1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опасни летови на крилата на етносот

Катерина Блажевска10 април 2014

Само заживувањето на граѓанскиот концепт може целосно да ја исклучи опасноста од (зло)употреба на етност за политички цели, но за тој процес е потребно време и волја, велат политиколозите.

Фотографија: DW

Предалеку отиде изборното одмерување на силите меѓу досегашните коалициски партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Наместо тежиштето на кампањата да биде ставено врз барањето граѓанска поддршка за програмски идеи и концепти, двајцата лидери фокусот го ставија на сеопшта мобилизација на гласачите врз етнички принцип, на битка „за се‘ или ништо“. Ваквото агресивно инволвирање на етничките колективитети во битката за превласт, ги принуди, по обичај воздржаните набљудувачи, да дадат оценка за почетокот на кампањата, која значи и рано предупредување за последиците од таквите состојби.

„Почетокот на кампањата беше обележан со реторика на етничка поделеност. Премиерот ги повика етничките Македонци да му осигураат чисто мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ од 62 мандати со цел да се избегне притисокот од страна на ДУИ, а лидерот на ДУИ ги повика етничките Албанци да и‘ помогнат на партијата да обезбеди 25 мандати за да може да има поголемо влијание во владата“, нотираше мисијата на ОБСЕ/ОДИХР во периодичниот извештај.

Чекор назад

Овој извештај не ги предомисли двете партии. На плоштадите ширум земјата продолжи да владее реториката на етничка поделеност. Со овации се проследува повикот на премиерот „за освојување 62, а можеби и 63 мандати, по што никој не ќе може да ја уценува ВМРО-ДПМНЕ со барање за двојазичност на целата територија што не е одраз на реалноста во Македонија, ниту е дел од Рамковниот договор“. Ахмети за првпат од митингот во Слупчане ја објасни во што е разликата: тој бара 25 пратеници за да има поголемо влијание во Владата за напредок во евроатланските интеграции, а повикот на Груевски за освојување на 62 пратеници води кон поделби и тензии во државата.

Со овации се проследува повикот на премиерот Груевски „за освојување 62, а можеби и 63 мандати, по што никој не ќе може да ја уценува ВМРО-ДПМНЕ“Фотографија: MIA

„ДУИ бара гласови за подобра иднина на младите, за подобро образование и за да нема поделби меѓу етничките заедници. Господ ги создал сите луѓе. Оваа држава е и моја колку што е на Никола Груевски и на Бранко Црвенковски. Да било поинаку, господ ќе ги создадел само Груевски и Црвенковски. Сите бараат да освојат повеќе пратеници затоа што се плашат од нас. Јас ќе им порачам: ‘Не плашете се од нас, ние не сме атомска бомба‘“, рече Ахмети и додаде дека ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ја врати вазалската положба на Албанците во Македонија.

Политичките аналитичари сметаат дека инволвирањето на етносот во политички цели опасно ја враќа земјата неколку чекори назад. Според универзитетскиот професор Мерсел Биљали, повикот на премиерот е „крајно неодговорен“.

„Како премиер на сите граѓани, тој нема никаква морално и политичко право да исклучува дел од населението само поради тоа што припаѓа на друга етничка заедница. Да кажете дека барате 62 пратеника, оти не сакате дa ви пречат Албанците, е рамно на политичка и морална катастрофа. Не може да се очекува ништо повеќе од некој кој се служи со популизам и национализам, манипулира со етничките чувства на својот народ, а го води во беда. Како одбранбен механизам на тоа, се јавува ДУИ која вели дека бара 25 пратеника, ама за себе, не против некого. За жал, тоа е нашата состојба во ситуација кога нема никакви понуди во доменот на реалните проблеми на граѓаните кои треба да се решат. Така национализмот станува заштитен знак за незаслуженото освојување на власта. Деновиве и шефот на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР рече дека Македонија има проблеми со организирање фер и демократски избори. Освен за мобилизацијата на етничка основа, сведоци сме и на тешки злоупотреби со ветувања надвор од секоја логика - отпишување на банкарски и долгови за струја, греење, радиодифузна такса, организирање викенди за пензионерите...“, вели Биљали.

Ахмети порачува: Не плашете се од нас, ние не сме атомска бомбаФотографија: Petr Stojanovski

Скриено сценарио?

Може ли да се стави крај на серијата изборни летови на крилата на етносот?„Не може“, категоричен е во одговорот социологот Илија Ацевски и ги објаснува причините за тоа.

„За жал, оваа игра со етничките колективитети нема да престане, бидејќи претходно се‘ е направено за да се исклучи каква било активност врз граѓански принципи. Иако реално етничкиот момент треба да е на залез и неговата 'мисија' завршена, овие политичари тоа ниту го разбираат ниту го прифаќаат. За нив таа матрица на етнички поделби се‘ уште не е потрошена и од неа се‘ уште црпат 'енергија'. Затоа и реагира ОБСЕ, бидејќи гледа дека овде се‘ уште не заживуваат знаци на граѓанско општество. Има голем апсурд во повикот на премиерот за освојување 62 пратенички мандата за да не го уценувале. Кој го уценува и со што? Нема рационално објаснување. Дури сум и збунет. Не разбирам зошто по толку време сакаат да вратат на сцена една анахроност типична за 1990-тите години на минатиот век и за 2001 година? Да се повикува на етничка мобилизација е надвор од секаква конотација на новото време, освен ако зад сето тоа не се крие некакво сценарио за кое граѓаните не знаат“, се сомнева Ацевски.

Фотографија: Petr Stojanovski

Напорите за изградба на граѓанско општество во кое етничкото нема да биде генератор за политичкото, засега се без резултати. Дали се можни мултиетнички партии во Македонија и дали тие би можеле да бидат излез од вакви ситуации? Според политикологот Горан Јовановски, мултиетничките партии не се соодветен одговор за потребите на општеството.

„Во Македонија на сила е концептот на моноетнички партии. Се веруваше дека по повеќе од две децении од самостојувањето ќе почне да заживува концептот на граѓански партии, но за жал тоа не се случи, делумно поради настаните во 2001. година, кога меѓуетничката доверба беше нарушена. Една деценија по тие настани, ние повторно имаме моноетнички партии кои претендираат да се претстават како мултиетнички само заради симболично присуство на припадниции на други етноси, што е рамно на декор. И моноетничките и мултиетничките партии во својата основа го имаат колективитетот, а граѓанските партии се потпираат исклучиво на поединецот како конститутивен елемент. Моно и мулти се само различен пристап во концептот на прифаќање на етничкиот колективитет како основа на општеството. Поради тоа и двата модела се директно и суштински спротивни на граѓанскиот концепт на организација на општеството. Само заживувањето на граѓанскиот концепт може целосно да ја исклучи опасноста од (зло)употреба на етносот за политички цели. Но, за тој процес суштински да заживее во Македонија, потребно е многу време, волја и макотрпно градење на политичка култура за почитување на различностите во секоја смисла“, вели Јовановски.

Повторно имаме моноетнички партии кои претендираат да се претстават како мултиетнички само заради симболично присуство на припадниции на други етноси, вели ЈовановскиФотографија: picture-alliance/dpa

Кој прв почна?

Се‘ започна со предлогот на ДУИ за избор на консензуален претседател, чие одбивање беше условено со одржување предвремени параламентрани избори. ВМРО-ДПМНЕ не го прифати тој предлог и од тој момент изборната приказна се смести на моноетнички сцени. ВМРО-ДПМНЕ го повторува рефренот за нужноста од 62 пратеника, а ДУИ агитира за бојкот на претседателските избори и го објаснува својот концепт за консензуален претседател. Малку боја и граѓанска надеж во таа црно-бела слика на поделеност внесува носителот на листата за пратеници на неодамна обновената Партија за демократски просперитет (ПДП) и поранешен амбасадор, Мухамед Халили. Според него, Албанците во Македонија треба да ја отфрлат таа „небулозна концепција“ и да излезат и да гласаат за претседател според нивното лично убедување. Но, отиде и чекор понатаму.

И за најдолгиот пат најважен е првиот чекорФотографија: Petr Stojanovski

„Ако ПДП стане дел од власта, ќе настојува да се укине Секретаријатот за спроведување на охридскиот Рамковен договор. По 13 години функционирање во разни состави на влади, ПДП смета дека Секретаријатот треба да се укине затоа што секогаш бил само во функција на албанските владејачки партии и вработувал партиски кадри, честопати со многу низок квалитет“, рече Халили. Тој предложи составување Комисија за еднаквост, раководена од непартиски кадри, каква што постои во Обединетото Кралство.

Според Јовановски, вакви пораки и настапи можат да бидат почеток на градење на тие граѓански темели на општеството: „Можеби денес се мал, изолиран глас, но утре ќе се јави втор, па трет.. И за најдолгиот пат најважен е првиот чекор.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми