ОН сакаат да испратат набљудувачи во Сирија
13 април 2012Одлука за набљудувачка мисија би можела да биде донесена веќе денеска (13.04) се вели во Њујорк. Во Советот за безбедност, како што се нагласува, нема отпор против испраќање набљудувачи. Специјалниот пратеник на ОН и на Арапската лига Кофи Анан го информираше Советот за безбедност преку видeо-конференција околу почитувањето на прекинот на огнот во Сирија, и нагласи дека Сирија живее во ретки моменти на мир. Сириските активисти соопштија дека во одделните инциденти откако почна прекинот на огнот загинале околу 20 луѓе, додека сириските власти зборуваат за еден убиен офицер.
Ситуацијата во Сирија, според Анан, и натаму е фрагилна, со оглед на тоа што сирискиот претседател Башар ал-Асад не се држи до дел од своите ветувања, како повлекување на трупите од градовите. Прекинот на огнот е дел од мировниот план на Анан, што тој го обелодени во март. Планот предвидува и слободен пристап на хуманитарците и на новинарите во Сирија и претпазлив демократски пресврт во земјата. Русија и Кина, кои досега ги блокираа сите чекори на Советот за безбедност против Сирија, поддржуваат брзо испраќање набљудувачи. Рускиот амбасадор во ОН Виталиј Чуркин изјави: „Брзо мора да се испрати некој за да го набљудува прекинот на огнот“.
Групата набљудувачи би можела да опфаќа околу 20 експерти. Подготовките во ОН, како што се вели, течат веќе со недели, и тимот експертти би можел да тргне за Сирија веднаш откако за тоа ќе има соодветен заклучок од страна на Советот за безбедност.