1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Општеството има потреба од вулгаризми“

Дариа Бруанцева/ Жана Ацеска3 јули 2014

Нов закон во Русија забранува употреба на погрдни зборови и пцуење во медиумите и интернет форумите, но и во филмовите и во театарот. Рускиот писател Гасан Гусејнов во интервју за Дојче веле ја критикува забраната.

Фотографија: privat

Дојче веле: Господине Гусејнов, како го оценувате законот, кој го потпиша претседателот Владимир Путин и кој стапи во сила на 1.07.2014, а кој забранува употреба на погрдни зборови во пошироката јавност?

Гасан Гусејнов: Едноставно, тоа е натамошен препресивен акт, кој прво беше аминуван од Думата, а сега стана закон. Законот е дел од цела низа усвоени рестриктивни правила. Со нив блогерите сега фактички се изедначени со новинарите (ако имаат над 3.000 посетители дневно, блогерите треба да се регистрираат кај службите, инаку им се заканува казна до 10.000 евра, н.з.). Не е тешко со порачани кликнувачи да се постигнат 10.000 посети на ден, за така да може да се изведе пред законот и најмалиот владин критичар поради прекршување на законот.

ДВ: Законот за забрана на употреба на пцуење предвидува казни до 5.000 евра. За тоа треба да одлучува т.н. независна комисија. Колку е всушност раширена употребата на вулгарниот јазик во Русија?

Гасан Гусејнов: За време на целата советска фаза во руската историја ни печатот, ниту литературата, театарот или киното не смееја да користат вулгарен јазик. Но, каков е резултатот? Во изминатите 20 години посетив повеќе држави. Во ниедна луѓето не пцујат толку во секојдневието колку во Русија. Наместо овој феномен на живиот, модерен руски јазик научно да се испита и да се разбере, се донесе закон кој пратениците први го прекршија. Треба само да потсетиме на обраќањата на пратеникот Владимир Шириновски, кој јавно употребува вулгарни зборови. Некој новинар сега не смее ни да ги пренесе неговите изрази, да го цитира.

ДВ: Да претпоставиме, со независно вештачење да биде составена листа од вулгарни зборови. Дали таа би била долга?

Гасан Гусејнов: Листата би била бескрајно долга. А за секој забранет погрден збор во истовреме би настанале многу нови, кои би асоцирале на него.

ДВ: Какво значење имаат вулгаризмите за Русите и посебно за уметниците?

Гасан Гусејнов: Можеби постојат премногу вулгарни зборови во секојдневието и во уметноста. Според моето сфаќање, тие се индикатор за психичкото здравје и за духовната дисциплина. И двете овие области во Русија не се здрави, во вистинска смисла на зборот. Со овој проблем треба да се зафатат квалификувани психијатри, историчари, миротворно ориентирани политичари и експерти за човекови права. Тоа побрзо или подоцна ќе се случи, но не со помош на вакви закони.

ДВ: Може ли да се опстои без вулгаризми?

Гасан Гусејнов: Општеството има потреба од вулгарни зборови. Тие имаат политичка и социјална функција. Во секојдневието вулгарниот јазик секогаш е одраз на длабока фрустрација, на чувство на безвредност. Кога човек не може вистински да избира и да учествува во политичкиот натпревар, кога вообичаените зборови немаат никаква моќ, човек посегнува по забранетото, по табуизираното. Јазикот го изучуваат етимолозите и историчарите. Нашата задача е да разбереме зошто некои пцујат, а другите го искористуваат масовното користење на погрдни зборови за да воведат репресивни закони.

Гасан Гусејнов е руски филолог, историчар на културата, писател и факултетски професор. Тој е автор на повеќе книги. Тој има објавено бројни написи на теми од класичната филологија, историјата на културата, како и руската современа литература, меѓу кои и за руските вулгаризми.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми