1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Олимпијада, па што?

Астрид Пранге / З. Јордановски27 јули 2016

Во Рио се подготвуваат за вистински бразилски игри. Олимпијадата бара талент за импровизации и трпеливост не само од жителите на градот, туку и од посетителите.

Фотографија: Getty Images/AFP

Прво добрата вест: олимпијадата во Рио ќе се одржи. Завршена е изградбата на сите важни борилишта, готов е и безбедносниот концепт, продадена е речиси една четвртина од вкупно 4,3 милиони влезници за игрите.

Од 5 до 21.август 10.500 спортисти ќе ги одмеруваат силите во 28 спортови. Овој настан преку телевизија ќе го следат околу 4 милијарди гледачи во светот.

Лошата вест е дека Бразил не го исполни најголемиот дел од обврските спрема Меѓународниот олимписки комитет. Така, новата линија на метрото, со која од центарот на градот илјадници луѓе треба да бидат превезени во олимпискиот комплекс, најверојатно ќе работи ограничено, како пробно возење.

Подобро да не се загледува многу!

Изостана и чистењето на живописниот залив Гванабара. Во меѓувреме навистина се третира речиси половината од отпадната вода од деветмилионскиот град, која се слева во заливот, но требаше да бидат 80 проценти.

Како тоа да не е доволно, и лагуната на Жакаперагва, на чиј брег се наоѓа олимпискиот комплекс, наликува на клозет. А тоа ѝ се заканува да стане и лагуната „Родриго де Фреташ“ среде побогатата јужна зона на градот, каде треба да се одржат веслачките натпревари.

Едуардо Паеш, градоначалник на Рио де ЖанеироФотографија: Peter Neitzsch

„Не се покажуваме од нашата најдобра страна“, признава Едуардо Паеш, градоначалник на Рио, во разговор за британскиот весник „Гардијан“. Со оглед на актуелната политичка и економска криза на Бразил, за земјата не е најповолно токму сега да се наоѓа во фокусот на светската јавност, вели тој.

Замижи и туркај

Списокот на проблеми изгледа бескраен: сообраќаен хаос, финансиски колапс, зика-вирус и принудно преселување.

Но се чини дека колку е поголем притисокот, толку расте релаксираноста. На десетина дена пред почетокот на игрите, во Рио завладува извесна увереност. Дефицитите се именувани, сега треба во тешката ситуација да се стори најдоброто. „Нема олимпијада без проблеми“, вели Ламартине Перера да Коста, професор по спортски менаџмент на универзитетот во Рио де Жанеро и соработник на истражувачката програма на МОК. „Од гигантизмот на олимпијадата во Сиднеј 2000 сите градови-организатори се борат со проблеми“.

Тој потсетува на заканата од МОК во 2004. година, дека на Атина ќе ѝ ја одземе организацијата поради доцнењето на изградбата на олимписките борилишта. Истата судбина му се закануваше и на Пекинг 4 години подоцна, но од друга причина – презагаденоста на воздухот.

Населението во меѓувреме се навикна на критики во предигра на големите меѓународни настани, напоменува Ламартине да Коста. „Проблеми и протести во Рио имаше и пред Светското првенство во фудбал, Панамериканските игри во 2007, како и пред Светскиот младински собир во 2013. во Рио. Но, кога и да е, во еден момент луѓето сепак се концентрираат врз настанот“.

Новите спортски аерни се готови, но стигнувањето до нив со јавниот сообраќај трае предолгоФотографија: picture-alliance/dpa/R. Sette Camara

Кризен менаџмент на бразилски начин

„Бразилците ќе сторат се` за олимпијадата да функционира и ќе успеат во тоа“, смета Штефан Јентгенс, извршен раководител на Адвенијат, бискупската хуманитарна организација за Латинска Америка. Но, црквата во Рио си постави задача во предигра на олимпјадата да ги брани правата на запоставените слоеви на населението.

Така Адвенијат преку надбискупијата во Рио ги финансира спортските активности во сиромашните квартови на градот, како и правната помош за жителите кои беа протерани поради градежните зафати.

На пример во „Вила аутодромо“, каде беа урнати многубројни куќи поради близината до олимпискиот комплекс. „Католичката црква ќе биде последната што ќе си отиде одовде. Сѐ додека тука уште живеат луѓе, и Црквата останува тука“, вели Јентгенс.

Спорот за соодветно обесштетување на жителите на тој кварт ја дораспалува општата дебата за експлозијата на трошоците за финансирање на игрите. Буџетот првобитно во 2009. година утврден на околу 7,8 милијарди евра, во меѓувреме се накачи на околу 10 милијарди.

Дилма Русеф и Михел Темер - ќе бидат ли двајцата присутни на отворањето на ОИ?Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Bizerra

Политички дуел во Маракана?

Скоро две третини од тоа отпаѓаат на проширување на градската инфраструктура во Рио, а остатокот е за трошоците на Оранизациониот комитет, како и за изградба и реновирање на спортските објекти. За споредба, во Атина трошоците достигнаа 11,2 милијарди евра, а во Лондон 13,4 милијарди.

Со оглед на рецесијата во Бразил и намалувањето на приходите од експлоатација на нафта, што особено силно ја погоди бразилската сојузна држава Рио де Жанеиро, гувернерот Франциско Дорнелеш на 17. јуни повлече рачна кочница и прогласи вонредна финансиска состојба. Во сојузниот главен град Бразилија искажаа подготвеност да ѝ помогнат на таа федерална единка со кредит.

На решение во последна минута, но на политичко ниво, се надева и Дилма Русеф, претседател на Бразил. Во мај таа привремено беше суспендирана од вршењето на функцијата и уште не знае дали и во која функција ќе учествува на свеченото отворање на олимпијадата на 5. август. Сигурно е само едно: политичката криза која го парализира Бразил, нема да биде решена дотогаш. Останува прашањето дали Русеф ќе може да поднесе ако игрите не ги отвори таа, туку - во нејзино присуство - политичкиот конкурент и потпретседател Михел Темер. Или ќе претпочита од политички причини да изостане од церемонијата?

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми