Забраната за влез во САД за граѓани од седум муслимански земји им наштетува на безбедносните интереси и на угледот на САД. Згора на тоа ги засилува поделбите во земјата, смета Михаел Книге.
Реклама
Доналд Трамп во изборната кампања поентираше со стравот од тероризмот, муслиманите и доселувањето. Неговите пароли за „екстремна проверка“ на оние кои сакаат да допатуваат во САД како и за генерална забрана за влез на муслимани во земјата предизвикаа ужаснатост ширум светот. Истовремено, тој со неговите радикални барања го определуваше и политичкиот дискурс на изборната кампања и ја поткрепуваше својата избирачка база во нејзината ентузијастичка поддршка за него.
Но додека изградбата на Трамповиот ѕид засега останува само најава, со декрет воведената, но административно дилетантски подготвената забрана веднаш покажа ефект: хаос на аеродромите ширум светот со заглавени патници, збунети авиокомпании, неинформиран безбедносен персонал...
Забраната за влез на муслиманите не носи поголема безбедност
Добро, ќе речат некои добронамерни приврзеници на Трамп, почетното спроведување можеби не беше оптимално, но новата регулатива ја подобрува националната безбедност и затоа е исправна. Но токму тоа таа не го прави, зашто паушалната забрана за влез на граѓани од седум земји со мнозинско муслиманско население е произволна, некохерентна и ги прекршува основните американски вредности. Така на пример мора да се праша, зошто на граѓаните од седум безбедносно-политички во секој случај проблематични земји им се забранува влез во САД, но не и на оние од земји, чии граѓани навистина беа вклучени во терористички напади во САД, како на пример Саудиска Арабија? И колку помага во одбраната од тероризмот, мали деца и стари луѓе да бидат задржувани на аеродромите?
Во основа ништо не говори против тоа, нова влада да сака да ги преиспита безбедносните мерки. Но САД веќе располагаат со сеопфатна и интензивна програма за проверка на оние кои сакаат да допатуваат во земјата- токму од безбедносно-проблематични држави. Токму поради ваквиот долготраен процес САД во споредба со други земји во светот прифатија само мал број бегалци. Затоа забраната на Трамп во безбедносно-политичка смисла е непотребна и погрешна.
И не само тоа: таа е и контрапродуктивна. Зашто за многу муслимани ширум светот таа е потврда на пораката која кандидатот Трамп ја испраќаше уште за време на изборната кампања, имено дека нивната религија во Америка на Трамп не е добредојдена. И тоа им оди од рака на исламистичките екстремисти во целиот свет.
Но не се шокирани само бројни муслимани, туку и пријателите на традиционално отворената Америка во САД и надвор од нив се вчудовидени, какви штети администрацијата на Трамп му нанесе на угледот на земјата за само една недела и како длабоко поделената нација, која не е загрижена поради досега невидените масовни протести, и натамошно се дели. И оправдано е да се стравува дека ова е само почеток, зашто наредните претседателски избори се одржуваат дури за 1372 денови.
Граница САД-Мексико: Бетон наместо челик
Ѕидот на границата со Мексико ќе се гради. Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша соодветен декрет. На делови од границата веќе има ограда. Дали сега челикот ќе биде заменет со бетон?
Фотографија: Reuters/J. L. Gonzalez
Трамп има искуство со градење
„На нашата јужна граница ќе изградам голем ѕид. Никој не гради ѕидови подобро од мене и за тој ѕид ќе плати и Мексико.“ Тоа американскиот претседател Доналд Трамп го изјави во текот на кампањата. Досега тој градеше пред сѐ висококатници и хотели. Ѕидот на границата е на прво место на неговиот план од 10 точки во делот на политиката на доселување.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/C. Torres
Крај кој завршува „нигде-никаде“
Границата меѓу САД и Мексико е долга околу 3.200 километри. Од нив со жица се обезбедени околу 1.100 километри. Границата минува низ четири американски и шест мексикански сојузни држави, минува низ пустина и големи градови. Поради лошата пристапност, еден мал дел од границата во Њу Мексико е отворен. На други места пак патролираат службеници за заштити на границата.
Фотографија: Reuters/M. Blake
Несовладлив челичен џин
Бројот на илегални доселеници во САД се проценува на околу 350.000 годишно. Голем дел од нив доаѓаат од Мексико. Дел од доселениците од Мексико се толерираат. Од друга страна, мексиканските семејства не добиваат виза. Доселениците си посакуваат подобар живот, работа и повеќе пари за своите семејства.
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Zepeda
Само мал допир
Семејствата живеат разделени со ограда. Прегратка не е можна. Во најдобар случај низ челичните шипки може да се протне рака. Ако Доналд Трамп го оствари најавеното, тогаш наместо челик овде ќе има бетон. Тогаш и мал допир нема да биде можен.
Фотографија: picture-alliance/ZumaPress/J. West
Од изолација до предрасуди
„Кога Мексико праќа луѓе, тогаш не ги испраќа најдобрите“, рече Трамп во текот на кампањата. „Испраќа луѓе кои прават многу проблеми. Тие носат дрога, злосторства, силувачи. Некои, би рекол, се и добри луѓе.“ Трамп сака да ги протера илегалните доселеници, барем оние кои се со криминално досие. Сепак, и покрај заканите, многу Мексиканци не се откажуваат од своите планови за бегство во САД.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/G. Bull
Пустина, граница и назад
За некои Мексиканци сонот завршува на границата. Тие завршуваат в затвор. Други за илегално минување преку границата плаќаат со својот живот. Медиумите критикуваат дека безбедносните сили пукаат преку границата. Дури во 2015 година за тоа првпат е обвинет припадник на американската погранична служба.
Фотографија: Reuters/D.A. Garcia
Со сачмарка против непожелните гости
Џим Чилтон, американски фармер, во патрола низ својот имот. Неговата фарма на површина од 200.000 квадратни метри на југоистокот од Аризона граничи директно со Мексико. Помеѓу има само бодликава жица. Чилтон се смета себеси лично одговорен за безбедноста и одвреме-навреме посега по сачмарката.
Фотографија: Getty Images/AFP/F.J. Brown
Чуден крај
„Тортиља ѕид“ е потценувачкиот назив на 22,5 километри долгиот дел од границата меѓу Отеј Меса Бордер Кросинг во Сан Диего (Калифорнија) и Пацификот. Оградата завршува во водата. За да се побегне на другата страна е доволно само да се исплива околу оградата.