1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ОН загрижени за Македонија

Б. Георгиевски/ун.орг18 март 2015

Високиот комесар за човекови права на ОН изрази загриженост поради случувањата во Македонија и бара темелна и независна истрага по наводите за прислушување и кршење на човековите права.

Фотографија: picture-alliance/dpa/Rainer Jensen

Канцеларијата на Високиот комесар за човекови права на ОН соопшти дека е длабоко загрижена поради континуираниот политички ќорсокак во Македонија и неговите импликации врз човековите права.

Портпаролката Сесил Пуили во Женева изјави дека Комисијата за човекови права е „особено вознемирена“ поради содржината на неодамна објавените разговори кои инкриминираат повеќе високи функционери во редица нарушувања на човековите права, вклучително и и изборна измама, вознемирување, мешање во судството и медиумите, како и масовно прислушкување.

„Загрижени сме и поради обвинувањата за шпионажа против лидерот на најголемата опозициска партија“, вели Пуили.

„Ги повикуваме властите итно да отворат независна, темелна и независна истрага за сите обвинувања за злоупотреби без оглед на нивниот извор и да обезбедат резултатите да бидат објавени во јавноста“, рече Пуили.

„Ги повикуваме властите да обезбедат одговорност за секое нарушување на владеењето на правото или на човековите права кои би биле откриени со истрагата. Тоа ќе помогне да се зајакне јавната доверба во државните институции”, наведуваат од Комесаријатот на ОН.

Пуили додава дека со оглед на несигурната политичка клима, особено е важно да се гарантираат независноста на судството, почитување на владеењето на правото, слободата на медиумите, како и меѓународните стандарди за правично судење и соодветноста на процедурата.

На крајот на соопштението се бара од сите партии да покажат воздржаност и да отворат дијалог чија што цел ќе биде надминување на политичката криза со целосно почитување на човековите права.

Македонија е членка на Советот за човекови права на ОН од 2013 година, со мандат од три години. Во пристапното писмо испратено на 6 јуни 2013 во пресрет на изборот во Генералното собрание на ОН, земјата се обврза да ги почитува човековите права и основните слободи. Во истото писмо, државата наведе дека целосно ја почитува независноста на Канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права и ја вреднува неговата улога во промоцијата и заштитата на човековите права.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми