Бројот на заразени од корона во ЕУ вртоглаво расте. Со седумдневна инциденца од 1621 случаи, Данска во моментов е на прво место во светот. Брзо ќе ѝ се приклучат многу други европски земји.
Реклама
Омикрон варијантата на коронавирусот веќе две недели доминира во Данска. Ова не е големо изненадување со оглед на тоа дека бројот на заразени во земјата забрзано расте. Според последната статистика на Европската агенција за заразни болести (ЕЦДЦ), во периодот меѓу 7 и 21 декември стапката на заразени во Данска е 2100 на 100.000 жители, со што се искачи на врвот во Европа. ЕЦДЦ ја пресметува индиценцата на европско ниво за период од 14 дена. Данскиот институт Статенс Серум во Копенгахен прави седумдневна анализа, па така според нив седумдневната инциденца во земјата е 1621, што е највисока вредност во моментов во светот. И во Германија просечниот раст на заразени на 100.000 жители се пресметува на седум дена, што ја отежнува споредбата на европско ниво.
Бројот на заразени вртоглаво расте и во останатите европски земји, велат податоците на ЕЦДЦ. Во Словачка и Чешка има преку 1500 заразени на 100.000 жители во последниве 14 дена, потоа следи Ирска со 1400 и Холандија со 1300. И во Франција, Белгија, Хрватска и Кипар (со по околу 1000 случаи) Омикрон „се погрижи“ за експлозија на заразата. За споредба, инциденцата во Германија во последниве 14 дена пред Божиќ според ЕЦДЦ била 790.
Загрижуваат прогнозите на Европската здравствена агенција, според кои стапката на заразени во Европа во следните денови и недели засилено ќе расте. Бранот Омикрон веќе не може да се запре, туку во најдобар случај да се забави, се вели во соопштението од 15 декември.
Повеќе заразени, помалку тешко заболени
Ако се погледне „шампионот“ Данска, се забележува дека актуелниот број заразени е значително поголем споредено со истиот период минатата година, кога бројот на заразени бил само една четвртина од актуелно регистрираните пациенти. Но, бројот на хоспитализирани поради корона во тоа време е значително поголем отколку сега. Во понеделникот во Данска имало само 70 лица болни од Ковид-19 на интензивна нега. Според данските здравствени власти оваа бројка е за 50% помала споредено со последниот голем корона-бран во јануари 2021.
Стапката на вакцинација во Данска е 77%, а 42% веќе добиле и „бустер“ доза. Според анализата на Серум институтот, Данска значително ги засили мерките за превенција. „Најважно е што стапката на хоспитализации е прегледна“ вели Торбен Могенсен, анестезиолог и претседател на организацијата на пациенти „Лунге Форенинген“ и додава дека поради тоа не е загрижен дека данскиот здравствен систем би можел да колабира.
Многу тестови, многу потврдени инфекции – и обратно
Во понеделникот во Данска од 130.000 тестови се регистрирани 16.000 заразени, но данските медиуми пишуваат дека регистрираниот број на заразени и статистиките можеби не ја отсликуваат реалната слика во реално време, поради нередовното пријавување на бројките за време на божиќните празници. Споредбата е дополнително усложната поради тоа што во Данска, споредено со останатите европски земји, се прават многу повеќе тестови, па така се откриваат и поголем број заразени.
Во Германија, Роберт Кох институтот проценува дека „темната цифра“ на случаи со корона е многу поголема. Првиот човек на РКИ, Лотар Вилер, неодамна изјави дека според нивните проценки, на секој официјално регистриран позитивен тест, треба да се смета дека има четири до шест непотврдени инфекции. Тешко е да се каже колку е висок овој фактор во другите ЕУ земји. И ЕЦДЦ посочува дека статистиката зависи од „режимот на тестирање“ во земјите членки и уделот на позитивни тестови. Затоа нема опција за неспосредна споредба на бројките.
Вакцини- адути на човештвото против Ковид-19
Глобалната кампања за вакцинација против Ковид-19 зема сѐ поголем замав. Во различни земји, создадени се или на повидок се вакцини, кои сега се главно оружје на човештвото во справувањето со пандемијата.
Фотографија: Francis Dean/Dean Pictures/imago images
Бионтек/Фајзер: почеток на иРНК-револуцијата
Првата вакцина против Ковид-19, одобрена за употреба во САД и во ЕУ, беше вакцината на германските научници со турски корени Угур Шахин и неговата сопруга Озлем Туречи. Нивната фирма Бионтек од Мајнц влезе во сојуз со американскиот гигант Фајзер. Медиумите почнаа да зборуваат за „револуција“ во фармацевтската индустрија, откако е создадена првата иРНК вакцина.
Фотографија: Francis Dean/Dean Pictures/imago images
Модерна: родум од универзитетот Харвард
Американската компанија за биотехнологија Модерна е специјализирана и за РНК технологии, кои се сметаат за нов чекор во медицината. Нејзиното седиште се наоѓа во Кембриџ, Масачусетс, во близина на универзитетот Харвард, чии научници ја основаа компанијата во 2010 година. Вакцината на Модерна, создадена со финансиска поддршка од властите, беше втората корона-вакцина регистрирана во САД и во ЕУ.
Фотографија: Matthew Healey/AFP/Getty Images
АстраЗенека: „Оксфордската вакцина“
Научниците од Универзитетот Оксфорд во соработка со британско-шведската компанија АстраЗенека вршеа клинички испитувања и производство на нивната вакцина. Таа во голема мерка се користи во Велика Британија, ги исполнува условите во ЕУ и активно се користи во земјите во развој, бидејќи „вакцината од Оксфорд“ има многу ниска цена. Така, таа се произведува во Индија за локалниот пазар и за извоз.
Фотографија: Channi Anand/AP/picture alliance
Спутник V: првата одобрена вакцина во светот
Во август 2020, Русија објави дека прва во светот регистрирала вакцина против коронавирусот наречена Спутник V. Масовната вакцинација на руското население официјално започна во јануари 2021. Оваа векторска вакцина, изработена од научниците од Московскиот центар Гамалеја, се промовира на странските пазари од страна на Рускиот фонд за директни инвестиции.
Фотографија: Aizar Raldes/AFP/Getty Images
Џонсон и Џонсон: доволна е една доза
Американска корпорација Џонсон и Џонсон е еден од шесте производители на корона-вакцини со кои ЕУ склучи прелиминарни договори за снабдување. Од нејзината векторска вакцина потребна е само една доза, а не две како останатите и се чува во конвенционални фрижидери. За ЕУ оваа вакцина, која доби дозвола за употреба на 11.03. ќе ја произведува белгиската сестринска фирма на Џонсон и Џонсон - Јансен.
Фотографија: Johnson/AP/picture alliance
Синовак: тивкиот конкурент од Кина
Без многу врева и детални извештаи за клиничките испитувања, Кина разви најмалку три вакцини. Една од нив, создадена од деактивиран коронавирус, Синовак Биотек ја тестираше во неколку азиски земји, вклучувајќи ја и Индонезија, која потоа веднаш ја нарача. Да им даде пример на своите сонародници, претседателот на Индонезија, Џоко Видодо, прв се вакцинираше.
Фотографија: Laily Rachev/Biro Pers Sekretariat Presiden
Синофарм: Првата кинеска вакцина
Станува за вакцина со „деактивиран“ вирус која државната компанија ја разви во соработка со Институтот за вирологија од Вухан. Овој вид на вакцини се користи веќе со децении, со добри резултати во пракса. Вакцината која веќе се користи во Србија и во Унгарија, беше првата која доби одобрение за употреба од кинеските власти.
Американската фармацевтска компанија Новавакс објави дека нејзината вакцина е 96 процентно ефикасна против оригиналниот вирус и 86 проценти против британскиот сој. Тоа произлегува од студијата што Новавакс ја спроведуваше во Велика Британија. Вакцината може да биде одобрена за употреба во САД уште во мај, доколку властите утврдат дека податоците од Велика Британија се доволни, соопшти компанијата.
Фотографија: Justin Tallis/AFP/ Getty Images
КјурВак: Печатач за вакцини на Тесла
Втората германска иРНК вакцина, која се очекува да биде регистрирана до лето, ќе биде произведена и извезена на глобално ниво од компанијата КјурВак од Тибинген, во партнерство со концернот Баер. Но, ќе биде можно таа да се направи директно во клиниките ширум светот. Елон Маск (втор од лево) демонстрираше мобилен печатач на вакцини создаден од германската сестринска фирма Тесла Громан.
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Schwarz
Санофи: два неуспеха и помош за Европска унија
Француската компанија Санофи е еден од најголемите светски производители на вакцини. Но, овојпат тоа не и' успеа - двапати: ни заедничкиот развој со британската ГлаксоСмитКлајн, ниту обидот за создавање иРНК вакцина досега не дадоа резултати. За да помогне во обезбедувањето на вакцини за земјите од ЕУ, нејзината фабрика во Франкфурт на Мајна ќе произведе 125 милиони дози од вакцината на Фајзер.
Фотографија: C. Stoll/Sanofi
10 фотографии1 | 10
Ограничувања има, но не и за населението од пограничниот регион
Данска воведе серија ограничувања за да го спречи инфицирањето на луѓето. Театри, кина и музеи се затворени, баровите во 23 часот ставаат клуч на врата. Во гастрономијата важи правилото дека само вакцинирани, прележани или тестирани може да влезат. Алкохол се продава само во одредени периоди од денот. Капацитетите од продавниците се ограничени, а проширено е и правилото за носење маски. Огрничувања за контакти во приватната сфера не постојат. За влез во Данска од неделава е потребен и негативен тест покрај потврдата за вакцинација. Невакцинирани лица мораат да одат во карантин. Во германско-данскиот пограничен регион има исклучоци за лица кои работат преку граница или живеат во регионот, за кои нема контроли. Па така многу Германци одат во Данска да купат пиротехника за новогодишната ноќ зашто таа е забрането да се продава во Германија, но не и во Данска. „Околу 80 проценти од нашите муштерии се од Германија", вели еден продавач Данец од општината Крузау за порталот "Nordschleswiger.dk".