Опозицијата бара оставка од Ердоган
26 февруари 2014Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган ги обвини своите политички противници дека ги хакирале снимките од заштитени државни комуникации за да монтираат лажна слика за неговите телефонски разговори во кои тој го предупредува својот син дека треба да сокрие големи суми пари во пресрет на полициската истрага.
„Она што е сторено е подмолен и предавнички напад врз премиерот на Република Турција. Тоа нема да мине неказнето“, порача Ердоган на седница на парламентот поздравен со громогласен аплауз од пратениците од неговата партија. Тој не ги именуваше директно оние кои ги смета за одговорни за монтажата, но јасно посочи во правец на мрежата на неговиот поранешен сојузник, исламскиот свештеник Фетула Ѓулен.
Во текот на ноќта полицијата употреби солзавец и гумени куршуми за да ги растера демонстрантите кои во Истанбул протестираа против корупцијата во владата. Студентски протести имаше и во Анкара.
Притисок врз Ердоган
Телефонскиот разговор, кој беше постиран на Јутјуб, открива како Ердоган наводно бара од неговиот син Билал да сокрие милиони евра во кеш кои биле складирани во повеќе куќи. Во еден момент од разговорот Билал вели: „Тука има уште 30 милиони евра...“
Разговорот, чија автентичност не е потврдена од независен извор, се случил на 17. декември, истиот ден кога бројни сојузници на Ердоган беа уапсени од полицијата во серија рации во рамките на истрагата за корупција.
Ердоган е под голем притисок по откривањето на корупцискиот скандал, што е најголем предизвик за неговото 11- годишно владеење, особено во пресрет на локалните избори закажани за март годинава.
Тој го обвинува поранешниот сојузник Ѓулен дека ја инсценирал корупциската афера и оти се обидува да креира паралелна држава во Турција.
Турската влада вчера соопшти дека илјадници влијателни луѓе, меѓу нив и премиерот, министри и новинари биле прислушкувани од мрежата на Ѓулен која ја сочинуваат негови приврзеници во полицијата и судството.
Слаба опозиција
Локалните медиуми тврдат дека прислушкувањето било откриено од обвинителите кои биле именувани од владата на Ердоган по голема чистка во полицијата и обвинителството.
Останува нејасно како е можно да постоело прислушкување на толку високо ниво, кога се знае дека шефот на тајната служба е близок сојузник на Ердоган.
Контроверзата ја предизвика опозицијата во земјата да побара оставка од владата.
„Владата го загуби легитимитетот и мора веднаш да поднесе оставка“, изјави Халук Коч, портпарол на најголемата опозициска Републиканска партија.
Сепак, последните анкети во пресрет на локалните избори покажуваат дека корупцискиот скандал речиси и да нема влијание врз рејтингот на Ердоган во земјата. Опозицијата останува слаба и без вистински лидер. Единствениот предизвик за власта доаѓа од верската организација на Фетула Ѓулен, Хизмет, но оттаму велат дека немаат намера да фомираат политичка партија.