1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Оптимистичка порака за Балканот

26 август 2010

Германскиот министер за надворешни работи ја продолжува мини-турнејата на Балканот со посетите на Србија и Босна и Херцеговина. Во Загреб, на првата станица на турнејата изрази оптимизам за брз прием на Хрватска во ЕУ.

Министерот за надворешни работи на Германија Гидо ВестервелеФотографија: picture alliance/dpa

Во фокусот на разговорите на германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле во главниот град на Србија ќе биде спорот околу признавањето на независноста на Косово. Германскиот министер во Белград го очекуваат дефинитивно најтешките разговори за време на двоиполдневната турнеја. Тој ќе се обиде да ги убеди српските власти, ако не да се откажат, барем да ја ублажат резолуцијата за Косово, за која на 9 септември треба да гласа Генералното Собрание на ОН. Вестервеле во Белград меѓу другите треба да се сретне и со српскиот претседател Борис Тадиќ.

Германскиот министер на мини балканска турнејаФотографија: AP

Денеска попладне шефот на германската дипломатија ќе продолжи кон Сараево. Главна тема со државното раководство на Босна и Херцеговина ќе биде блокадата на реформите во земјата, која трае веќе подолго време како и парламентарните и претседателски избори закажани за октомври. Западот се надева дека по нив на власт во земјата ќе дојдат политичари кои нивните постапки ќе ги насочуваат помалку кон етничките прашања отколку актуелните актери.

Земјите од ЈИЕ ќе најдат место под заедничкиот европски покрив

Како што беше најавено Вестервеле ја започна мини-балканската турнеја со оптимистичка порака за земјите од Балканот. Тој на првата станица во хрватскиот главен град Загреб истакна: „Сите земји од Југоисточна Европа, вклучително и Србија и Косово еден ден со сигурност ќе најдат место под заедничкиот европски покрив“, порача Вестервеле.

Министерот Вестервеле во ЗагребФотографија: AP

За Хрватска меѓутоа перспективата за членство во ЕУ е многу подофатлива: Хрватска би можела да стане 28 членка на Унијата веќе во наредната година доколку ги исполни сите услови во преговорите, порача синоќа германскиот министер за надворешни работиво Загреб. „Доколку Хрватска ги вложи сите сили во завршната фаза од преговорите влезот во ЕУ е можен уште наредната година“, порача Вестервеле. Хрватска, рече тој, и натаму ќе ја има поддршката на Германија. Вестервеле ги пофали резултатите на Загреб во борбата против корупцијата, но истакна дека претстои уште работа во реформите на правосудството.

Последна станица на балканската турнеја на германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле е Косово, кое ќе го посети утре.

Автор: СН/ БГ/ ард/ дпа

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми