1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Омразата кон Западот на српските десни екстремисти

16 ноември 2011

Иако не може да се говори за тероризам, сепак десниот екстремизам е присутен во Србија, но со некои свои специфичности. Негови цели главно се припадници на националните и сексуални малцинства како и на цивилниот сектор.

Serbien Belgrad Proteste gegen Homosexuelle
Десните екстремисти во Србија честопати влегуваат во судири со полицијатаФотографија: picture-alliance/dpa

Десниот екстремизам е присутен и во Србија, но тој донекаде се разликува од екстремизмот во западноевропските земји, вели за ДВ Драган Поповиќ, директор на Центарот за практична политика. Во Србија пред се’ цели на десниот екстремизам се домицилните малцинства, истакнува Поповиќ: „На десните екстремисти цели им се пред се’ националните малцинства, потоа Ромите, кои се разбира посебно во Источна и Југоисточна Европа се многу видлива и лесна цел за сите видови екстремизам. Нормално, не треба да се заборави дека како и во секоја земја и во Србија сексуалните малцинства се секогаш на нишан на десните екстремисти“.

Екстремисти во еден од обидите да спречат геј -парада во БелградФотографија: picture-alliance/dpa

Фокусот на народните предавници

Специфичен белег за десниот екстремизам во Србија е фокусирањето на т.н „народни предавници“, истакнува Поповиќ. Тоа се главно луѓе кои се залагаат за отворено општество, за човековите права и за граѓанското општество.

„Така што во Србија имаме малку појак притисок врз организациите на цивилното општество, на некои поединци или интелектуалци кои пропагираат отворено и демократско општество. Тие во последно време се многу почесто цел на екстремните групи отколку националните малцинства“.

Омраза кон Западот

Десниот екстремизам во Србија доби, а тоа е неговаа следна специфичност, огромен јавен и медиумски простор, како и поддршка на неговата активност од страна на академската заедница и на Српската Православна Црква, оценува за ДВ Соња Бисерко, претседателка на Хелсиншкиот комитет за човекови права во Србија.

Ако се погледа идеолошката заднина на десниот екстремизам во Србија, видливо е дека тој можеби во најголема мерка се заснова на омразата кон Западот, вели Бисерко: „Она што е заедничко на сите тие групации е антиеврејството, противењето на западот и потоа на концептот на човекови права. Тие значи главно се фокусираат на српството, домаќинлукот, на конзервативните вредности. Црквата е нивен идеолошки симпатизер во смисла што и самата го промовира тој конзервативен, би рекла, архаичен модел на вредности“

Геј парадите се честа цел на екстремиститеФотографија: picture-alliance/dpa

Силен клерикален елемент

Драган Поповиќ укажува и на идеолошкото шаренило на десниот екстремизам во Србија. Тука се земаат многу нешта од неонацистичките движења во светот, а потоа се комбинираат со некоја домашна верзија на екстремистички идеи, вели Поповиќ. Тој исто така предупредува на клерикалниот елемент во тие групации, што е една од разликите во однос на екстремистичките покрети на Запад: „Таму во тие десноекстремистички групи нема толку силно и јасно присутен клерикален момент. Овде во Србија речиси секогаш го има. Значи тие секогаш земаат дел од црковната митологија , секогаш се покриваат со црковни одбележја и се разбира се обидуваат да најдат сојузници во поединечни свештеници, па дури за жал и во владиците на СПЦ“ .

Национализмот има значаен удел во десниот екстремизам во СрбијаФотографија: AP

И не толку радикални

Десниот екстремизам во Србија сепак не е толку радикален во смисла на последиците, оценува Поповиќ. Има се разбира случаи на насилство, но сепак нема десничарски организации, какви што постојат на Западот, кои се многу агресивни и чие дејствување многу често завршува со убиства.

Но и сето тоа не говори во прилог на Србија. На Запад таквите групации се длабока маргина, а во Србија со нив кокетираат политичките елити, и токму поради тоа тие не се толку наклонети кон насилство. Причината за тоа е што десничарските групи дури сметаат дека можат да станат дел од политичкиот мејнстрим и некои свои идеи да ги уфрлат во официјалните политички текови, забележува Поповиќ.

Автор: Ивица Петровиќ/ Симе Недевски

Редактор: Борис Георгиевски

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми