1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ВМРО-ДПМНЕ: „Правосуден борд“ ќе ги решава проблемите

3 октомври 2019

Пет институции - три од Стразбур и две од Брисел би ја мониторирале и средувале состојбата во правосудсвото и борбата против корупцијата, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

Aserbaidschan 2016 Aleksandar Nikoloski - PACE
Фотографија: picture-alliance/Pacific Press/A.Karimov

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека е добро државата да добие датум за почеток на преговори со ЕУ, но според она што партијата го имала како сигнал - практично земјата ќе добие бројни предуслови, односно „датум за датум“. Ваквите ставови синоќа ги изнесе потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во дебата на ТВ „Телма“. Според истите сигнали, како што Николоски фигуративно се изрази, Македонија би добила еден вид правосуден борд, исто како што Бугарија во 90-тите години доби валутен борд за да се спаси од финасиски колапс. Тој „правосуден борд“ би бил претставен од пет институции - три од Стразбур и две од Брисел.

„Тие претставници на европските институции би ја средувале државата во делот на правосудсвото и борба против корупцијата, бидејќи за жал иниституциите под притисок на оваа Влада покажаа дека не можат да се носат со тој предизвик. Напротив, видовме сериозна корупција во највисоките институции, вклучувајќи го и СЈО“, рече Николоски.

Николоски: Многу услови, малку капацитет

Според потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, ситуацијата не е розова како што Владата сакала да ја претстави.

„Има две реалоности: едната е дека ЕУ има свои внатрешни предизвици, но втората реалност е дека Владата не ѝ помага на Европската унија да донесе позитивна одлука, напротив ѝ дава аргументи за негативна одлука, со сето тоа што се случува во изминатиот период. Јас сакам да сум оптимист и мислам дека е добро државата да добие датум за почеток на преговори, но сето тоа што го имаме како сигнал досега оди во насока дека би добиле предуслови коишто можевме како драфт да ги видиме во препораката на германскиот Бундестаг, коишто понатаму би биле зацврстени во рамки на Европскиот совет. Дури кога ќе се разлизираат тие предуслови, после тоа ќе се определи датум за почеток на преговори. Во најдобар случај Македонија ќе добие датум за датум“, рече Николоски.

Бујар Османи има поинакви информации од НиколоскиФотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Иако во досегашни драфтови наводно фигурира меѓувладина конференција во декември, со која практично стартуваат преговорите, тие нацрти секојдневно може да претрпуваат измени сѐ до конечната одлука.

„Моите информации се дека првиот предлог или драфт верзијата е предложено таа да се одржи во декември“, изјави вицепремиерот Бујар Османи.

„Денеска чувме дека има забелешки на одредени земји членки дали би биле подготвени да се заврши преговарачката рамка, и оваа средба да се одржи во декември или да се одложи за јануари, февруари, март. Но, секогаш зборуваме во контекст дека временските обврзани периоди се веќе започнати", рече вицепремиерот.

Многу битно е кога ќе биде почетокот на преговорите, реплицираше Николоски.

„Тоа што ние го имаме како информација е дека ниту во декември ќе биде, ниту во март, и веќе ќе треба да чекаме следен Извештај. Затоа што ќе има предуслови коишто Македонија не може да ги заврши во тој период. Во најдобар случај ќе имаме датум за датум, односно ќе има предуслови коишто Владата ќе треба да ги реализира и дури потоа би почнале преговори. И да бидам искрен, мислам дека оваа влада на Заев нема капацитет да го направи тоа, затоа што предусловите меѓу другото ќе бидат и пола влада да оди на истрага во Јавното обвинителство, затоа што се имплицирани во аферите Рекет 1 и Рекет 2 коишто се објавени", рече Николоски.

Повеќе:

Пендаровски: Бугарија нема сега да нѐ блокира во ЕУ

Нема опасност од застарување на предметите на СЈО

Избран момент за наводна афера

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ најави дека деновиве тој и други претставници ќе заминат во посета на европски градови, вклучително и на Брисел. Но, покрај наводните заложби земјата да добие датум за преговори, ВМРО-ДПМНЕ на домашен терен токму од петок преку серија прес-конференции ќе објавува корупциска афера поврзана со Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, која користи пари од ЕУ.

„Ќе обелодениме како се трошеле европските пари. Делени се средства на блиски невладини организации на раководството на Агенцијата, а исти четири невладини агенции ги добиле проектите и минатата и оваа година. Лица ангажирани од Агенцијата добиваат проекти, судии добиваат средства од оваа Агенција, проневерени се 3 милиони евра. Постои и сомнителен тендер за избор на пи-ар агенција. Откако ова ќе го доставиме до Обвинителството, мислам дека е многу конструктивно Владата да апелира тоа брзо да се испита затоа што се проневерени европски пари“, обвини Николовски.

Одговор уште синоќа стигна од Националната агенција за образовни програми и мобилност. 

„Го охрабруваме потпретседателот Николоски и ВМРО-ДПМНЕ да ги обзнани сите сомневања за Националната агенцијата и воедно ги повикуваме сите релевантни институции да се вклучат во расветлување на наводите. Воедно го прашуваме Николоски дали нервозата и жалењето е поради тоа што Националната агенција не е веќе личен сервис на ВМРО-ДПМНЕ и Бошко Нелкоски во злоупотребата на европските пари за лично богатење, поради што Националната агенција за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ во 2010 година беше суспендирана за злоупотреби при трошењето на европските пари?”, се вели во реакцијата на Националната агенција.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми