ОН се информира за положбата на Македонците во Бугарија
7 јули 2011Претставниците од ОМО Илинден - Пирин, Друштвото на репресираните Македонци и претставници од весникот „Народна волја“ добиле впечаток дека Мекдугал е добро информирана за кршењето на нивните права. Македонците се пожалиле дека има се одбиваат нивните обиди за регистрирација на нивните партии и организации, како и на говор на омраза и различни формаи на дискриминација.
„ За нас нејзиниот извештај е многу важен. Ние не очекуваме тој да промени нешто во Бугарија, бидејќи во Бугарија имаме една силна антимакедонска политика, која што не се менува така лесно. Меѓутоа, сите овие меѓународни извештаи и официјални ставови од највисоко ниво, од ОН или Советот на Европа, се многу важни, затоа што го официјализираат и интернационализираат нашиот проблем“, забележува Стојко Стојков од ОМО Илинден Пирин.
Извештаите на меѓународните институции се многу важни
„ Многу е поинаква ситуацијата од пред десет години, кога речиси никој не знаеше дека има македонско малцинство во Бугарија, ниту, пак, дека има проблеми, а сега имаме серија од документи од највисоки меѓународни институции, кои што тоа го елаборираат. Освен што кажуваат дека нас овде не има со сите наши проблеми, но даваат и препораки како да бидат решени тие проблеми. Затоа се важни тие извештаи. Не може во иднина претставник на бугарската Влада едноставно да игнорира или да тврди пред некој меѓународен фактор дека таков проблем или такво малцинство не постои, бидејќи сите меѓународни релевантни документи го кажуваат спротивното’, нагласува Стојков.
Мегдугал ветила дека нивните забелешки ќе ги стави во извештајот за Бугарија, што ќе го подготви по завршувањето на посетата на земјата. Од нејзината канцеларија за Дојче веле изјавија дека се воздржуваат од изјави за посетата до следната недела.
Собирање на информации
Мегдугал е во посета на Бугарија на покана од Владата. Сепак, дополнителни информации нема ниту од Кабинетот на бугарскиот министер за внатрешни работи, Цветан Цветанов. Од таму велат дека средбата со Мегдугал не била објавена ниту на нивната интернет страница, затоа што била кратка. Од бугарското МВР средбата ја оценуваат како протоколарна.
Експертката на ОН во Бугарија ја испитува состојбата и со Ромите и муслиманското малцинство. Собира информации од состаноци со министри, невладини организации, академици и други експерти кои ги следат малцинските прашања.
Автор: Александар Методијев
Редактор: Симе Недевски