Опозицијата е подготвена да разговора за нов претседател
17 февруари 2012
По критиките што траеја неколку недели и барањето на обвинителството во Хановер да му биде укинат имунитетот, Сојузниот претседател Кристијан Вулф поднесе оставка. Раководни политичари од владејачките партии (ЦДУ, ЦСУ и ФДП) изразија почит за одлуката на Вулф. Повлекувањето од функцијата го поздрави и опозицијата и веднаш даде до знаење дека е подготвена да разговара со канцеларката Меркел околу наследник на Вулф.
Генералниот секретар на ЦДУ Херман Грее му се заблагодари на Вулф за неговата работа и рече дека Германија ја прима до знаење оставката „со голема почит и жалење“. Шефот на пратеничката група на ЦСУ Герда Хаселфелд, пак, изјави дека Вулф „и‘ даде на Германија модерно, отворено кон светот и толерантно лице“. Шефот на либералите и министер за економија, Филип Реслер, нагласи дека ја почитува оставката на Вулф и најави итни разговори на коалиционите партнери околу кандидати за наследник.
Шефот на опозиционите социјалдемократи, Зигмар Габриел, изјави дека околу наследникот на Вулф и‘ нуди на Меркел „отворени и фер разговори, без партиско тактизирање“. За „Госларшен цајтунг“ Габриел рече: „Потребна ни‘ е личност која ќе ја врати репутацијата на функцијата“.
Партијата на Зелените, која исто така е во опозиција, ја поздрави најавата на канцеларката за заеднички кандидат. Претседателот на пратеничката група на Партијата на левицата, Грегор Гизи, пак, рече: „Мислам дека господин Вулф требаше да даде оставка порано“, додавајќи дека така немало да дојде до нанесување штета на функцијата Сојузен претседател.
Автор: ЕМФ/ дапд
Редактор: А. Трајковска