1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опасно покажување јунаштво на интернет

Софи Шимански / Александар Методијев23 август 2014

На интернет се шират снимки со различни предизвици. Додека Бил Гејтс и Новак Ѓоковиќ се полеваа со ледена вода, децата тоа го прават со бензин. А, потоа се палат! Како да се спречи таа глупава и опасна појава?

Фотографија: youtube.com/623SmokeBreeze

Додека синот и’ гори Џејни Тали во раката држи смартфон и снима. Ацетонот на кожата на 16-годишното момче веднаш се запали. Синиот пламен од неговиот стомак го зафаќа неговото лице. Тој вреска. Мајката вика: „Оди под вода, застани под вода!“ Но, момчето во агонија излегува од тоалетот и беспомошно трча низ станот. Подоцна вечерта е примен во болница со изгореници од трет степен. Мајката е уапсена.

Тие тоа го правеа во када, каде што можеа веднаш да го изгаснат огнот, објаснува мајката која сакаше да сними возбудливо видео (насловната фотографија е од тоа видео, н.з.). Тоа потоа ќе го ставеа на Фејсбук како „Огнен предизвик“ или „Fire Challenge“ и ќе се радуваа на секој поединечен лајк. Како и многу други...

Да се стане познат преку тестирање на храброста

Или подобро кажано, како сите останати кои во дигиталното време сакаат да привлечат внимание. Со просечни содржини не може да се привлече вниманието на себе. Феликс Бајлхарц, експерт за т.н. вирален маркетинг, односно маркетингот којшто го користат социјалните мрежи на интернет, вели дека „моменталниот тест на храброста е прилично ефикасен“. Тој вели дека тестот на храброста мора да биде доволно опасен за да станете „мини селебрити“ на интернет.

Тие тестови на храброст или за предизвици се шират со неверојатна брзина. Видеоснимките покажуваат главно млади луѓе кои сами се снимаат – како се полеваат со ледена вода врз глава, како јадат голема лажица цимет или како самите се запалуваат. Снимките се шират како вирусна инфекција.

„Содржината не се шири од една централна локација, туку од корисник до корисник“, вели Бајхарц. За тоа да функционира, содржината мора да биде многу смешна или многу тажна, но секако крајно невообичаена. „Силните емоции играат клучна улога“, вели Бајлхарц.

Јутјуб не ги брише видеата каде младите се полеваат со запаливи течности и се запалуваатФотографија: youtube.com/DieBrodaz

Прва жртва од „Огнениот предизвик“

Случаите, каков што е оној на 11-годишниот Дерик Робинсон од Клевистон во САД, наголемо се шират по светот. По наговарање од неговите братучеди, детето се запалило, па тешко повредено било сместено во болница. За 15-годишниот Џејмс Шорис, пак, помош немаше – тој изгоре жив. Зошто младите луѓе го прават ова? Зошто се запалуваат?

„Се работи за тоа да покажат дека можат да направат нешто што никој друг не го може“, вели психијатарот Михаел Винтерхоф. Многу млади луѓе имаат чувство дека не се за ништо. „Многумина дома не прават ништо“, вели Винтерхоф. Оној кој од време на време не прави некои мали домашни работи, кој не мора ништо да раскрене, да измие садови, тој и нема чувство дека е потребен, дека вреди нешто, објаснува тој.

Секако дека „Огнениот предизвик“ е екстремен начин човек да се докаже. Психијатарот од Бон, кој е специјалист за млади лица, вели дека таквите тестови на храброст се последица на широко распространет проблем. На децата не им се поставуваат никакви барања, додека притоа се премногу згрижени. „Детето нема никакви задачи, па не знае што може и што тоа како личност претставува“, вели Винтерхоф. Затоа многумина бараат признание на социјалните мрежи.

Родителска одговорност

Психијатарот Винтерхоф смета дека за ова се виновни родителите. „Сето тоа се последици од ’злосторството’ против нашите деца“, вели тој. Вината секогаш ја сносат возрасните. За тие да би имаат мир и за да избегнат конфронтација или кавга, на децата премногу често им попуштаат. Многу деца се презаситени, посебно со материјални добра. И педагошки на децата им се дава премногу слобода. „Во градинките или училиштата децата се често сами, без контрола, па на интернет прават неконтролирани работи“, вели психијатарот.

Бил Гејтс се полеа со ледена вода и тоа го објави на ЈутјубФотографија: youtube.com/thegatesnotes

Поради таа „слобода“ на децата им недостига структура и ориентација. „Тие млади луѓе живеат во реалноста на едно мало дете“, вели Винтерхоф. Еден 11-годишник би требало да знае што е оган и што би можело да му се случи, но децата на споменатите видеоснимки очигледно тоа не можат да го проценат. „Тие живеат овде и сега, и ориентирани се исклучиво на исполнување на своите потреби – како бебињата“, вели Винтерхоф.

Јутјуб не брише, ама Фејсбук брише

Без платформи какви што се Фејсбук и Јутјуб таквите предизвици не би биле можни. „Тие не се виновници, ама го овозможуваат сето тоа“, вели Феликс Бајлхарц.

Фејсбук во меѓувреме реагираше и почна да ги брише таквите видеоснимки. Но, тоа претходно некој мора да го пријави. За жал, се’ уште има многу млади на кои таквите снимки им се допаѓаат и кои ги шират. На Јутјуб некои такви снимки се’ уште можат да се видат.

Познати личности во предизвик

Виртуелните тестови на храброст станаа познати и во позитивен контекст. Повеќе славни личности учествуваа во т.н. „Ice Bucket Challenge“, или предизвикот со ледената кофа. Правилото гласи: кој во рок од 24 часа нема да се полее врз главата со кофа со ледена вода ќе треба да донира 100 долари на сметката на Фондацијата „АЛС“ (кратенка од амиотрофна латерална склероза, н.з.), која ја истражува таа неизлечлива болест на нервниот систем.

Листата на храбрите е долга. Марк Закерберк го направи тоа, но и Џастин Тимберлејк, Бил Гејтс, првиот тенисер на светот Новак Ѓоковиќ, но и поранешниот американски претседател Џорџ Буш, кој беше полеан од неговата сопруга Лора. Барак Обама се извлече. Поранешниот репрезентативен ракометар Штефан Кречмар ја предизвика германската канцеларка, но одговор од Ангела Меркел немаше.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми