1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опасната варијанта на птичји грип веројатно ја зафати Германија

15 февруари 2006

Птичјиот грип веројатно ја зафати и Германија – кај два од четирите пцовисани лебеди пронајдени на островот Риген. Брзиот тест покажа присуство на вирусот Х5Н1, смртоносен и за луѓето.Сојузниот министер за земјоделство Хорст Зехофер нареди веќе од 20-ти февруари живината во Германија да се чува само во затворен простор.

Фотографија: AP

Опасната варијанта на птичјиот грип стигна до Германија побргу отколку што се очекуваше. Министерот Хорст Зехофер ги соопшти резултатите од тестовите извршени на пронајдените четири пцовисани лебеди:

„Според гледањето на експертите, се’ укажува на високопатогениот вирус Х5Н1, оној вирус кој последните денови беше пронајден кај лебеди и во Словенија, Италија, Грција – а се претпоставува и во Австрија“.

Пробите ќе бидат подложени и на втор, потемелен тест во специјализираната европска референтна лабораторија во Англија.

Лебедите очигледно се посебно осетливи на вирусот и можат да се сметаат за индикатори на ширењето на болеста, од која досега во Азија починаа 91-но лице.

Министерот Зехофер уште претходно, непосредно пред да стигне веста за лебедите од Риген, објави мерки за заштита на населението. Живината што се одгледува за човечка исхрана мора од наредниот петок да остане во затворени простории, а се забранети и секакви јавни манифестации со живина. Не станува збор за акционизам, туку за итно неопходни мерки, вели министерот Зехофер.

„Во прашање е опасна животинска зараза, како и потенцијална опасност за луѓето. Сите наши напори мора да се насочени кон преземање на сите мерки за спречување на нејзино ширење кај животните и на зголемената опасност за луѓето“.

На островот Риген се прогласени заштитни зони во радиус од 10 километри околу местата на кои се пронајдени пцовисаните и заразени лебеди, во кои ќе бидат проконтролирани живинските фарми. Денеска со случајов ќе се занимава кризен штаб на сојузната влада под раководство на министрите за земјоделство и за здравство Хорст Зехофер и Ула Шмит.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми