Опозиционеркитe во парламентот го чекаат засилувањето
22 август 2015Водат битка на два фронта, но не губат надеж. Трите дами од опозицијата повеќе од една година се единствените претставнички на опозицијата од македонскиот блок партии. Откако го „прекршија“ постизборниот договор за бојкот на парламентот Љубица Буралиева, Солза Грчева и Роза Топузова Каревска останаа „осамени“ во битката за промени и уривање на власта преку институциите. Конфронтирани со колегите од позицијата, критикувани од довчерашните сопартијци од опозицијата велат дека не им е лесно, но сепак не губат надеж. Договорот за враќање на опозицијата во пратеничките клупи од септември за нив е добра вест, иако не се преголеми оптимисти дека патот до промените ќе биде лесен. Очекуваат тешка и неизвесна есен, жестока политичка битка но пред се‘ сериозност и од двете страни пред се‘ во спроведувањето на она на што ставија потпис, договорот од Пржино.
Пратеничката Солза Грчева смета дека веќе сите се во позиција да немаат избор во делот на договорот кој мора да се имплементира. Мониторингот на ЕУ и САД според нејзе не остава простор за маневар кај ниту една од страните. Сепак таа забележува дека работите уште во старт тргнале наопаку. Тајмингот за реални го смета за прекраток, но вели нема назад:
„Прво се прифати датум за избори, а потоа се почна со процесот кој се виде дека не е ниту едноставен ниту брз. Датумот за избори требаше да биде резултат на процесот и извршените реформи, бидејќе замислете, се отвараат 23-то и 24-то поглавје што само по себе е сериозна работа. Ние имаме датум за избори и сега имам чувство дека сите се тркаат со времето. Што се однесува до опозицијата, овие чекори ги направи добро, принуди една партија која владееше неприкосновено на отстапки. Битката е донекаде добиена, но за војната останува да се види. Опозицијата има предност, но тоа се‘ уште не е доволна основа за радување предвреме. Останува да се види што е со политичката волја во овој макотрпен процес кој што пак го гледам како многу кус. Дополнително ме загрижува и дали по овие избори Македонија ќе излезе подемократска и различна од она што ја гледавме во последниве декади. Тоа ми создава грижа и не ми дава право да бидам голем оптимист гледајќи дека се зборува само за избирачки список и изборен законик, а некако како четирите партии кои преговараат да имаат консензус за непромена на изборниот модел, што е по мене влезница за трајна демократизација на земјата. Огромен број на непретставени луѓе, пропаднати гласови со донтовиот метод, и тука имам чувство дека сите партии си се сложиле околу ова. Тоа е една работа која што како граѓанин апсолутно ме загрижува. Инаку јас не се помрднувам од мојата досегашна позиција, очекувам дека во крајна линија ќе имаме соработка со моите колеги бидејќи целта е иста“, коментира за Дојче веле Грчева.
Прекраток период за фер и демкратски избори
Со сличен став е и Љубица Буралиева која исто така не е оптимист дека претстојниот период е доволна гаранција за обезбедување фер и демократски избори. Април 2016 е многу блиску, а периодот многу краток да се дојде така лесно до владеење на правото и до неопходната партиска деконтаминација на системот.
„Допрва се бара начин како да се прочисти избирачкиот список без попис на населението (за што како независен пратеник побарав одговор од Груевски уште со моето влегување во Парламенот, и се разбира не добив одговор) но и за сите други сегменти од договорот реално нема доволно време за да се спроведат. Допрва се отвара прашањето за гласањето на дијаспората, за изборниот модел, допрва се бара специјален јавен обвинител, составот на ДИК треба да обезбеди партиска независност. До 30 септември ДИК треба да добие поголеми овластувања за да обезбеди фер и демократски избори. Нема време, едноставно нема доволно време и не сум оптимист дека во април ќе се обезбедат услови за фер и демократски избори заради неможноста да се рестартира свеста на владејачката криминогена структура. Конечно, целата оваа политичка криза го истошти целото гласачко тело (за кое не се знае бројката и до која тешко да се дојде без оглед за кој модел ќе се договорат на работните групи за регистрација на гласачите), идејно ги истроши и 4-те партии што се договараат и кои ја носат одговорноста за Македонија како стабилна држава, членка на ЕУ и НАТО, со ризик таа да стане предмет на нивна интервенција. За да се дојде до едно оптимално добро решение за идниот и политички и економски развој на државата, сметам дека е неопходен поширок ангажман на сите политички сили, на граѓанскиот сектор, на сите интелектуалци. Бипартиските и бинационалните интереси се кочница за да се случи тоа. Најавеното влегување на пратениците од опозицијата во Парламентот веројатно ќе биде добар знак дека нешто е мрднато од точката на политичкото вриење и мачнина и дека некои точки од договореното се реализирани. Особено очекувам една од тие да биде, императивно, трансформација на МРТ во јавен сервис, де факто, со тргање на страна на било која партија од овој медиум, без исклучок. Тоа е сервис на сите граѓани, не е на ниту една партија и само со неговата вистинска улога и со предвидени европски стандарди и правила да биде вклучен во претстојните избори“, смета Буралиева.
Дали ќе има волја да се почитува потпишаното
Дека периодот е прекраток за реални реформи дилеми нема ниту пратеничката Роза Топузова Кареска, која за разлика од нејзините две колешки кои заработија црвен картон од својата матична партија СДСМ, таа се` уште е формално дел од нејзината Либерално демократска партија. Сепак таа очекува дека политичките фактори ќе демонстрираат вистинска волја за реализација на договореното, пред се‘ во интерес на граѓаните и државата:
„Во однос на времето мислам дека периодот е краток за да се реализираат сите работи кои се дефинирани и да се спроведат, што е најважно, лично очекував поразумен рок. Очекував дека прво ќе имаше попис и врз база на тоа ќе имавме реален и непристрасен избирачки список. Која и опција да се опфати нема да имаме доверба затоа што ние не знаеме колку граѓани живеат во Република Македонија, а не да имаме 1,7 милиони гласачи, не верувам дека има толку луѓе а камоли гласачи. Но како и да е, политичката криза мораше да заврши со некаков договор зашто поинаку решение немаше на повидок. Без да коментираме колку договорот е лош или добар, тој веќе е потпишан, но многу е битно колку тој ќе се реализира и колку има волја за тоа. Почетокот кој што го гледаме не ветува многу затоа што се‘ уште се расправа околу избирачкиот список, а и предлозите што ги слушаме во медиумите не се добро решение, како од типот пријавување на гласачи затоа што на тој начин во целост ќе се партизира изборниот процес што е една од основните забелешки во извештаите на Прибе, но и од Европската комисија ОБСЕ и ОДИХР. Сепак, да се надеваме дека ова е почеток и понатаму пред се‘ кај двете најголеми партии ќе има волја потпишаното да се почитува и имплементира на начин на кој е надобро за државата и за граѓаните. Времето покажа дека јас цело време делував опозициски и понатаму ќе делувам, не сум исклучена поради статутот на партијата ЛДП, но очигледно дека врската е раскината. Не очекувам дека колегите од опиозицијата ќе имаат барем јавно негативни ставови, но на крај на краиштата тоа е нивно право, како ќе се однесуваат“, коментира Топузова Каревска.
Поголем или помал сеедно, трите независни пратенички од опозицијата во парламентот сепак не ги напушта оптимизмот дека демократските промени се многу блиску. Патот дотаму можеби е поплочен и мазен, но дали и колку ќе биде и „лизгав“ допрва ќе треба да се види. Веќе во септември следуваат сериозни предизвици кога и ќе се види појасно која од страните колку и реално е подготвена за вистински промени, не во интерес на партијата, туку пред се на граѓаните и државата.