1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опозицијата во Унгарија добива шанса против Орбан

Кено Верзек
26 февруари 2018

На изборите за градоначалник на унгарскиот град Ходмезовашархеј неочекувано победи заеднички кандидат на опозицијата. Дали е ова тест пред парламентарните избори на 8. април?

Ungarn Viktor Orbán
Фотографија: imago/Panoramic International/C. Licoppe

„Историски пораз на Фидес“, „Орбан може да биде победен“, „Постои и друг избор“, ова се само дел од ентузијастичките наслови во унгарските кон владата критички медиуми. Повод е тоа што во градот Ходмезовашархеј, кој се наоѓа во јужна Унгарија и има 44.000 жители, на предвремените избори за градоначалник одржани вчера, победи заеднички кандидат на опозициските партии.

Непартискиот кандидат, 45-годишниот електроинженер и економист Петер Марки-Зај, го победи кандидатот на Фидес, партијата на унгарскиот премиер Виктор Орбан. И тоа не со тесен резултат, туку со значителна разлика, со 58 наспрема 42 проценти. 

Ова е глас против заплашувањето, против самоволието и корупцијата“,  вака Марки-Зај ја коментираше својата победа синоќа.

Станува збор навистина за еден од најспектакуларните изборни резултати во последните години: во Ходмезовашархеј веќе две децении владее Фидес и се сметаше за нејзино неприкосновено упориште во земјата. Тоа е истовремено и роден град на Орбановиот моќен шеф на кабинетот, Јанош Лазар, човек број два во апаратот на власта на унгарскиот премиер, кој овде ја почна својата политичка кариера како градоначалник. Затоа, изборната победа на опозицискиот кандидат има високо симболичко значење.

Надгласани - поддржувачи на ФидесФотографија: Reuters

Победа со историско значење

Но, во прашање е и еден вид изборен тест пред парламентарните избори на 8. април: во Ходмезовашархеј за првпат сите опозициски партии, од левите социјалисти преку зелено-алтернативните либерали па до десничарската партија Јобик, поддржаа заеднички кандидат. Само на таков начин постоеше реална шанса да се развласти Фидес во градот. Се покажа, експериментот е успешен, со што на опозицијата на шест недели пред парламентарните избори ѝ ја отвора долго посакуваната перспектива.

„Изборниот исход е непријатен и чувствителен дебакл за Фидес“, вели политикологот Атила Тибор Наги од Институтот Мелтаниосаг во Будимпешта. „Истовремено, опозицијата доби неочекувана шанса за промена на политичките односи. Ако сега постапи умешно, има дури и шанса да му го одземе мнозинството на Фидес.“

Повеќе на темата: 

Виктор Орбан и пропаста на Европа

„Стоп Сорос“ - почна дебатата за пакетот закони против невладините организации во Унгарија

Орбановата „патриотска одбранбена“ настава

Желба за промени

Навистина, изборниот резултат во Ходмезовашархеј има исклучиво локален карактер: Јанош Лазар, вклучувајќи се во изборната кампања во градот, настапуваше арогантно и со расистички забелешки против сиромашните луѓе и Ромите. Освен тоа, Ходмезовашархеј моментно е главна бина на актуелна афера со проневера на милионски суми пари од ЕУ-фондовите, а актер е зетот на Орбан, Иштван Тиборшч. ОЛАФ, службата на ЕУ за борба против проневери, неодамна достави извештај за случајот.

Од другастрана, изборниот резултат во Ходмезовашархеј одговара на генералниот тренд во анкетите на јавното мислење: според нив, релативно мнозинство во Унгарија сака промена на владата и поинаков политички стил на раководење во форма на намалена корупција и зголемена транспарентност. Сепак, истакнува политикологот Атила Тибор Наги, и во Ходмезовашархеј се покажува дека Фидес располага со стабилна гласачка база. Опозицијата има шанса само во случај на голема сплотеност.

Партијата Јобик го смени профилот, но во базата уште има крајни десничариФотографија: Reuters/Laszlo Balogh

Десничарите со нов лик

Големо прашање е дали опозицијата сега ќе го искористи часот за преземање на кормилото. Во последните месеци опозиционите партии, тонејќи во меѓусебни кавги, работеа во сопствена штета, давајќи им повод на Виктор Орбан и водечките политичари од Фидес за своите политички противници да зборуваат со омаловажување, подбив и подмолност. Истовремено, бројни влијателни критички кон владата настроени интелектуалци, меѓу кои и филозофот која го има преживеано холокаустот, Агнес Хелер, одамна упатуваат сериозни апели: ако опозицијата сака да го победи Фидес, мора во сите изборни окрузи да истакне заеднички кандидати, и тоа заедно со поранешната десноекстремистичка партија Јобик, која од 2014. година го заврши процесот на трансформација и сега стреми кон профил на умерена национал-конзервативна народна партија.

Предлогот на Хелер и други интелектуалциистомисленици во Унгарија е исклучително спорен, со оглед што партијата Јобик своевремно инсистираше на создавање листи на Евреи и градеше популарност со маршеви против Ромите и антиромски пароли. Но, партиското раководство во меѓувреме се дистанцираше од тоа, сега се потпира на теми како владеење на правна држава и демократизација. Сепак, во нејзината база владее незадоволство од новиот курс, врските со десноекстремистичкото милје таму често се уште силни.

Надежта умира последна

Тоа не е единствената тешкотија за заеднички настап на опозицијата во одделни изборни окрузи. Ако одделни опозициски политичари се откажат во некој изборен округ во корист на заеднички кандидат, не добиваат ниту државни пари за изборната кампања, некои би морале под одредени околности да се откажат и од парламентарна кариера. Дали сите би биле спремни за вакви отстапки, е големо прашање.

Пресно избраниот градоначалник на Ходмезовашархеј, Петер Марки-Зај, ги повика опозициските партии и своите сонародници да го следат примерот на неговиот роден град: „Покажавме дека е можно победа над Фидес, тоа на 8. април може да важи за цела Унгарија.“

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми