Самитот на еврозоната решава за Грција
12 јули 2015Самитот на шефови на држави или на влади на земјите од Еврозоната, кој штотуку започна во Брисел, треба да донесе „судбинско решение за иднината на Европа“, како што го означи Мартин Шулц, претседател на Европскиот парламент: ќе остане ли Грција во еврзоната или ќе биде прва од 19-те земји членки што ќе треба да ја напушти?
„Франција ќе стори се’ за да се постигне согласност што ќе овозможи останок на Грција во еврозоната“, изјави пред почетокот на средбата францускиот претседател Франсоа Оланд. Тој ја отфрли идејата на германскиот министер Волфганг Шојбле, усогласена и со канцеларот Ангела Меркел, за привремено, најмалку петгодишно напуштање на еврозоната од страна на Грција, додека да ја консолидира својата економија: „Нема провизорен грекзит“, рече Оланд и нагласи дека учесниците на самитот мора да решат „дали Грција утре ќе биде во еврозоната“.
„Денеска ќе имаме тешки разговори и нема да има решение по секоја цена“, возврати германскиот канцелар Меркел. „Мора да биде обезбедено предностите да претежнат над негативните страни и тоа како за иднината на Грција, исто така и за еврозоната како целина и за принципите на нашата соработка“, нагласи Меркел. Германската канцеларка во меѓувреме одржа и кус, одвоен состанок со Оланд, пред почетокот на самитот.
„Загубена е најважната валута - довербата и сигурноста“
Учесниците го започнаа самитот без усогласен документ со кој би се повикало на почеток на преговори со Грција и врз основа на кој би се одвивала расправата попладнево. Не е ни за чудење, оти ситуацијата е екстремно тешка - од една страна поради економската ситуација на Грција, „но и затоа што е загубена најважната валута - довербата и сигурноста“, вели Меркел.
Министрите за финансии, кои денеска повторно заседаваа до пред самиот почеток на самитот, им препуштија на нивните шефови да донесат решение. Ним сепак им поднесоа изјава, но со загради кај многу точки, како што сликовито се изрази луксембуршкиот министер за финансии Пјер Грамења.
Ципрас уште се надева, Јункер на негова страна
Грчкиот премиер Алексис Ципрас смета дека се’ уште е можна согласност за нов пакет за финансиска помош за неговата земја: „Вечерва можеме да постигнеме согласност ако сите страни го сакаат тоа“, рече тој при пристигнувањето во Брисел. Ципрас сакал да биде постигнат „чесен компромис“, оти, како што рече, „тоа му го должиме на народот на Европа“.
Претседателот на Комисијата на ЕУ Жан-Клод Јункер најави дека ќе се ангажира за согласност со Грција „до последната милисекунда“. Претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц очекува да биде постигната согласност оти „во прашање е единството на Европа“. Тој ги повика сите страни на готовност за компромис.