1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чување на Македонија преку „Македонска платформа“

30 октомври 2018

ВМРО-ДПМНЕ смета дека покрај политичката битка е потребна и општествена битка од голем број граѓани, формални и неформални групи кои ѝ мислат добро на Македонија, а кои ќе се обединат во „Македонска платформа“.

Proteste vor dem Parlament in Skopje gegen Einigung Mazedoniens mit Griechenland im Namensstreit
Протести протов договорот со Грција за името (13.06.2018, Скопје)Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Се создава ново политичко обединување наречено „Македонска платформа“, која ќе има за цел зачувување на Република Македонија, најави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во синоќешното гостување на ТВ „Сонце“.

Како што објасни, покрај политичката битка потребно е да има и силна општествена битка од голем број на граѓани кои што ѝ мислат добро на Република Македонија, преку голем број формални и неформални групи на здружување.

„Македонска платформа ќе значи еден нов вид на политичко обединување во Република Македонија, во која што нема да се стандардни познатите коалиции помеѓу една голема и 20-тина помали политички партии, туку тоа е една форма на обединување на сите слободномислечки индивидуи, формални групи во смисла на невладини организации или здруженија на граѓани, неформални групи во смисла збир на луѓе, кои што ѝ мислат добро на Република Македонија, со кои што не мора целосно да се согласуваме за сѐ, но имаме неколку јасни основни принципи и постулати“, вели Николоски.

Повеќе: Што готват Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ

Санирање на штетите

Извори во партијата со кои разговарававме засега немаат информации за платформата, но претпоставуваат дека ќе се прави јадро околу кое ќе се соберат сите што опонираат на актуелните процеси поврзани со Договорот од Преспа, и ќе даваат гласност на критиките за економските и социјални состојби во државата. Потсетуваат дека мини процес на слично „опремување“ со индивидуални истомисленици е започнат и во партијата, преку намерата за вклучување во разни советодавни тела на интелектуалци, аналитичари и експерти од разни сфери.

Николоски: Покрај политичката битка потребно е да има и силна општествена биткаФотографија: picture-alliance/Pacific Press/A.Karimov

„Она што партијата повеќепати во минатото го нагласуваше, дека 'ВМРО-ДПМНЕ не е само партија, туку движење', сега го става во друг формат. Привидно, се децентрализира улогата на партијата во име на сеопшто обединување на истомисленици за 'зачувување на Македонија', каде партијата би била формално еднаква со другите субјекти во платформата. Наликува на обид за санирање на штетите по серијата исклучувања на партиски членови, во смисла, обид да се покаже дека ништо не зависи од оние исклучени осум или десет луѓе, дека има многу други кои веруваат во ова што го правиме“, вели извор од партија.

Дека е затворена вратата за „отпишаните“ , вчера потврди и Николоски.

„Нека им е со среќа. Со нас соработка нема да имаат сигурно. Еднаш кога ќе се затвори вратата не се отвора, особено за ваква работа“, потенцира тој, одговарајќи на прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ ќе соработува со новата пратеничка група.

Повеќе: Елизабета Канческа: Сѐ ќе излезе на виделина!

Тој обвини дека е нечесно тие да го користат името на партијата нарекувајќи се „Независна пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за Подобра Македонија“ и најави дека ќе ги искористат сите правни механизми за заштита на името на ВМРО-ДПМНЕ. Притоа нагласи дека почесен пристап би бил ако осумте пратеници кои гласаа „за“ уставните измени јасно кажеле како планираат да постапат на денот на гласањето.

Едни за амандманите, други за амнестија

Најавите за обединување околу „Македонската платформа“ доаѓаат во период кога во парламентот започнаа консултации околу нацрт- амандманите, согласно со Договорот од Преспа. Како што изјави премиерот Зоран Заев, во нив треба да бидат вградени и барањата на осумте пратеници од опозицијата, кои дадоа поддршка за започнување на процесот за уставни измени. Тие пратеници веќе дејствуваат како независна пратеничка група и вчера имаа консултативната средба со министерката за правда, Рената Дескоска, и со шефот на дипломатијата, Никола Димитров околу нивните предлози за амандманите.

Повеќе: Писмото на Мијалков не остава простор за помирување

Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ вчера го поднесе до парламентот предлог-законот за амнестија на учесниците и организаторите во настаните од 27-ми април лани, со предлог Собранието да го донесе законот по скратена постапка.

Осумте пратеници од опозицијата, кои дадоа поддршка за започнување на процесот за уставни измени, веќе дејствуваат како независна пратеничка групаФотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

„Со овој закон се предвидува и се уредува начинот на ослободување од кривично гонење, запирање на поведените постапки и целосно ослободување од издржување на казната затвор, а за кои постои основано сомнение дека сториле кривични дела: учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие, насилство, учество во толпа што ќе изврши кривично дело и дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедност. Со овој предлог закон се предвидува и бришење на осудата на лицата осудени заклучно со денот на влегување на сила на овој закон“, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев, кој од денес веќе нема да ја извршува таа функција по свое барање.

Повеќе: Заев нуди прочка за 27 април и помирување

Според него, со законот ќе се обезбеди правда за сите, вистинско национално помирување наместо селективност и поделби кои, кои како што рече, ги нуди СДСМ.

Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, вели дека и како член на ДУИ и како вицепремиер ја поддржува идејата на премиерот Зоран Заев за неопходноста од помирување.

„Не се согласуваме со предлогот од ВМРО-ДПМНЕ за амнестија, но поддржуваме формирање на координативно национално тело за помирување во Собранието. Ја поддржуваме идејата за помирување, но она што ќе го промовира принципот на неказнивост во оваа држава е неприфатливо“, изјави Османи.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми