1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Орбановите војници на социјалните мрежи

Штефан Ожват
22 февруари 2021

Само околу 20 проценти млади Унгарци гласаат за владејачката партија Фидес. Десничарско-популистичкиот премиер Виктор Орбан сака тоа да го промени – преку социјалните мрежи и десничарски инфлуенсери.

Ungarn Budapest Bürgermeister Wahl Rede Orban
Фотографија: AFP/F. Isza

„Мнозинството Унгарци има десничарски систем на вредности", вели млада Унгарка на видео снимка. „Ние сакаме тие луѓе храбро да го изнесат своето мислење, не само дома, на трпезариската маса, туку и на Фејсбук“, порачува таа, фалејќи ги курсевите на будимпештанската агенција Мегафон. „Од тебе создаваме професионален Фејсбук-војник“, ветува инструкторката.

Веќе околу 400 Унгарци се имаат пријавено за четиридневните бесплатни курсеви. Со 200 кандидати веќе се извршени разговори, а 90 би требало да добијат материјал за обука, се наведува во одговорот на прашањето од Дојче веле.

„Моментно сѐ е замрено“, вели основачот на Мегафон, Иштван Ковач на видео снимката, пред празните столици во просторијата на својата агенција, „поради заострените мерки во борбата против пандемијата“. Ковач тврди дека „непрофитната организација“ се финансира исклучиво приватно, како и дека не се вклучени јавни пари во проектот на школување на „воините на социјалните мрежи“, дека тој е независен од партиите и политичките организации.

Воената соба на Фидес?

Меѓутоа, Ковач е кадар на подмладокот на политичката партија Фидес и веќе наголемо е активен во кампањата за парламентарните избори кои ќе се одржат следната година. „Изборите ќе се решаваат на Фејсбук“, нагласува основачот на Мегафон, „и таму мораме да бидеме подобри од левичарите.“

Ковач не само што припаѓа на владејачката партија, туку е и во раководството на „Центарот за основни права“, фондација со важна улога во комуникацијата на Фидес, вели за ДВ адвокатот и експерт за медиумско право, Габор Пољак. Таа се финансира со јавни средства и во минатото креираше отворено „милитантни кампањи“, вели Пољак, основач на Центарот за истражување медиуми Мертек. И навистина, Иштван Ковач сака силни рекламни слогани, тој зборува за „цунами на левичарско-либерално мислење“, кое мора да се запре. Себе си се гледа како дел од „светска конзервативна револуција“ а ла Трамп. Вели дека од Американците научил како се користат социјалните медиуми.

Целна група млади гласачи

Со помош на Фидес-инфлуенсери сега би требало да се допре до Унгарците кои се информираат преку „паметните телефони додека чекаат во редица“, објаснува Ковач. Значи, станува збор за младите луѓе. Тие досега ја заобиколуваа унгарската владејачка партија. Според податоците на Институтот за испитување на јавното мислење Медиан, само 22 % од гласачите помлади од 30 година својот глас го дале за Фидес. Традиционални гласачи на шефот на владата, Виктор Орбан, и натаму се „постари луѓе кои живеат во мали села, како и мал број високообразовани“, објаснува Андраш Биро-Наги, директор на Институтот за политички истражувања Полиси Солушнс во Будимпешта.

Јозеф Сајер - бивш европратеник, беше фатен на илегална геј забаваФотографија: Jean-Francois Badias/dpa/picture alliance

Во последните месеци Фидес загуби половина милион гласачи. Причина за тоа е и аферата со Јозеф Сајер, пратеникот на Фидес во Европскиот парламент, кого полицијата го фати на илегална геј-секс забава.

Не само што ги прекршил корона-прописите, туку во ранецот имал и дрога. Семејниот човек се обидел да избега преку олукот. „Тоа што го направи нашиот колега Јозеф Сајер не е со склад со вредностите на нашата поитичка заедница“, кратко прокоментира премиерот Орбан, а Сајер пак ја напушти партијата. 

Таа афера е во целосна спротивност со „конзервативно семејната политика“ на национално-конзервативната партија, „која гласачите на Фидес посебно ја ценат“, нагласува Андраш Биро-Наги. Првпат од убедливата победа на Орбан во 2010 година опозиционите партии, кои обединети излегуваат на избори против шефот на унгарската влада, би можеле да победат, покажуваат неодамнешните анкети. „Фидесовите слаби точки“ се уништениот здравствен систем, што е видливо посебно во текот накризата со коронавирусот, како и економските последици на пандемијата, објаснува Андраш Биро-Наги.

Борба за интернетот

Унгарската владејачка партија додуша со околу 500 весници, радио и ТВ станици, обединети под покривот на една фондација, располага со голема медиумска моќ. „Но таа машинерија е централизирана“, смета стручњакот за медиуми Габор Пољак. Владеењето „одозгора“ не е адекватно ни за социјалните медиуми, ни кога станува збор за младите. Пољак затоа верува дека агенцијата Megafon.hu е „осудена на пропаст“. „Не може од ништо да се создаде дигитален свет на Фидес“, вели тој.

Од почетокот на пандемијата членовите на владата повеќе сакаат видео пораки на Фејсбук отколку конференции за новинари, на кои се поставуваат прашања. Во будимпештанскиот владејачки стил не се вклопуваат никакви неконтролирани актери. Откако на Фејсбук и Твитер беа блокирани контата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, унгарската министерка за правда Јудит Варга се пожали дека американската компанија „тајно и од политички причини“ и нејзиниот Фејсбук-профил го направила помалку видлив за корисниците. И „државни функционери“ би можеле да бидат „исклучени од онлајн просторот“, изјави таа, најавувајќи регулирање на работата на интернет-гигантите.

„Технолошките гиганти може да го решат исходот на изборите“, истакна таа и додаде дека мејнстрим – социјално-медиумските платформи „ ја ограничуваат видливоста на конзервативни, десничарски настроени мислења.“

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми