Она што може да се купи со чиста совест
27 септември 2010Зеленчук од Тунис, мед од Мексико и урми од Египет - со овие производи големата кантина во Берлин ги води редовните гости на кулинарско патување по светот. Сите производи оваа недела потекнуваат од т.н. фер-трговија, а пристигнуваат од Центарот за фер-трговија од Берлин. Во рамките на неделата на фер-производи, до почетокот на октомври, овој центар за трговија на големо спроведува различни акции за да ги увери и другите трговци, но и корисниците во вредноста на овој начин на деловно работење.
Но, тоа не оди лесно, бидејќи фер-производите се автоматски и поскапи, а тоа е „лоша вест“ за трговците, кои се плашат дека нема да успеат да ги пласираат производите.
Добар прием кај потрошувачите
Што се однесува до муштериите, се чини дека „психичката бариера“ не е толку голема. Во меѓувреме Центарот во Берлин испорачува дури 2.000 разни производи, а германските потрошувачи само минатата година дале преку 320 милиони евра за фер-производи. Најголемиот дел од нив се продале преку т.н. „продавници од третиот свет“. Нив ги има преку 30 само во регионот на Берлин и Бранденбург. Една од нив е „Ал Жанела“, каде продавачката Антје Молдржик нагласува дека бизнисот им оди добро:
„Овде имаме мешани муштерии, од деца на училишна возраст, кои живеат во околината, па се’ до постари дами и господа, кои не ретко посегнуваат и подлабоко во џебот. Значи имаме секакви клиенти...“
Повелете на фер-мени
Во кантината во Берлин во меѓувреме јадењето е веќе готово. На гостите очигледно им се допаѓа ваквиот концепт и секако вкусот. А што вели сопственикот на кантината?
„Фер-продуктите ги нудиме како посебна понуда, за да испратиме соодветен сигнал. Но, како трајна понуда нема да можеме да ги воведеме без да ги смениме цените.“
Таквиот чекор, пак, се чини уште далечен. До моментот кога во Германија ќа има и постојана понуда на фер-оброци ќе мине уште време. Бидејќи, концептот добро им звучи на муштериите, но кога треба да платат повеќе за таа цел, тогаш некои од нив добиваат грч во желудникот!
Автор: Рајан Ел-Дик/Горан Чутаноски
Редактор: Жана Ацеска