги координира германскиот амбасадор во Копенхаген, гроф Улрих фон Брокдорф-Ранцау, кој сметал дека поддршката за комунистите е оправдана со тоа што на тој начин била поткопувана воената коалиција.

Еден ден по враќањето од егзил во Швајцарија, Ленин го држи својот познат говор во Петербург познат и под името „априлските тези“Фотографија: picture-alliance/dpa/Tass 437179/P. Wolkow

Револуција и на ваша глава

Планот на Хелфанд успеал. На 7 ноември 1917 доаѓа до преврат кој во историјата е запишан како Октомвриска револуција. Преодната влада е соборена, Советите доаѓаат на власт и неколку недели подоцна Русија се повлекува од блокот на Антантата, во која била заедно со Франција и Британија. Тоа е крај на војната за земјата. Сметката на царот Вилхелм Втори за слабеењето на Русија - мерено во денешна валута - го чинела околу половина милијарда евра.

Самиот Парвус директно делувал како посредник на германскиот цар. Тој бил „макро на империјализмот“, како што за него постхумно ќе напише Клара Цеткин, германската марксистка. Хелфанд умира во 1924 година во Берлин на возраст од 54 години од мозочен удар. За неговата историска улога подоцна молчат и Германците и Советите.

Ленин, кого руските комунисти накусо го дискредитираат како некој кој земал пари од Германија, по убиството на царското семејство на 17 јули 1918 година преминува во офанзива. Тој никогаш не демантирал дека земал германски пари, но во една прилика рекол: „Сакам само да додадам дека со руски пари ќе инсценираме слична револуција во Германија“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми