1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Орбан во контранапад

Бернд Ригерт
12 септември 2018

Жестока дебата: Европскиот Парламент планира казнена постапка против Унгарија, а унгарскиот премиер се брани и критикува за неправедни обвинувања.

Frankreich - Viktor Orban spricht in Straßburg
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/J.-F. Badias

Виктор Орбан ги остави европратениците да почекаат и во салата се појави со 12 минути задоцнување. Известувачот, Јудит Саргентини од Зелените, веќе имаше започнато со набројување на прекршувањата од страна на Унгарија на ЕУ-договорите, кога Орбан пристигна во пленарната сала во Стразбур. За тој да може да ги чуе сите обвинувања, Саргентини едноставно го почна говорот од почеток. Листата на прекори против унгарската влада е долга: систематско кршење на човекови права, неспроведување заштита на малцинствата, непочитување на слободата на науката, прекршување на принципите на толеранција и солидарност, содржани во членот 2 од Лисабонските договори за ЕУ. „Сите ние сме задолжени за заштита на ЕУ-граѓаните, наша должност е да преземеме нешто“, истакна холандската европратеничка. Орбан седеше со скаменето лице, а подоцна одговори: „Ова е навреда на честа на Унгарија.“

Во име на пратениците во Европскиот парламент, Саргентини побара поведување постапка според членот 7. Доколку Орбан се оглуши на обвинувањата за загрозеност на владеењето на правото во својата земја, на Унгарија ѝ се заканува одземање на правото на глас во ЕУ. Ваков драстичен чекор ЕП не презел никогаш досега. Многумина пратеници во своите говори укажаа на историското значење на претстојната одлука за санкционирање на Унгарија. 

Нови пријателства во ЕУ - Виктор Орбан и италијанскиот министер за внатрешни работи, десничарот Матео СалвиниФотографија: Getty Images/AFP/M. Bertorello

Орбан: Сакате изолација на еден народ

Во своите пет минути предвидени за изјаснување, Орбан ги отфрли сите обвинувања и премина во контранапад. Пратениците имаат намера да го казнат слободољубивиот христијански унгарски народ, кој се спротивстави на Советскиот Сојуз и ги отвори границите за граѓаните од Германската Демократска Република. „За ваков извештај за Унгарија ќе гласа само малцинство пратеници, кое ќе осуди една држава и еден народ“, критикуваше Орбан, чија намера е земјата да ја обликува во „либерална демократија“. „Мислите дека знаете подобро од Унгарците што ѝ е потребно на Унгарија. Преземате тешка одговорност, зашто сакате да етикетирате една земја и да го изолирате нејзиниот народ“, револтирано изјави Виктор Орбан, без впуштање во конкретните обвинувања од пратениците - дека тој владее автократски. Вообичаено, тој дебатата ја сврте кон миграциската политика на ЕУ: Унгарија треба да биде казнета, зашто не сака да прими мигранти, смета тој. „Унгарија нема да дозволи да ја уценуваат. Ќе ги штитиме нашите граници, против сите, ако мора“, извика Орбан, оценувајќи го парламентарниот извештај за паушален, полн лаги и погрешни информации. На европратениците унгарскиот премиер им подели документ од 108 страници со контраставови на Извештајот.

Повеќе: 

Унгарија може да го загуби правото на глас во ЕУ

Походот на Орбан против „Соросовите платеници“

„Протежирате коруптивен систем“

Шефот на Социјалдемократите во ЕП, Удо Булман, директно и лично му се обрати на Орбан: „Вашите роднини, Вашиот зет, профитираат директно од корупцијата и непотизмот во Унгарија. Вие го протежирате најкоруптивниот систем во рамките на ЕУ“, рече Булман. Контролната комисија за буџетот на ЕП констатирала - 30 проценти од парите кои ЕУ ги дава на Унгарија, се поделени во сомнителни постапки. Според Булман, унгарскиот премиер уште не ја разбрал суштината на дебатата во ЕП - не станува збор за осуда на унгарскиот народ, туку за осуда на работата на владата на Виктор Орбан: „Оваа институција ги брани правата на луѓето во Унгарија“, извика Булман.

Манфред Вебер очекува кооперативност од ОрбанФотографија: Reuters/V. Kessler

Остра критика упати и надлежниот еврокомесар Франс Тимерманс: „Цивилното општество во Унгарија е загрозено од постапувањето на унгарските служби“, рече тој. Поради тоа, Европската Комисија поведе редица постапки против Унгарија, за кои крајно ќе мора да одлучува Европскиот суд. Тимерманс му префрли на Орбан, меѓу другото, несоодветно згрижување на барателите на азил во транзитните зони и незаконско ограничување на работата на универзитетите.

Повеќе: 

Унгарија користи тактика на прегладнување против бегалците

Орбан доби поддршка од деснопопулистичките пратеници од британската Партија за независност и од германската Алтернатива за Германија. ЕП стреми кон ограничување на суверенитетот на една национална држава, дополнија  и пратениците од владејачката партија Право и правда од Полска. Против Полска веќе е во тек постапка според членот 7, иницирана од Европската комисија. Унгарија би била втора земја која би се соочила со вакви санкции.

Гласањето во ЕП е денеска. Членот 7 предвидува усвојување на предлогот со двотретинско мнозинство, а во гласањето треба да учествуваат најмалку половината од пратениците. Решавачко ќе биде однесувањето на демохристијанската пратеничка група, во која припаѓа и партијата Фидес на унгарскиот премиер. Претседателот на пратеничката група на христијанските демократи, Манфред Вебер синоќа истакна дека од Виктор Орбан очекува подготвеност за компримиси или извесни отстапки. Со други зборови, во спротивно демохристијаните денеска би гласале против Орбан.

Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми