ОН неединствени за конфликтот во Грузија
22 август 2008Руската предлог резолуција во Советот за безбедност на ОН се базира на мировниот план за Кавказ од шест точки, посредуван од Франција, но не го споменува изричито суверенитетот на Грузија. Западните земји не се согласни со него. Нивниот предлог, пак, кој претходно го отфрли Русија, бараше итно повлекување на руските трупи и го потенцираше територијалниот интегритет и суверенитет на Грузија.
Советот за безбедност соопшти дека ќе продолжи со барање заедничко решение.
Во меѓувреме американскиот претседател Џорџ Буш побара од Москва да ја прекине блокадата на Грузија. Во телефонски разговор со грузискиот претседател Михаил Сакашвили, Буш потенцирал дека Русија мора да се придржува кон договореното повлекување на своите трупи од Грузија. Ако повлекувањето веќе почнало, тоа се одвива премногу бавно, дополни портпаролот на Буш, Гордон Џондро.
Најави за повлекување
Рускиот министер за одбрана Анатоли Сердјуков тврди дека армијата денеска ќе го заврши своето повлекување од централното подрачје на Грузија, се мисли на територијата исклучувајќи ги сепаратистичките републики Абхазија и Јужна Осетија. Шефот на руската дипломатија Сергек Лавров изјавил дека ќе останат околу 500 војници.
Командантот на руските трупи во кавкаскиот регион, Владимир Болдурев според агенцијата ИТАР ТАС претходно најавил дека целосното повлекување на руската војска од Грузија ќе трае десет дена.
Кај грузиското население инаку расте протестот поради присуството на руските војници. Во повеќе градови луѓето демонстрирале пред контролните пунктови.