ОН: Во Сирија се убиени околу 60 илјади луѓе
2 јануари 2013ОН во Женева денеска го соопштија бројот на загинатите во сирискиот конфликт од средината на март 2011 година до крајот на ноември минатата година. Комесарот на ОН за човекови права Нави Пилај соопшти дека проценките се-околу 60 илјади луѓе.
Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Лондон кон крајот на декември излезе со бројка од околу 40 илјади загинати само минатата година.
Жестоки борби
Борбите меѓу владините трупи и бунтовниците не престануваат.
Во предградието на Дамаск, Мулеиха, кое важи за тврдина на бунтовниците, според нивни наводи загинале 30 цивили, кога борбени авиони стрелале врз бензинска станица. Нападот бил изведен во момент кога пристигнала цистерна со гориво и голем број луѓе биле на локацијата.
Бунтовниците во меѓувреме го напаѓаат воениот аеродром Тафтанас во Идлиб, едно од последните упоришта на владините трупи во провинцијата. Активисти од Идлиб јавуваат дека во борбите во близина на аеродромот повеќе војници со тенк преминале на страната на бунтовниците.
Портпарол на бунтовниците за новинската агенција Ал Арабија информираше дека трупите на Асад овој аеродром последно го користеле за прикачување буриња со експлозив на хеликоптери. Тие минатите месеци беа фрлани како бомби врз бази на бунтовниците. Провинцијата Идлиб граничи со Турција.
Ердоган врши притисок
Турција го зголемува притисокот врз соседната Сирија. Премиерот Реџеп Таип Ердоган повторно побара оставка од сирискиот претседател Башар ал-Асад. Во говор во граничното место Акчакале тој истакна-повеќе од сто земји веќе не го сметаат Асад за легитимен претставник. Меѓународниот посредник во сирискиот конфликт Лакдар Брахими пак предупреди дека ако во идните неколку месеци не биде најдено политичко решение, ќе биде загрозен мирот и безбедноста и во светот.