1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Омразата од интернет преминува во реалноста

26 јули 2019

Црнец во Вехтерсбах беше нападнат со оружје, поради ксенофобија. Но, некои многу повеќе се возбудуваат поради исфрлањето свинско месо од менито во градинките. Каде е крикот на цивилното општество, прашува Кристоф Штрак.

Wächtersbach | Farbmarkierungen auf dem Asphalt nach Schießerei
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Dedert

Во Лајпциг неделава христијанскиот западен свет се наоѓаше пред апокалипса. Барем таков беше впечатокот. Две детски градинки најавија дека ќе се воздржат од сервирање свинско месо и гумени бонбони, од обѕир кон две муслимански деца. „Билд“, најголемиот германски булеварски весник, тоа го објави на насловната страница. Само неколку часа подоцна, двете детски градинки во покраината Саксонија беа ставени под полициска заштита. А на интернет вриеше од револт и омраза:  западните вредности, демократијата,  слободата – сето е загрозено. А генерален виновник – исламот. Во социјалните медиуми пак се редеа вообичаените за вакви прилики асоцијални постови. На интернет доминираше поимот „свинско месо“.

Несомнено најпаметниот збор во оваа дебата стигна од претседателот на Централниот совет на Евреите во Германија. „Последно што ни е потребно е  хушкање против малцинствата,  само поради тоа што во некоја институција се размислува околу менито,“ изјави Јозеф Шустер. Тој не прецизираше дали мисли притоа на интернетот, медиумите или можеби на германските политичари. Да, Шустер со истакнувањето дека „забраната за свинско месо излезе од фактичките рамки", го кажа она што беше нужно. Но, тој во прва линија ја критикуваше „жолчната дебата“ и повика на поголема опуштеност.

Гнев наместо емпатија

Промена на сцената. Во едно мало гратче во покраината Хесен оваа недела еден германски вооружен лудак испука повеќе истрели врз еден Еритреец од возило во движење. Без да го познава човекот. 26-годишниот Еритреец, семеен човек, преживеа благодарение на брзо пружената помош. Но, делото е вџашувачко. Тоа значи чист расизам, мрачно насилство. Тоа потсетува, според начинот на извршување, на американските злосторства и буди страв. Може да се каже – во гратчето Вехтерсбах, западниот вредносен христијански систем му отстапи место на едно мрачно парче од американската историја.

А политиката? Долго траеше додека чудовишното во овој обид за убиство да дојде на површина. Некои политичари, кои вриеја поради свинското месо и гумените бонбони, уште молчат. Не, не само претставниците на деснопопулистичката АфД. А интернетот? Не може да се спореди со ураганот во врска со Лајпциг. Во Германија конјунктура имаат омразата и ревносниот револт, а не емпатијата и застапувањето на темелните права.

Кристоф ШтракФотографија: DW

Тоа не е добро за земјата и за нејзините луѓе. По смртоносните истрели врз политичарот на ЦДУ во Касел, каде Валтер Либке на почетокот на јуни стана жртва на еден  десничарски екстремист,  водечки политичари, меѓу кои и сојузниот претседател, повикаа на будност и одлучност. Во политичките говори загриженоста за демократијата и она што старомодно се нарекува „општествен мир“, зачестено добива нов призвук. Најголем дел од омразата и хомофобијата уште се задржува во рамките на интернетот. И добро е што од пред повеќе недели против кривично релеватните содржини судството дејствува почесто, а не само во ретки поединечни случаи. Фејсбук и Твитер на ова поле сигурно прават премалку, затоа германската и европската политика  ќе мора натамошно да го зголемат притисокот.

Потребна е будност!

Но, Вехтерсбах покажува дека омразата во својата заслепеност од интернетот прескокнува во реалноста. Вооружениот лудак, кој сакаше да го убие црнецот, често најавувал вакво дело во кафеаната каде бил постојан гостин. Сепак, никој не слушал внимателно и не реагирал алармирачки на неговите најави. И тоа е тажно.

За секое злодело постојат имитатори, за секој деликт е потребен повод. Затоа, Јозеф Шустер е целосно во право. На Германија не ѝ се потребни подбуцнувања против малцинствата. Пречесто се чини дека општеството уште не е доволно свесно за загрозеноста на општествениот мир. А притоа секој поединец може нешто да преземе, преку пријава или укажување на ширење законски недозволени содржини на интернет, преку учество во демонстрации во прилог на човечкото достоинство и еднаквоста на сите луѓе. „Помести го задникот“, беше насловена една кампања против ксенофобијата пред 25 години во Германија. Тоа денес повторно е актуелно во Германија, односно сѐ уште.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми