1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕК бара вакцинирање и да нема паушално затворање граници

Бернд Ригерт
2 декември 2021

Со оглед на можеби опасниот Омикрон-сој, вакцинацијата против корона мора да биде засилена. ЕУ генерално сака да ја задржи слободата на движење во внатрешните граници.

EU-Kommission zu Corona-Pandemie | Ursula von der Leyen
Фотографија: KENZO TRIBOUILLARD/AFP

И покрај растечкиот број на заразени лица во повеќето региони на ЕУ и можната опасност од новиот сој на коронавирусот, границите во рамки на Унијата треба да останат отворени за патници кои се вакцинирани, тестирани или свежо прележани. За тоа во Брисел се залага претседателката на ЕК, Урсула Фон Дер Лајен, заедно со еврокомесарката за здравство Стела Киријакидес. „Зелениот корона сертификат на ЕУ беше голем успех и така ќе остане и со Делта или Омикрон сојот", изјави Фон дер Лајен.

Сертификатот е потврда за вакцинација, постоечки имунитет или негативен тест на носителот и досега беше доволен за преминување на границите. Но, сега Португалија и Ирска воведоа нови услови и бараат по правило и негативен тест за влез во земјата, дури и од вакцинирани или лица кои го прележале вирусот. Примерот би можеле да го следат други земји со нови услови. ЕК им дозволува на земјите да воведуваат такви ограничувања доколку ги сметаат за нужни. Но, тие, според Комисијата, секогаш мора да се однесуваат на индивидуата, односно секогаш во фокус треба да е инфективниот статус на едно лице. Паушално затворање граници, независно од тестовите, не е добро, вели Фон дер Лајен, која и самата има завршено медицина.

Но, за овие прашања ингеренциите се кај самите земји членки. ЕК сепак притиска за координирано дејствување. Така, на пример, се размислува зелениот пасош во иднина во ЕУ да истекува по 9 месеци, ако носителот во меѓувреме не добил бустер доза.

Повеќе: Омикрон и заштитата на постоечките вакцини

Да има договор меѓу земјите членки

За координирано дејствување меѓу 27-те земји членки во однос на обврската за вакцинација, не може да стане збор. Некои земји како Австрија и Германија сакаат вакцината да ја направат задолжителна за целата популација. Други земји имаат парцијална обврска за припадници на одредени професии или општествени групи, како на пример во Франција, Италија и Грција. Претседателката на ЕК рече дека треба сериозно да се дискутира за обврската за вакцинирање, но не го соопшти своето гледиште по тоа прашање.

Слободата на патување со Ковид-пасошот треба да остане, но со нови варијантиФотографија: ROBIN UTRECHT/dpa/picture alliance

Процентот на вакцинирани лица во ЕУ се разликува многу на национално ниво - од Малта со 81% вакцинирани граѓани до Бугарија со само 25% вакцинирани во вкупното население. Затоа ЕК уште еднаш повика луѓето да се вакцинираат, односно да примат „бустер“ доза. Околу 150 милиони граѓани на ЕУ и натаму се невакцинирани. „Тоа е неприфатливо", рече Фон дер Лајен.

Повеќе: Омикрон дошол во Европа порано отколку што се мислеше

Европската комисија ќе испорача „бустер“ дози

ЕУ е задолжена за набавката на вакцини за сите земји членки. Годинава на земјите членки им биле испорачани нешто повеќе од една милијарда дози, објави Комисијата. Во првото тромесечје од 2022 треба да бидат испорачани дополнителни 360 милиони дози, меѓу другото и за „бустер“и. Од 13 декември во ЕУ треба да има и вакцини за деца.

Фон дер Лајен ја отфрли критиката од СЗО дека ЕУ чува залихи на вакцини. „Европа е единствен регион во светот кој извезува вакцини. Станува збор за 1,4 милијарди дози во 150 земји годинава”, тврди претседателката на ЕК. Но, исто така е точно дека во Африка досега се испорачани само 165 милиони дози од вакцината. 700 милиони се ветени за до средина на следната година. Затоа, според Фон дер Лајен, важно е да се зајакне Ковакс, глобалниот механизам на ОН за вакцинација.

Омикрон- хаос и неизвесност на аеродромот во Кејптаун

02:27

This browser does not support the video element.

Таа има критички став кон барањата на многу хуманитарни организации за укинување на патентите врз вакцините против корона. Вели дека имањето патент не значи и дека имаш капацитети за производство. Затоа ЕУ има друг пристап, имено изградба на производни капацитети во Африка и обезбедување обврзувачки лиценци за производителите според правилата на Светската трговска организација. Во Сенегал компанијата Бионтек/Фајзер со голема финансиска поддршка од ЕУ направила фабрика за производство на вакцини, посочува Фон дер Лајен.

Повеќе: Што знаеме за Омикрон, новиот корона-сој од Африка

„Трка со времето“

Кога се работи за влез на патници од трети држави, ЕК очигледно има двојни аршини, па така влезот на лица од јужниот дел на Африка беше паушално стопиран, мерка која наиде на остра критика од страна на јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса. Урсула фон дер Лајен експлицитно ѝ се заблагодари на Јужноафриканската Република за брзото откривање на сојот Омикрон и за тоа што веднаш беше алармиран светот. Забраната за патувања не ја спомена.

„Имаме доволно сознанија за Омикрон сојот кои нѐ загрижуваат. Знаеме дека сме во трка со времето. За две до три недели ќе располагаме со уште повеќе информации, иако тој период во пандемија се чини како да е цела вечност", рече претседателката на ЕК.

Тогаш се очекуваат научни сознанија околу тоа колку е заразен јужноафриканскиот сој, дали постоечките вакцини помагаат и дали предизвикува блага или тешка форма на болеста. „Науката сепак уште сега тврди дека вакцинирањето и бустирањето се најдобрите средства кои ги имаме на располагање против вирусот."

Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми